Стекнувајќи статус на овластен економски оператор (ОЕО) фирмите во меѓународната заедница стануваат препознатливи како кредибилни бизнис партнери, истакна заменик-министерката Ширет Елези на денешниот настан на кој Царинската управа пред бизнис заедницата го промовираше концептот за овластен економски оператор.

– Стекнувањето на статусот овластен економски оператор претставува сертифицирање на трговското друштво како сигурен и безбеден партнер на Царинската управа и сигурен и безбеден партнер во меѓународниот и регионалниот синџир на снабдување. Од друга страна, воспоставувањето  успешен концепт за овластен економски оператор претставува позитивен сигнал што го испраќа Република Македонија како држава во меѓународната заедница. Штом станете овластен економски оператор вие во меѓународната заедница станувате препознатливи како кредибилен бизнис партнер, порача заменик-министерката.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасовски, истакна дека ОЕО е клучна активност што е предвидена во Повеќегодишниот акциски план за регионална економска интеграција на земјите од Западен Балкан усвоен на Самитот во Трст. Притоа ги повика компаниите да се здобијат со статус на овластен економски оператор со цел да можат да се вклучат во регионалните синџири на снабдување во рамките на ЦЕФТА и да ги искористат придобивките и поволностите.

– Во постоечкото трговско окружување, глобалните трговски трансакции во најголема мера се зависни од мрежата на глобалните синџири на снабдување. Царинењето на стоките во прекуграничната трговија е од исклучителна важност за подобрување на конкурентноста, како на извозниците, така на увозниците. Како такво, секоја држава настојува да воведе Програма за oвластен економски оператор со цел да се промовира сигурноста на пратките што се извезуваат или увезуваат, како и да го забрза движењето на пратките, рече тој.

Едвард Гонзалес, директор на канцеларијата за развој во УСАИД, изрази убедување дека поедноставните, побрзи и поевтини прекугранични постапки што им се овозможени на овие компании од статусот на ОЕО ќе им обезбедат дополнителна конкурентска предност и ќе им бидат отворени нови деловни можности.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window