Москва, 18 јуни 2012 (МИА) – Пред повеќе од 90 претставници на руски компании и стопанственици, денеска во Москва премиерот Никола Груевски ги презентираше можностите за инвестирање и условите за почнување и водење бизнис во Македонија.
Груевски, како што соопшти владината прес-служба, во своето обраќање се задржа на поволностите во областа на даночната политика, при што истакна дека Република Македонија го нуди најнискиот даночен пакет во Европа. Тој ги претстави и можностите за компаниите кои ќе одлучат да вложат во технолошко развојните зони, во првите 10 години од отворањето да бидат ослободени од плаќање данок на доход и на добивка.
– Реномираните Форбс и Прајс вотер хаус ја ставија Македонија во првите неколку земји според условите за водење бизнис и ниските даноци. Доколку дојдете во Македонија ќе се уверите во тоа и ќе наидете на пријателски ориентирана Влада која има разбирање за потребите на бизнисмените и секогаш е подготвена да излезе во пресрет за задоволувањето на нивните интереси и потреби, нагласи Груевски.
Во Македонија, посочи, може да се отвори фирма за само неколку часа, за што според оценките на Светска банка, сме едни од најдобрите во светот, а исто така значително се олеснети и процедурите за почеток на изградба на градежни објекти потребни за бизнис, за изградба на објекти или друг вид на капацитети.
– Енергетиката, туризмот, земјоделството се сферите каде што може да дојде до поголем заеднички интерес со поголема интензивирана соработка меѓу нашите две земји, а токму како резултат на добрите наши политики во изминатиов период имаше заинтересираност од повеќе компании од Кина, Катар, Индија,… за инвестиции во Македонија, а веќе неколку компании од САД, Велика Британија, Германија, Италија имаат отворено фабрики кај нас или се во процес на нивна изградба, истакна премиерот Груевски пред присутните руски инвеститори.
Сергеј Катерин, претседател на Руската трговско-индустриска комора која го организираше настанот, истакна дека позитивно ги оценува активностите на македонската Влада за конкретно претставување на македонските бизнис поволности и дека во идниот период Руската комора ќе ги охрабрува руските бизнисмени да реализираат инвестиции во Македонија.
На форумот се обрати и заменик министерот за регионален развој и потпретседател на мешовитата Македонско-руска меѓувладина економска комисија Максим Травников, кој што во своето обраќање стави акцент на енергетиката.
– Русија има инвестиции во енергетиката во Македонија, како што е генеративната гасна централа и компании кои набавуваат машини и опрема за македонските енергетски претпријатија, а следен чекор кој што треба да го направиме е можноста за приклучување на Македонија во коридорот Јужен поток и обезбедување на изградба на гасоводен систем во Република Македонија, за што ќе ги продолжиме нашите контакти и соработка, рече Травников.
Пред претставниците на руската бизнис заедница зборуваше и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Тој се задржа на поволностите во областа на туризмот, особено во рамки на туристичките развојни зони, субвенциите за туристичките оператори кои носат туристи во Македонија, како и на можностите за продавање државно земјиште со почетна цена од едно евро за метар квадратен за изградба на туристички капацитети.
Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески, пак, во својата презентација се задржа на инвестициските можности во автомобилската и фармацевтската индустрија, а се осврна и на можностите за соработка во доменот на земјоделството, особено на потенцијалите за извоз на македонски земјоделски производи на рускиот пазар.
Македонската владина делегација утре ќе присуствува и ќе се обрати на бизнис форум во градот Владимир каде што е предвидена средба со губернаторот на Владимирската област, Николај Виноградов.
За среда е договорено претставување на македонските бизнис услови пред стопанственици од Нижњиј Новогород каде што владината делегација ќе оствари средба и со Валериј Шанцев, губернатор на Новогородската област.
Во четврток и петок владината делегација ќе ги презентира поволностите за отворање и водење бизнис во Санкт Петерсбург на форумот што го организира Трговско-индустриската комора. Најавено е и учество на отворањето и пленарното заседание на Меѓународниот економски форум на Санкт Петерсбург, на кој традиционално учествуваат реномирани економски експерти, аналитичари, бизнисмени и политичари.
Во Санкт Петерсбург владиниот тим ќе има средби со менаџерските тимови на компанијата „Газпром“, чија дејност е производство на природен гас, на „Стројтрансгас“, чиј делокруг на работа е дистрибуција и стопанисување со природен гас, и на компанијата „Лукоил“, која се занимава со производство и трговија на нафта и нафтени деривати.
Премиерот Груевски во Санкт Петерсбург свечено ќе го отвори Почесниот конзулат на Република Македонија, и ќе се сретне со губернаторот на Ленинградската област, Александар Дрозденко.
Вчера вечер, македонскиот владин тим, по пристигнувањето во Москва, имаше средба и работна вечера со претставници на компании од областа на туризмот кои се потенцијални инвеститори во оваа област. Компаниите се сопственици на ланци туристички комплекси во и надвор од Руската Федерација.