18 февруари 2019, Скопје – Поголема транспарентност, усогласување со меѓународните практики и поголем креидбилитет кај меѓународните институции и инвеститори се очекуваните ефекти од измените на Законот за јавен долг кои ги изработи Министерството за финансии, а кои се во собраниска процедура. Со измените се предлага враќање на негарантираниот долг во пресметката за јавен долг.

– Негарантираниот долг беше дел од пресметката на јавниот долг до 2014 година, кога со измени на законот беше изземен. Ова решение беше критикувано од ЕУ веќе во следните заеднички заклучоци од министерскиот дијалог во 2015 година. Беше критикувано и од тогашната опозиција и експертска јавност.Вклучувањето на негарантираниот долг во пресметката на јавниот долг е: прво во насока на поголема транспарентност, второ во согласност со препораките на меѓународните институции како ММФ, Светска банка, Европска комисија, и рејтинг агенции – истакнува министерот за финансии Драган Тевдовски.

Со измените на законот се воведуваат и други решенија и механизми со кои јавниот долг ќе остане под контрола и транспарентно ќе се известува за него. Со измените се враќа изработката на Стратегија за управување со јавен долг како одделен документ. Стратегијата ќе биде тесно фокусирана на управувањето со државниот долг, портфолиото и структурата на државниот долг.

Законските измени предвидуваат и Министерството за финансии да врши кредитна анализа и проценка на кредитна способност на носителите на јавен долг при издавање на државна гаранција, согласно посебна пропишана методологија за проценка. Со ваквиот пристап се прави усогласување со правилата и законодавството на ЕУ при контрола при издавање на државни гаранции. 

Измените на законот се во насока на заложбите на Министерството за финансии за прудентно управување со јавниот долг. Резултат од овие заложби е податокот дека јавниот долг на крајот од минатата година е стабилизиран, односно е понизок во однос од пред две години. Имено ако во 2016 јавниот долг изнесуваше 48,8% од БДП, сега изнесува 48,7%.

Comments are closed.