18 септември 2016, Скопје – Денеска започна со работа Кол центар, инвестиција на канадската компанија „Уан контакт“, што треба да обезбеди вработување за над 200 лица.
Директорот на компанијата Асиф Чаудари истакна дека процесот за отворање на компанијата започнал пред две години на бизнис форум во Торонто, каде што владин тим ги презентирал можностите за инвестирање во Македонија, по што следувале неколку негови посети на Македонија.
– Македонија со својата стабилна инфраструктура, безбедност, квалитетни ресурси, конкуретни плати и природни убавини е одлична алтернатива и прекрасно место за водење бизнис. Во моментов во компанијата се вработени 25 лица. До крајот на годината нивниот број треба да изнесува 50, а во иднина планираме над 200 вработени, рече Чаудари.
Тој информира дека во моментов преку нивниот систем процесираат половина милион повици, а се надева дека овој број следната година ќе достигне милион. Вработуваат лица што течно зборуваат и англиски и француски јазик.
Министерот за финансии Кирил Миноски истакна дека стратегијата за привлекување странски инвестиции даде повеќекратни резултати, бидејќи во земјава досега се отворија над 17.000 нови работни места.
– Радува најавата на инвеститорите дека планираат бројот на вработени да се искачи до 200 лица, како и дека профилот на вработени што се бара е млад и висококвалификуван кадар, во чиј професионален развој и обучување ќе се инвестира и понатаму. Во тоа е поентата на поттикнувањето на странските инвестиции во земјава – пренесување know-how и отворање нови работни места. Крајните ефекти се зголемување на продукцијата на стоки и услуги, на извозот, на вработеноста и на економскиот раст. Македонската економија е во развој и потребни ни се искуствата и знаењата од поразвиените економии за да го постигнеме посакуваниот развој, рече министерот Миноски.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Виктор Мизо, истакна дека компанијата „Уан контакт“, што е специјализирана во онлајн процесирање податоци и други дигитални сервисни услуги, преку својот услужен центар во Македонија првично ќе врши услуги за клиенти во Северна Америка, а поради специфичноста во часовните зони, се отвора можност за нудење дополнителни услуги на нови клиенти во Европа, што во иднина ќе овозможи и зголемен број работни места. Според него, историски, во нашиот поширок регион аутсорсинг услугите, што се водечки тренд во светот, се лоцираат во Словачка, Полска, Чешка, други земји во Источна Европа, како и во Северна Африка, а Македонија полека но сигурно се приклучува на оваа група земји, што значи вработување млади луѓе што ги зборуваат најзастапените светски јазици и поседуваат добри комуникациски вештини и знаења од областа на информатичката технологија – сметководствени услуги, процесирање податоци и слично.
– Во Кол центарот ќе се вработат над 200 млади луѓе, повеќето од нив на возраст до 30 години. Тоа е дополнителен стимул и во иднина да работиме на отворање квалитетни работни места што ќе ги задржат младите во Македонија и ќе им дадат можност да напредуваат во кариерата со стекнување нови и квалитетни вештини, рече Мизо.
На отворањето на Кол центарот присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој изрази задоволство што активностите што ги имале во делот на промоцијата и привлекување странски инвеститори т.н. роуд-шоуа пред странски инвеститори даваат резултати, затоа што инвеститорите ги препознаваат условите за правење бизнис, се решаваат да инвестираат и што е најважно за нас – отвораат нови работни места.
– Од тој аспект, одлична вест е што денес и официјално Кол центарот започнува со работа, и најави 200 вработувања во наредниот период. Исто така, задоволство ми е што инвеститорот рече дека е задоволен од подготвителните активности и можам да кажам дека работите се поставени во една правилна насока, рече Груевски.