Скопје, 24 февруари 2012 (МИА) – Задолжницата е новиот инструмент кој го воведува државата, а со кој приватните компании ќе може да ги наплаќаат побарувањата во должничко-доверителските односи. Ќе стартува од 1 септември годинава, а се очекува да има позитивни ефекти врз финансиската дисциплина на фирмите.
Ова го соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој рече дека Законот усвоен на последната владина седница, е една од мерките предвидени со Програмата на Владата за да им се излезе во пресрет на барањата на стопанствениците за воведување нов, ефикасен инструмент за наплата на побарувањата, кој ќе придонесе за намалување на пристигнатите неплатени обврски, подобрување на ликвидноста на стопанството и засилување на економската активност во државата.
– Се работи за проект кој е подготвуван подолго време и во кој беа вклучени сите заинтересирани и инволвирани субјекти – бизнис заедницата, науката, банките, Централниот регистар, министерствата. Широката дебата и консултации беа потребни за да се утврдат потребите на бизнис заедницата, да се предвидат и надминат можните предизвици и проблеми и да се дизајнира функционелен, сигурен и едноставен инструмент за обезбедување на наплатата на побарувањата, истакна министерот.
Тој појасни дека новиот инструмент задолжница претставува исправа со која должникот – трговско друштво регистрирано согласно Законот за трговски друштва, дава согласност плаќањето на неговите обврски кон одреден доверител да се изврши по присилен пат од сите негови сметки кај сите носители на платен промет. Доколку не се наплати од паричните средства, задолжницата како извршна исправа, може да се наплати и од друг имот. Задолжницата нема да се користи како инструмент за наплата на приватнито сектор со државата.
– Инструментот се однесува на должничко доверителските односи меѓу фирмите каде степенот на информираност за постоењето на податоци за состојбата на должникот не е од такво ниво како што е кога станува збор за државата. Државата е субјект во тој однос се знаат сите параметри за финансиската состојба, рече министерот и додаде дека државата редовно ги измирува своите обврски кон компаниите.
За тоа колкави се долговите меѓу фирмите нема официјални податоци, а за тоа во кои сектори е според него е во делот на услугите, но и во сите други сектори. Министерот не може да предвиди колкав ќе биде интересот за овој инструмент кај компаниите. –Наше е, рече, на барање на стопанството да создадеме инструмен кој може да го користат. Верувам дека оние должници кои имаат чесни намери, кои имаат намера да влезат во должничко доверителски односи со цел да ги испочитуваат сопствените обврски на крајот нема да имаат проблем во издавањето задолжница и тоа ќе го зголеми нивниот кредибилитет, рече министерот.
Процесот на издавање задолжница е целосно автоматизиран и се одвива преку системот на Централниот регистар. Задолжницата ја составува нотар преку Регистарот на задолжници што го води Централниот регистар. Регистарот проверува дали постојат законски пречки за издавање на задолжницата, односно дали износот на задолжницата е во рамки на лимитот од 30 отсто од остварениот вкупен приход на должникот во минатата година, дали сметката на должникот е блокирана или пак е поведена стечајна или ликвидациска постапка над должникот, дали му се изречени санкции за забрана за вршење на дејност. Доколку не постојат законски пречки, на нотарот му се дозволува пристап до Регистарот на задолжници. Нотарот електронски ја пополнува задолжницата и ја печати. Должникот и доверителот ја потпишуваат печатената задолжница, а нотарот ја заверува и му ја предава на доверителот. Истовремено, нотарот става електронски печат на електронската задолжница и ја евидентира во Регистарот на задолжници. Издавањето на задолжницата е доброволна, а фирмата нема да може да го надмине лимитот од 30 проценти бидејќи нотарот ќе има увид во регистарот во реално време. Лимитот е еден од елементите за сигурноста на доверителите.
Воведен е, како што посочи, со цел да се избегне презадолжување на фирмите, со што всушност се штитат доверителите од лоши должници. Друг елемент на сигурност е заверката од нотарот кој го проверува идентитетот на потписниците и овластувањето на органот надлежен за донесување одлуки за задолжувањето со што се избегнуваат судски постапки за докажување на овластувањата. Задолжницата се издава во еден примерок кој му се предава на доверителот. Тој ја поднесува во банката на должникот во одредениот рок на задолжницата и банката е должна да изврши пенос на средства од сметката на должникот на сметката на доверителот во висина на износот на побарувањето. Доколку нема доволно средства на сметката на должникот, банката ја блокира сметката, а наплатата може да се изврши од сите сметки, денарски и девизни, што должникот ги има во другите банки. Ако и на другите сметки на должникот нема доволно средства, задолжницата може да се изврши и од движен и недвижен имот на должникот.
Издавањето задолжница без покритие е квалификувано како кривично дело, за кое е предвидена казна затвор до три години.