"Не сме поубави од СДСМ, само имаме аргументи"
"Не сме поубави од СДСМ, само имаме аргументи"
Вест: Пресметавте ли колку ќе не чинат изборите? Изјавивте дека до избори возите во четврта, а потоа и побрзо. Како, кога пред избори се запира, фирмите се резервирани, странските инвеститори чекаат исход од изборите, запираат тендерски постапки?
Ставрески: Поентата на тоа дека по изборите ќе возиме побрзо беше да укажам на тоа кој ќе има можност да седи на седиштето на возачот. А во однос на брзината, ние покажавме дека со реформите работиме динамично и, независно од тоа дали ќе се распишат избори или не, остануваме посветени на реформите и проектите. И после тоа мора да се продолжи уште поинтензивно на нивна реализација.
Вест: Ама ќе се изгубат два месеца!
Ставрески: Од реакциите на инвеститорите слушнавте дека ниеден од нив не го постави тоа како прашање. Во сите земји се случуваат избори, во соседна Србија има многу чести избори, па нивната стапка на економски раст и обемот на вкупни инвестиции се постојано високи. Чешка беше седум-осум месеци без влада, а тоа беше период на највисока стапка на економски раст. Ако имате здрави економски политики и поставено добра бизнис клима, нема причина да дојде до забавување на инвестициите и на економскиот раст.
Вест: Кај нас кога не сме во избори, се одложуваат клучни тендери како, на пример, за Чебрен и Галиште, па како ли ќе се реализираат во период на избори?
Ставрески: Видете, вкупниот изборен процес ќе трае два до три месеци, не се работи за нешто што е ненадоместливо, во услови кога имате неефикасно Собрание кое многу пати по два-три месеци потроши на блокади, амандмани и слично. Факт е дека клучната причина зошто ние како политичка партија ги поддржавме овие избори е неефикасноста на Собранието и неможноста да ја следи динамиката на работа на Владата во овој клучен период.
Вест: Не можеше ли следните три месеци покорисно да се употребат, да поминат преостанатите закони?
Ставрески: Кој гарантира дека во тие два-три месеци Собранието ќе биде ефикасно. Веќе една и пол година слушаме не е време, не е време. Изборите се демократски инструмент. Треба да ја имаме предвид големата слика. Не станува збор за два-три месеци туку за чиста ситуација во која ќе имате поинаква структура и на Собранието и на општиот политички амбиент во државата каде што ќе може подинамично да се донесуваат одлуките и да има поизразен политички мандат за носење поважни одлуки.
Вест: Значи, економски гледано, Македонија ќе има полза од овие избори?
Ставрески: И економски и политички.
Вест: Влегуваат ли министрите во супермаркет? Се менуваат и договорените цени со трговците, другите постојано скокаат. Инфлацијата драматично скокна над 10 проценти. Како ќе успеете да ја симнете на 5 проценти, дотолку повеќе што препораките на ММФ не ги прифаќате?
Ставрески: Имавте можност неодамна да слушнете од ММФ дека инфлацијата ја предизвикуваат надворешни фактори – цената на храната и на енергенсите. Тоа не значи дека ние не настојуваме преку инструментите кои ни стојат на располагање да ги ублажиме инфлаторните движења, и тоа веќе се реализира. Централната банка повлече инструменти, од фискалната политика наплатата оди добро и нема дополнителни трошења. Со тоа се влијае врз намалување на вкупната агрегатна потрошувачка. Но не сакаме тоа да го правиме на штета на инвестициите. Остануваме на ветувањата да ги реализираме покачувањата на платите на државната администрација и на пензиите зашто и со тие зголемувања фискалната политика е под контрола и буџетскиот дефицит нема да надмине 1,5 отсто. Со водењето разумна фискална и монетарна политика и со тоа што во втората половина од 2007 базата е повисока, ќе дојде до намалување на инфлацијата.
Претходно немавте ни инфлација ни дефицит во тековната сметка. Имавте мочуриште каде што ништо не мрда. Една слика на мртва природа, и ММФ не тапкаше по рамо и викаше одлични сте вие, продолжете вака, важно инфлацијата да е ниска, и таа доаѓаше и во зона на дефлација.
Сега се случуваат работи карактеристични за една доброрастечка економија, што не значи дека не треба тие ризици да се држат под контрола. Во најголем број земји во светот, кои имаат највисок економски раст, инфлацијата е 5, 6 или 7 отсто.
Вест: Како овие здрави политики ќе ги спроведува една техничка влада и дали нема се да излезе од контрола во изборните месеци?
Ставрески: Одговорот е едноставен – за да излезе од контрола, треба да имате Собрание кое ќе изгласа ребаланс на Буџетот. Ние имаме вишок на приходи, и тие, и да сакаме, не можеме да ги потрошиме без ребаланс. Втора работа е што ние планираме и по овие избори да сме на власт, што значи не ни се исплати да водиме неодговорна политика.
Вест: ММФ имаше забелешка дека покривањето на загубите на МЕПСО и на ЕЛЕМ ќе чини повеќе од предвиденото. Пресметавте ли колку?
Ставрески: Тоа ќе се знае при крајот на годината, кога ќе завршат сите увози.
Тие пресметки ги прават МЕПСО и ЕЛЕМ, а ние сме подготвени од Буџетот да издвоиме онолку средства колку што се потребни за да не се влоши финансиската ликвидност на овие претпријатија и да можат нормално да извршат увоз на електрична енергија. И со тие средства Буџетот останува со оние 1,5 отсто дефицит. ММФ кажа дека наша политика е како ќе ги решиме тие прашања, но битно е да бидат адекватно буџетирани.
Вест: Покривање на ваков трошок не е буџетски расход?
Ставрески: И двете се државни претпријатија, не се приватни.
Вест: Но тоа не е буџетски расход, струјата е нешто што го трошат граѓаните?
Ставрески: Граѓаните трошат се, и образованието, и здравството.
Вест: И од ММФ го прифатија тоа?
Ставрески: Па ни го прифатија. Малку на шарм, малку на аргументи. Сигурно не сме поубави од нашите претходници. Значи, се работи за силата на нашите аргументи.
Вест: Зошто го штитите Чингоски?
Ставрески: Па мора некој да го штити, сите го напаѓате! Шегата настрана. Значи, секој од нас си има права со функцијата која ја добива, како и обврски и одговорност. Таму каде што се оценило дека работата на ЕЛЕМ може да се подобри, сме укажувале и сме инсистирале на тоа. Чингоски е исто толку критикуван и фален колку и сите други, согласно потребите.
Вест: Има информации дека премиерот сакал да го смени, а вие сте го бранеле Чингоски оти неговата смена ќе го нарушела имиџот на Владата?
Ставрески: Тоа не е вистина. Ако премиерот оцени за кого било од нас дека треба да биде сменет, премиерот е премиер, ќе го направи тоа.
Вест: Конкретно во Собрание ве обвинија дека со Чингоски, Здравев и со Коњановски користите сиви зони во РЕК "Битола" за бизнис зделки?
Ставрески: Би сакал тие коментари да дојдат надвор од собраниските клупи, и тогаш би реагирал.
Вест: Како ќе реагирате, тогаш реагиравте само со закана за тужба?
Ставрески: Затоа што пратеничкиот имунитет не дозволува да поднесете тужба. Но тоа е повторно составен дел на политичката култура или некултура на тие што го прават тоа.
Вест: Обвинуваат дека и партиските пари се црпат преку тие бизниси во енергетскиот сектор?
Ставрески: Јас лично можам само за себе да кажам што работам. Иако не е пријатно да ги слушате тие работи, можете да реагирате преку судска постапка, доколку тоа се направи на прес-конференција или на друг начин. Ако тоа се повтори на такво место и на таков начин, би можел да реагирам и да го заштитам својот интегритет. Но очигледно е дека на тие што го прават тоа добро им се познати политичките трикови и затоа го прават на таков начин. Нивниот рејтинг го рефлектира и мислењето на граѓаните за нив.
Вест: Тендерите во енергетиката беа затоа што сите беа потребни, а не затоа што некој сметаше дека треба да има тендери? Дали е така, зашто сите овие шпекулации произлегуваат од ова?
Ставрески: Веројатно, како и во секој друг сектор каде што тендерите се однесуваат на покрупни работи, привлекува посебно внимание. Но основаноста или неоснованоста на тврдењата е друга работа, и јавноста треба да види што е основано, а што не. Верувам дека јавноста тоа добро знае да го процени. Секој кога зборува на јавно место е свесен дека зборовите тежат, можеби повеќе за самиот себе отколку за оној кому се наменети. Тоа е рефлектирано и во рејтингот на тие што го прават тоа и на политичката партија која тоа го прави.
Сметам дека е време за една друга политичка култура во Македонија, во која многу повеќе ќе се разговара за аргументите.
***
"Мистер тендер" е одраз на политичка култура
Вест: Сте чуле ли дека во партиски кругови ви го ставаат прекарот Мистер тендер?
Ставрески: Мислите во СДСМ круговите?
Вест: Тоа е како да фрлите камче во вода, круговите се шират.
Ставрески
: Јас сум го чул она што го прави СДСМ и што е англиски вокабулар за нешто што е прилично лоша балканска навика. Тоа е плукање во политиката. Моето ниво на култура и политичка култура е повисоко од тоа, и не би сакал да коментирам повеќе. Право е на тие што тоа го прават каде ќе плукаат, кого ќе плукаат, колку ќе плукаат. Тоа зборува повеќе за нив отколку за кого било друг.