1 јули 2019, Скопје – Од денес стартува владиниот проект „Мој ДДВ“, преку кој граѓаните ќе можат да извршат поврат на 15% од платениот ДДВ. Еве како може да извршите поврат на ДДВ.
Поврат на ДДВ може да изврши секој граѓанин кој:
- има над 15 години
- поседува документ за идентификација (лична карта, пасош)
- има трансакциска сметка и е
- регистриран на системот на УЈП „Е-Персонален данок“ (ако не сте, регистрирајте се на линкот).
Постапката е следна: Секоја фискална сметка од купена стока или користена услуга (до 30.000 денари) граѓаните ќе можат да ја скенираат преку мобилниот телефон и да ја испраќаат преку апликацијата „Мој ДДВ“ (за најава користете го истото корисничко име и лозинка од „Е-Персонален данок“).
За граѓаните кои имаат потреба од поддршка во процесот (на пример: пензионери, социјални категории), Управата за јавни приходи во своите 36 подрачни единици низ земјава стави на располагање: киоск апарати, бар код читачи и паметни телефони преку кои ќе може на лице место да се регистрира фискалната сметка.