2 април 2018, Скопје – Денеска за првпат беше одбележан денот на носењето на првиот Буџет на независна Република Македонија, 2 април 1992 година. По тој повод Министерството за финансии ја организираше Првата годишна конференција, на која се обрати претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за финансии Драган Тевдовски, директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија Линда Ван Гелдер и поранешни министри за финансии на Република Македонија.

Како што истакна премиерот Зоран Заев, одбележувањето на овој ден претставува силен државнички континуитет и оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките и објективните премрежија низ кои помина Република Македонија во изградбата на демократски институции.

– Кога ја формиравме актуелната Влада на Република Македонија, се заложивме својата работа да ја темелиме на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции кои комуницираат и соработуваат со граѓаните – истакна премиерот.

Претседателот на Владата нагласи дека клучните вредности на оваа Влада се транспарентноста, отчетноста и одговорноста. Тој посочи дека во рамки на највисокиот реформски документ Планот 3-6-9, реализирани се мерки токму во оваа насока.

Заложбата за транспарентост и отчетност најдобро се рефлектира во управувањето со јавните финансии, особено при креирањето и спроведувањето на Буџетот, рече премиерот.

Заев посочи дека кога станува збор за транспарентноста на Буџетот и за одговорно буџетско работење, како што е ветено – буџетите се и ќе бидат подготвувани во процес на широка јавна дебата. Во дебатата за Буџетот за 2018 година, како што истакна премиерот, учествуваа невладиниот сектор, експертската јавност , коморите, синдикатите, како и претставници на меѓународните финансиски партнери на РМ. Покрај јавните дебати, во насока на поголема транспарентност, за овогодишниот Буџет беше објавен и „Граѓански буџет“,  а исто така изработени се „граѓански буџети“ за сите министерства одделно.

– Оваа Влада ќе остане на определбата парите на граѓаните повторно да се враќаат кон нив и кон стопанството, откако претходно ќе бидат вбризгани во проекти за унапредување на македонската економија и за подобар живот, и за здравјето на граѓаните – истакна премиерот Заев и посочи дека Владата и понатаму ќе се стреми планирањето на Буџетот да обезбедува услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот.

Министерот за финансии Драган Тевдовски нагласи дека Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата и тој директно влијае врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија.

– Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат, на пример платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца; опремата што се користи во јавното здравството; поддршката за вработување што им се дава на невработените; социјалната помош; поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат; изградбата на канализации, системи за наводнување, училишта, болници, патишта и енергетски објекти. А, секако дека од Буџетот зависат и многу други работи,  што имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија – рече Тевдовски.

Тој се осврна на Буџетот за 2018 година, за кој рече дека ги отсликува клучните приоритети на Владата, како што се економскиот раст, подигнувањето на животниот стандард и социјалната правда, како и интензивирање на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ. Затоа, како што истакна Тевдовски,  во Буџетот за годинава зголемена е поддршката за домашните претпријатија кои отвораат работни места и инвестираат, а предвидени се и повеќе средства за капитални инвестиции, за образование, здравство и одбрана.

Но, како што посочи Тевдовски, во Македонија треба да се престане да се гледа и планира на краток рок.

– Ние во Министерството за финансии започнавме да гледаме на подолг рок. За првпат од независноста, Министерството за финансии има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па сѐ до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување  на системот за јавните финансии во насока на ЕУ стандардите – рече Тевдовски.

Како што истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, со носењето на првиот Буџет на Република Македонија, ѝ покажавме на домашната јавност, а пред сѐ на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и на меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да испланираме и спроведеме буџет, без кој не може да се замисли ниту една функција на државата.

– Во современиот демократски свет, а пред сѐ во рамките на Европската Унија, токму врз основа на донесувањето на Буџетот и врз трошењето на Буџетот се мери и вреднува демократскиот капацитет на одредена владејачка структура и воопшто степенот на демократија во една држава – истакна Џафери.

Претседателот на Собранието се осврна на улогата на Собранието во донесувањето на Буџетот. Како што рече, ако се гледа од нормативен аспект, односно соодветните закони од оваа проблематика како и Деловникот за работа на Собранието и можностите што ги дава за парламентарна контрола на Буџетот, не заостануваме зад развиентите демократски држави. Тој напомена дека Собранието врши контрола на Буџетот и при разгледување на завршната сметка, како и преку пратеничките прашања.

Првиот Буџет на Република Македонија беше донесен на 2 април 1992 година. Министер за финансии кој го предложи првиот Буџет беше Методија Тошевски, додека документот беше потпишан од тогашниот претседател на Собранието на РМ Стојан Андов и тогашниот Претседател на РМ Киро Глигоров.

 

Фотографии од настанот можете да најдете на следниот линк:

https://www.finance.gov.mk/mk/node/7144

Видео од обраќањето на МФ Тевдовски можете да најдете на следниот линк:

 

 

           

Comments are closed.

Close Search Window