Скопје, 29 октомври 2014 (МИА) – Индустриското производство во септември е зголемено за 9,1 процент во споредба со истиот месец минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Пораст има во секторите Рударство и вадење камен за 7,7 проценти, Преработувачката индустрија за 12,9 проценти, додека во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има намалување од 15,9 проценти.
Гледано по главните индустриски групи, зголемување има кај Интермедијарни производи, освен енергија за 6,9 проценти, Капитални производи за 64,5 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8,3 проценти.
Опаѓање се бележи кај Енергија за 11,1 проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 8 проценти.
Во периодот јануари – септември индустриското производство е зголемено за 4,8 отсто во однос на истиот период 2013 година.