"Во економијата не постојат готови рецепти!"
ПН: Вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставревски неспорно е клучниот играч и координатор во Владата на Груевски. Тој ги сложува, реди и решава мозаиците, човек е со практична економска визија и искуство, кое му помага да ги процени политиките на меѓународните финансиски институции на долг рок, да донесува решенија. Строго професионален, можеби на моменти и пресериозен, но исклучително скромен, Ставревски за разлика од останатите политичари не делува оптоварен со политичко-партиски багаж, иако е дел од политичка влада. Вели дека во економијата не постојат готови рецепти и токму затоа економијата е предизвик и достоен противник за борба.
Почнувате една година во која од Владата се очекува многу. Се добива впечаток дека Владата се обидува да ги амортизира ветувањата, да зборува дека решенијата и успесите не треба да се донесуваат преку ноќ. Но, почнувајќи од слободните царински зони, па до сите најавиени проекти кои треба да се реализираат, зависат од неколку клучни сектори дури и од Собранието. Како мислите да ги надминете овие пречки кои се реален проблем во целото македонско транзиционо време?
– Реализацијата на ветеното секогаш е предизвик. Две работи се многу значајни. Како прво, да го направите процесот на реформи што е можно поинклузивен. Тоа значи да вклучите колку можете повеќе партиципиенти во него, бидејќи Владата не е таа која може да ги спроведе реформите сама. Таа може да даде тон и да го направи основниот дизајн, но не може сама да ги финализира и одработи проектите. Многу други пропратни субјекти се позначајни за спроведување на одредени реформи. За да го одработат и останатите својот дел, но првично за да ги вклучите во процесите, мора да им објасните што правите, што сакате да постигнете и што се бара од нив. Владата тоа и го прави. На приватниот сектор и на бизнисмените во Македонија, на меѓународните институции, им објаснуваме што сакаме да направиме и што од нив очекуваме. Вториот сегмент е, како правилно да се менџаираат очекувањата на јавноста. Тоа е исклучително значајно за да ја имате јавноста на своја страна, за да бидат реформите и разбрани и подржани и успешни. И покрај успешниот старт на нашата работа ние постојано се обидуваме да укажеме дека очекувањата треба да бидат реални. Од она што можев да го следам во кампањата пред изборите, мислам дека и тогаш и сега, на ист начин се пристапува, а тоа е дека во нашето секојдневие многу работи може да бидат подобри, но подоброто не се случува преку ноќ. Тоа јасно се потенцира. За жал, веќе е формиран еден имиџ за Македонија, во периодот од 15-20 години колку што трае транзицијата. Многу е тешко сега да се менува имиџот кој е карактеристика за земјава. Тоа ни е еден од клучните приоритети. Да “допреме” до јавноста и да направиме атмосфера која од “фаза на очекување” ќе прерасне во “фаза на верување”. Ние не гарантираме дека во се ќе бидеме успешни во тоа што ќе го правиме. За успех се потребни многу други фактори и субјекти. Успехот не зависи само од тоа колку часови ние во Владата остануваме на работа!
Да, но кај нас секогаш е проблем оној тривијалниот дел, субјективен, личен, партиски…
-Тривијалниот дел бара макотрпна, секојдневна работа. Случај по случај, човек по човек, испробување и инсистирање од секого да се извлече максимумот и да се искоординираат работите на начин на кој тоа треба да се направи. Најважен е организациониот аспект. Ако претходно немало редовни состаноци со бизнис заедницата, ние воведовме таква практика. Првата работа што им ја понудив на двете комори, на Националниот совет за конкуретност и Советот за странски инвеститори, е редовно да се среќаваме. На две недели да имаме тематски средби. Истото го направивме со министерствата што доведува до една прецизна координација. Премиерот и јас, ги имаме поделено министерствата и имаме редовни средби каде го анализираме сработеното дотогаш, а се прават плановите и програмите за наредниот период. Значи, се држи една континуирана тензија, од аспект на тоа што е предвидено со програмата и до каде се остварувањата.
Го загатнавте прашањето за бизнис секторот. Исклучително важно оваа година ќе биде подобрувањето на климата за инвестирање во земјава, без разлика дали се работи за странски или домашни инвеститори. Со кои чекори ќе се подобри бизнис климата?
-Краен приоритет е да се подобри бизнис климата во земјава, но тоа вклучува многу компоненти, инструменти и проекти за да се постигне напредок. Јас би го дефинирал тоа повеќе во смисла дека крајната наша цел е да се ослободи креативната енергија, потенцијалот, што постои кај приватниот сектор. Значи, Владата не да ги менџира сите работи и да преферира одредени сектори, да одредува кои од нив ќе имаат потенцијал да повлечат напред. За да се оствари тоа мора да се израмни теренот за игра за сите подеднакво, да се елиминираат олигополските структури во одделни сектори, преку внесување на конкуренција се разбира, затоа што нема друг начин, и преку промена на одредени регулативи каде што тие се штитат. Настојуваме да презентираме една нова слика за Македонија пред инвеститорите. Клима без протежирање, без предности, правила кои важат за сите подеднакво.
Без реформи во катастарот и борба против корупцијата која нема да биде само декларативна, нема да се стигне до некои позначајни резултати.
-Без сомнение е така. Најголем дел од инвеститорите кога зборуваат заошто не инвестираат кај нас, ги споменуваат корупцијата, правото и регистрацијата на сопственост, односно катастарот. Ние и по неколку месеци упорна работа, се соочуваме со проблеми од аспект на изнаоѓање на чисти локации за инвестирање, забрзување на процесот за регистрација на земјиште. Двете области се исклучително тешки за реформирање и бараат подолг период за работа. Верувам дека и во двете области ќе има значајни промени, затоа што јасно ни е, дека се друго да направиме со стопроцентен успех, ако не ја намалиме корупцијата и бирократијата, не сме направиле ништо. Не само во делот на организираниот криминал и високата корупција, туку и онаа ситната, која го малтретира бизнисот и која е премногу раширена. Во Катастарот предвидовме забрзани реформи од една и пол година, предвидуваме негова дигитализација, регистрација на сопственоста на земјиште, процеси кои ќе бидат транспарентни и дигитално решени, за се да оди многу побрзо отколку сега.
Целиот проблем нема да се реши само со едноставна компјутеризација на службата. Таму проблемите се многу покомплексни. Треба ли нештата од корен да се менуваат?
– Тоа ни е јасно. Не можете тоа да го направите во пракса, преку ноќ. Треба да се оди чекор по чекор. Еден од начините да се намали коруптивното однесување е колку што е можно повеќе да се елиминира човечкиот фактор во решавањето на случаите и донесувањето на одлуките. Во тој дел се проба да се воведе дигитализацијата. На среден рок гледано сигурно трансфузијата на кадарот ќе биде неопходна, но и подобрување и подигање на професионалниот квалитет на службениците. Таму каде ќе се констатира дека има кршење на законот, ќе се преземат мерки. Ние не можеме да отпуштиме 800 луѓе колку што работат таму, не се сите корумпирани. Но, факт е дека тоа е област каде се потребни коренити промени и ние ќе ги направиме.
До каде е проектот АМБО?
– -За АМБО не сме дискутирале во Владата. Од наша, македонска страна, мислам дека во оваа и во сите други влади досега, тој проект имал подршка. Прашањето е колку економско и финасиско, уште повеќе политичко и геостратешко. Ние не можеме да влијаеме на инвеститорите, но имаме јасна позиција. Доколку се создадат услови проектот да биде подржан од големите сили, значи од оние кои може да го направат и спроведат, ние немаме причина да не го прифатиме.
Со години проектот за гасификација на земјата стагнира од неразбирливи причини. Како ќе се одвива гасификацијата во иднина?
– Во прашање се суети, лични интереси или некоординираност. Или сите три причини заедно. Токму заради тоа основната наша цел беше да го “одмрзнеме” процесот, да се реализира гасификацијата и да не мудруваме бесконечно. Договоривме со Руската федерација со која е потпишана спогодбата за регулирање на клириншкиот долг, дека со тие средства ќе се финасира гасоводот во Македонија. Тука се предвидени двата прстени. Примарниот околу Скопје и секундарниот прстен како и секундарната мрежа во населбите низ Скопје. Истовремено еден или два крака ќе се повлечат кон внатрешноста на земјата. Доколку не се доволни средствата од клириншкиот долг, ние ќе контрибуираме како Влада и ќе одвоиме средства од Буџетот за да дојдеме до финализација. Тоа е покрупен проект од тие 48 милиони евра што се долг кон нас. Најважно е проектот да се реализира со партнер кој го познава тој бизнис, а за цела Европа тоа е Русија.
Кај граѓаните барем досега не постоеше расположение да се вклучат во инвестирањето на гасификацијата. Зошто сега би било поинаку?
-Тоа е така зашто парцијалните решенија не овозможуваат да падне цената на услугата. Затоа ние предвидуваме целосна изградба на гасоводот што ќе овозможи цената да падне и да им даде сигурност на граѓаните за тоа дека гасификацијата е долгорочен и сигурен проект на кој ќе може да се потпрат, зад кој стои државата. Кога ќе сфатат и граѓаните и бизнисмените дека трошоците може да се намалат и до неколку пати, се разбира дека ќе сакаат да заштедат.
Што ќе се случува во енергетскиот сектор? Поништен е тендерот за продажба на ТЕЦ ,,Неготино,, а сега се распишува нов, во кој се бараат многу помалку пари. Од која логика појдовте?
-Напротив на овој тендер сега се бараат многу повеќе пари. Треба да се разграничат работите – што е купување на бизнисот, а што е инвестиција! Ние сега бараме инвеститорот да плати десеткратно повисока цена за да го добие бизнисот. Ние сега бараме минимум 38 милиони евра , а претходно беа четири милиони евра, што е десет пати повеќе. Вториот сегмент е инвестицијата, која има ефекти за земјата, меѓутоа пред се инвестицијата е значајна за инвеститорот. Нас како на држава ни е важно да ја обезбедиме количината на електрична енергија која ќе ни биде потребна, а таа количина може да се добие и со помала инвестиција. Значи дел од таа инвестиција која беше предимензионирана, имаше директна корист за инвеститорот, бидејќи тој, струјата ќе ја продаваше надвор. Затоа не треба да се мешаат двете работи: што добива Македонија, а што инвеститорот. Нам ни е добро да има поголема инвестиција, но важно ни е да има и баланс меѓу цената што ќе ја добиеме, односно кешот што ќе се плати за да се добие бизнисот и она што ќе се инвестира во наредните пет шест години.
Ќе се реши ли со ова, но и со проектите за малите хидроцентрали за кои со години наназад само се зборува, енергетската криза во земјава на долг рок?
– Крајот на јануари е крајниот рок на кој треба да биде објавен тендерот за малите хидроцентрали. Првите 68 хироцентрали наскоро ќе бидат објавени бидејќи веќе се работи на тендерската документација. Секои наредни шест месеци ќе бидат објавувани тендери за уште седумдесеттина мали хидроцентрали, а во рок од 3 години се надеваме дека 400 хидроцентрали ќе бидат понудени на пазарот. Истовремено ‘е распишеме тендер за комбнирана гасна-топлинска електрана и ќе се реализира изградба на Чебрен и Галиште. Факт е дека сите овие работи можеле да се направат многу порано, за да не се соочуваме со недостиг од електрична енергија како сега.
Покрај ова, Македонија практично остана и без железница. Како ќе ги решавате коридорите 8 и 10?
-Ние објавивме тендери, некаде при крајот на 2007 очекуваме инвеститори и затворање на финансиката конструкција на Коридорот 10 со кредитирање, а во еден дел и со концесија. Доколку нема заинтересирани инвеститори, ние сме подготвени да позајмуваме средства од меѓународните финансиски институции, за да ги заокружиме коридорите. Очекувам, некаде при крајот на годината, да имаме појасна слика колкав дел од коридорите и кои секции ќе може да се концесионираат, а за кои ќе биде потребно кредитирање.
Ќе добиеме ли конечно трет мобилен и втор фиксен оператор?
-На 31 јануари истекува тендерот за трет мобилен оператор, значи во текот на февруари ќе биде донесена таа одлука. Колку што ми е мене познато, се имаат пријавено солидни фирми и очекуваме тој тендер за трет мобилен оператор да биде успешен. За фиксен оператор клучна пречка досега беше економската реалност и рационалната одлука на заинтересираните пред кои беше исправен интерконекцискиот договор. Според договорот, фирмата која би сакала да влезе во бизнисот требаше да му плати на Телекомот 1,7 денари за минута, а Телеком ги нуди истите услуги за еден денар по минута. Која е таа фирма која ќе ја гледа економската оправданост и логика да влезе во фиксната телефонија? Таа фирма во старт не може да биде конкурентна и да привлече потрошувачи. Сега извршивме притисок да се промени интерконекцискиот договор и за три пати да се смалат цените. Наместо 1,7 да биде 0,55 денари по минута. Во такви околности постои економско рацио, некој да се заинтересира за овој бизнис и мислам дека веќе има интерес!
Во малите места и градови во Македонија стопанството е речиси на умирање. Но постојат фирми и компании кои би можеле да работат позитивно, доколку им се пружи шанса, а проблемот е во имотните, акционерските, правните, во предолгите стечајни постапки. Може ли да се направи нешто во оваа насока? Ова е истовремено и социјален, исто толку, колку што е економски проблем?
– Она што се анализира е каде државата може да влијае во тие процеси. Во голем број од тие фирми се работи за приватни кредитори и судски процеси, на кои реално гледано не може да се влијае многу. Онаму каде што државата е дел од постапката и се разбира во работата на стечајните управници каде можеме да влијаеме ние тоа и го правиме. Го променивме Законот за стечајна постапка каде таа треба да се заврши во некој разумен рок до една година. После се, треба да се види има ли можност некоја компанија да се биде профитабилна или не. Да бидам реален и таму работите не одат лесно. Кај нас е креиран еден систем кој ги влече работите надолу. Битно е дека сакаме да ги решиме тие случаи без оглед на исходот! Важно е влегувањето на фирмите на пазарот, но исто току важно е и нивното излегување!
Кај нас се уште срамежливо се зборува за една тема која некои други држави ја направија многу порано, а тоа е враќањето на парите од странство заработени за време на транзицијата, назад во земјата. Дали се размислува на еден вид амнестија, доколку тие се вратат во нашите банки, бидејќи произволните проценки се дека се работи за една до две милијарди евра?
– Да се размислува. Но треба да се биде реален во очекувањата. Ние немаме реална проценка за сумата изнесена надвор, туку само шпекулации. Она што е најважно е практиката од земјите кои го направиле тоа. Искуствата не се којзнае колку позитивни. Се вратило нешто ситно, крупното никогаш. Ова не е нешто што ќе поттикне раст или инвестиции. Тоа може да се случи само ако долгорочно креирате атмосфера и клима во која луѓето ќе веруваат. Доколку се оди на можноста од враќање на парите со некој вид ,,опрост на гревовите,, постои друг момент многу значен, а тоа е да не се креира морален хазард. Односно, да креира очекување дека тоа ќе го направи и втор и трет пат и така натаму. Мора да се испрати јасен сигнал дека можноста ќе биде единствена, затоа што има илјадници граѓани кои покрај немаштијата си ги исдполнувале обврските према државата. Да резимирам, проблемот е деликатен, а искуствата покажуваат дека ефектите не се којзнае колкави.
Колку и да се забрзуваат реформите, она што е сигурно е дека ќе се соочите со социјалните проблеми. Како ќе се справите со социјалното незадоволство?
– Тие што треба да добиваат социјална помош, и понатаму ќе ја добиваат. Предвидуваме нов инструмент за условни социјални трансфери. Да појаснам, условните социјални трансфери ќе ги добиваат жените во семејството, затоа што се поекономични и поодобро располагаат со парите од мажите и второ, трансферите ќе бидат условени од редовното одење на децата во училиште и јавување на здравствени прегледи. Тоа значи еден нов инструмент кој беше применет од страна на Светска банка во земјите од Јужна Америка, а се покажа како ефикасен инструмент, кој дава резултати во борбата против сиромаштијата и на краток и на подолг рок. Во социјалата нема во никој случај да креираме паралени системи. Само затоа што некој работел 10 – 15 години, па добил отказ не може да биде ставен во посебна рамка, заразлика од некој што 15 години не бил вработен. Тоа создава нерамноправност со другите граѓани.
Некои аналитичари и политичари предвидуваат дека во Македонија по враќањето на Хашките случаји уште повеќе ќе се компликува и така лошата соработка меѓу власта и опозицијата. Ќе поработите ли во иднина малку поагресивно и на овој план?
-На ниедна влада не и одговара заострување на односуте со опозицијата, а тоа не е добро ни за земјата воопшто! На нас како Влада е одговорноста да изнајдеме начин како да ги подобриме тие односи, да ги релаксираме и да ги поставиме на коректна основа. Политичката култура мора да биде на ниво. Работите не треба да се сведуваат на лични навреди и нетрпеливост, туку на политички разлики. Ние правиме се за ги објасниме нашите чекори, проекти, предлози, програми и ќе бидеме и натаму отворени за соработка за одредени процеси да се реализираат побрзо и подобро.
Ќе има ли реконструкција на Владата?
-За ова прашање некако секогаш постои интерес. Постоење на една тензија од аспект, секој од нас да биде променет е здраво! Нé стимулира да работиме поодговорно и поквалитетно, да не се опуштиме. Од тој аспект сметам дека прашањето на реконструкција за која се почесто се зборува, како латентна појава или можност, е нормална и очекувана во секој момент. Но сега засега, оперативно нема таква најава, ниту пак според мене, има потреба од тоа. Владата функционира добро, Вие можете да донесете и поквалитетен човек на некое место, но ако тој не се вклопува во тимот, ќе направите повеќе штета отколку корист. Второ, треба да ни се даде реална можност и време, за да се оцени нашето работење. Јас мислам дека е најбитно дали Владата како тим функционира или не. Лично мислам дека се зависи од вкупната хемија во Владата.
Кај нас е практика реконструкциите да доаѓаат предоцна, кога штетите веќе се направени во одредени сектори. Може ли повторно тоа да се случи?
– Јас мислам дека е природно некои да влечат, некои да следат. Не може сите 15 луѓе да имаат иста креативна способност, иста динамика, иста кондиција или човечки квалитети. Најважно е дали постои една композиција во рамките на Владата која ќе ги влече работите напред. Се додека е така ќе биде во ред.
Се добива впечаток дека одредени министреи не го сфаќаат тоа што Вие како глобална политика го презентирате во јавноста?
– Немам лично таков впечаток. Мислам дека е природно со оглед на карактерите, искуството, заради други елементи, некои работи различно да се презентираат, но суштината е иста.
Искуството од Вашите предходници говори дека најмал проблем е нешто да се договори на ниво на Влада. Но тие одлуки потоа не функционираат поради непослушност на некои членови, затоа што тие и јавно велеа дека не одговараат пред премиерот, туку пред партиските лидери. Истото се случуваше и на пониско ниво. Имате ли и Вие слични проиблеми и имате ли рецепт како тоа се решава?
– Според мене ако тоа се случи, тоа ќе биде тежок удар врз Владата. Првото што го направивме кога се договараше коалицијата, беше да се обединиме врз економскиот дел, односно екон0мската програма. И тоа го направивме. Ако на почетокот ги поставите работите на цврста основа треба да се очекува сите да се придржуваат кон тоа. Сите ние ставивме потпис и одлучивме дека економската програма е таа околу која се обединуваме. Најлошо што може да и се случи на Владата е тоа партиските работи да надвладеат над се останато! Засега работата функционира одлично, имаме разбирање за сите проекти и нема проблем околу тоа кој ги предложил, кој треба да ги донесе и тоа да го сработи. Ако тоа така функционира и понатаму, имаме шанси да бидеме успешни. Се друго ќе води кон неуспех. Ова е клучен тест за тоа колку коалиционите партнери се сериозни во своите намери.
Лична карта:
Роден: 29 октомври, 1964 во Охрид.
Семејство: сопруга Антонета, консултант за Светска банка, магистер по економски науки, и ќерка Катерина 5 години.
Хоби: спорт, играње фудбал (министрите против обезбедување губат 2:0), прошетки со семејството, гушкање со ќерката
Животно мото: Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален. Храброста да продолжиш да се бориш, е она што е најважно.
Омилено јадење: сарма