Скопје, 15 март 2013 (МИА) – Универзална сала нема да се реконструира, туку на нејзино место ќе се гради нова сала. Нов објект наместо реконструкција на стариот е одлука на Владата поради дотраеноста на речиси 50 години старата Универзална, која не може да издржи доградба каква што е потребно, и за да се зголеми двојно капацитетот на седиштата кои сега се 1.500. Министерството за култура ќе ги почне подготовките за конкурс за идејно решение по завршување на локалните избори.
– По опсежна анализа на стручни лица и на Градежниот факултет се утврди дека реконструкција на Универзална сала нема да реши некои битни прашања околу функционалноста на објектот, администрацијата и околу армирано-бетонската конструкција на објектот. Анализите покажаа дека доколку при реконструкција се врши зголемување на количеството на челичната и бетонската конструкција, објектот не ќе може да ја прифати тежината затоа што е изграден пред 47 години. Такви дополнителни количини на арматура и бетон, според општите параметри, може да се поставуваат на објекти стари до 50 години. Освен тоа, ако се оди со реконструкција, не ќе може да се зголеми бројот на седишта во салата, кои според потребите се планира да бидат од 2.500 до 3.000, изјави министерката Елизабета Канческа-Милевска, која ја посети Универзална заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначлникот на Скопје Коце Трајановски.
Со изградба на нов објект на местото на Универзална, рече таа, ќе се реши и проблемот со административниот простор на оваа јавна установа, кој при реконструкција би бил во доградба надвор од објектот. Со нова градба ќе има и решение за паркирањето, кое со нов проект ќе биде во самиот објект, а не надвор од него како што е сега и како што би останал ако се прави реконструкција. Според пресметките на проектантите, реконструкција би чинела до 11 милиони евра, а изградбата ќе биде поскапа за 20 до 30 отсто.
Министерството за култура од годинашниот буџет ќе ги покрие трошоците за конкурс и проектирање по што, на крајот на годината, се очекува тендер. Објектот ќе се гради во следните години. Рокот не е прецизиран зашто концертните сали се специфични во ентериерот поради сценската технологија и акустиката.
Вицепремиерот Зоран Ставрески изјави дека проекцијата на буџетот дозволува да се планира изградба на нов објект.
– Тоа ќе го предвидиме во буџетите за следните две-три години. Се работи за повеќегодишен проект во реализацијата и согласно фискалната стратегија и проекциите за буџетските приходи и растот на економијата во следните години, направивме детаљна анализа и оценивме дека буџетот на Република Македонија ќе има доволно средства за реализација на овој значаен, капитален проект, во функција на граѓаните на Скопје и на Република Македонија. Буџетот на МИнистерството за култура содржи пари за почеток на проектната и за подготовка на целокупната документација за оваа година. Во текот на следните години, согласно со целосната проценка, ќе направиме динамичка распределба по години, колку е потребно и колку можеме секоја година да алоцираме, со цел проектот да се реализира во најкраток можен рок, рече Ставрески.
Одлуката на Владата за изградба на нов објект за Универзална сала ја поздрави градоначланикот на Град Скопје, под чија надлежност е оваа установа од областа на културата. – Ова е многу значајно за Скопје, зашто овој објект веќе не може да ги задоволи потребите на градот за манифестации што се планираат во него, рече Трајановски.