12 јануари 2018, Скопје – Македонија успешно издаде еврообврзница со историски убедливо најниска каматна стапка од 2,75%. Интересот на инвеститорите беше огромен. Тие беа подготвени да вложат над 3,5 милијарди евра. Ова е најцврст можен доказ дека меѓународните инвеститори веруваат во перспективите на македонската економија и долгорочната стабилност на земјата.

За споредба, претходните пет еврообврзници беа издадени по значително повисоки каматни стапки кои се движат помеѓу 3,975% и 9,875%, односно нивната пондерирана просечна каматна стапка изнесува 5,34%. Со двојно пониската каматна стапка од 2,75%, постигнуваме заштеди по камати во вкупен износ од околу 90,6 милиони евра, во однос на случајот ако се издадеше еврообрзница на истиот износ и рочност, но со повисоката просечна каматна стапка (од 5,34%).

Приливите од еврообврзницата ќе се користат главно за покривање на буџетскиот дефицит. Посликовито, ова ќе се искористи меѓу другото и за повисоки плати и инвестиции во образованието и здравството, поддршка на домашните и странските претпријатија, зголемување на средствата во одбраната заради приближување до НАТО стандардите, интензивирање на капиталните инвестиции и слично.

Покрај ова, со еврообврзницата ќе бидат вратени и претходно направени долгови. На 29 јануари ќе се отплати првата рата на PBG-кредитот земен во 2013 година во износ од 95 милиони евра.

Исто така, ги искористивме поволните услови на меѓународните пазари и урнавме дел од огромниот ѕид долгови со кои ќе се соочи Македонија во 2020 година. Предвреме вративме една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра, издадена во 2015 година, која достасува во декември 2020 година и чијашто каматна стапка на издавање од 4,875% е значително повисока од каматната стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75%. Со ова го намаливме долгот кој достасува во 2020 година и обезбедивме значително понизок ризик на рефинансирање. Македонија првпат во историјата прави ваква операција на предвремено враќање дел од еврообврзница, со што се вбројува во редот на развиените земји каде што ваква проактивна политика на управување со јавниот долг е стандардна процедура.

Со оглед на тоа што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето-задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра.

На крајот, дозволете ми да се заблагодарам на вработените во Министерството за финансии и на сите други институции кои со месеци напорно работеа на овој процес. Особена благодарност до гувернерот на НБРМ со кого заедно пред меѓународните инвеститори ги претставивме перспективите на македонската економија. А, секако, многу важна улога одигра и потесниот тим во Министерството за финансии, кој дури ги жртвуваше празниците за да ја реализираме еврообврзницата во период кога сметавме дека е најголем интересот на меѓународните пазари. Без нив немаше да биде возможен овој резултат на историски убедливо најниска каматна стапка, во кој претходно не веруваше речиси никој, во и надвор од Македонија.

Видеото од изјавата на министерот Тевдовски можете да го погледнете на следниот линк.

 

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.