Скопје, 21 октомври 2014 (МИА) – За десетина дена ќе почне исплатата на предвиденото зголемување на платите од четири проценти на вработените во јавниот сектор. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вели дека средствата за оваа намена се обезбедени во Буџетот.
– Буџетот е во добра кондиција. Приходите се сè подобри како што изминува годината. Обезбедени се средства и при првата следна исплата на платата вработените во јавниот сектор, значи полицијата, војската, културните, здравствените, образовните, социјалните работници и сите други, како и вработените во администрацијата ќе добијат покачување од четири проценти на платата, изјави вицепремиерот Ставрески одговорајќи на новинарско прашање по денешното потпишување Договор за заем со Светска банка.