Министерството за финансии вчера изврши успешна емисија на еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал во вредност од 175 милиони евра. Рокот на доспевање на еврообврзницата е 3,5 години, односно јануари 2013 година. Купонската каматна стапка која беше постигната изнесува 9,875 отсто. Ова е втора еврообврзница која е издадена од Република Македонија.
 
Емисијата на еврообврзницата се случува во турбулентен период во кој многу земји од Југоисточна Европа, кои имаат и подобар инвестиционен рејтинг од кредитниот на земјава, стравуваат од исходот од вакво појавување на меѓународниот пазар на капитал. Мора да се истакне и дека ова е прва емисија на еврообврзници на земја која нема инвестиционен рејтинг од започнување на кризата.За споредба Литванија која е земја со инвестиционен рејтинг и членка на Европската унија на 22 јуни 2009 година издаде еврообврзница во износ од 500 милиони евра со каматна стапка од 9,375%, што не е значително помалку од стапката која беше постигната на еврообврзницата на Република Македонија.
 
Во екот на кризата, постојната еврообврзница на Република Македонија која е издадена во 2005 година, се тргуваше во подолг период со распон над среднорочниот своп за евро валута и над 1000 базични поени, што би значело бараниот принос достигаше и до 14% годишно. Поради тоа, може да се констатира дека за краток период, со активното контактирање со инвеститорите и претставување на состојбите и перспективите во Македонија се успеа бараниот принос да се намали за повеќе од 4%.
 
Интересот за еврообврзницата кај странските инвеститори беше значителен. Оваа хартија од вредност од страна на кредит рејтинг агенциите Standard & Poor’s и Fitch беше оценета со BB и BB+ соодветно. За големиот интерес за купување на оваа еврообврзницата говори и фактот што побарувачката беше поголема од понудениот износ дефиниран во проспектот за издавање за 48,6 милиони евра, а инвеститорската база е географски дисперзирана по целиот европски континент и пошироко и ја сочинуваат инвеститори од Велика Британија (59,9%), Швајцарија (11,3), Бразил (8,6%), Австрија (6,9%), Данска (5,1%), Германија (3,1%), Грција (2,9%), Бенелукс (1,5%), и други земји (0,7%). Главните купувачи се друштва за управување со средства (35,8%), пензиски фондови (22,9%), инвестициони фондови (18,6%), приватни банки (10,8%), банки (7,6%), осигурителни фондови (3,4%), и други (0,9%).
 
Во моментов кога сите земји се борат за привлекување на странски директни инвестиции и влез на капитал, Република Македонија успеа да привлече широка лепеза на инвеститори која ја гледаат како атрактивно (сигурно) место за инвестирање, што е привилегија за секоја земја во 2009 година.
 
Во моментот вкупниот јавен долг на Република Македонија изнесува 1721,9 милиони евра, односно 25,9% во однос на БДП и со оваа операција јавниот долг благо ќе се зголеми за 2,6% поени, што е во согласност со Стратегијата за управување на јавниот долг на Република Македонија за периодот од 2009-2011 година.