"Трошиме пари, ама со ефект"
Вест: Изостанаа крупните странски инвестиции. Зошто немаа ефект големите маркетиншки кампањи за кои беа потрошени поприлично буџетски пари?
Ставрески: Инвестициите годинава се повисоки отколку која било претходна година, иако допрва очекуваме повеќе крупни компании да влезат во Македонија. Се очекува во вторник Бордот на Џонсон Мети да ја потврди конечната одлука за инвестирање во Македонија. Инвестицијата ќе биде многу поголема отколку што претходно се говореше – околу 100 милиони фунти. Тие решија да пренесат во Македонија и бизниси од други делови во светот, и тоа уште во првата година од нивното работење ќе резултира со извоз на нивни производи од Македонија од 650 милиони долари во 2009 и над една милијарда долари во 2010. До третата година ќе достигнат околу 3,5 милијарди долари извоз, што драстично ќе ја смени економската слика за Македонија. Има најави од други компании кои соработуваат со Џонсон Мети дека до крајот на јануари ќе донесат одлука за инвестирање во Македонија.
Вест: Џонсон Мети неколку години одлучува дали ќе дојде во Македонија. Друг инвеститор, откако почна кампањата, не видовме
.
Ставрески: Ако Џонсон Мети бил претходно заинтересиран, зошто го избркале од Македонија? Или пак како во случајот на еден друг гигант-Ауди-се штителе нечии интереси на штета на развојот. Во 2007 дојдоа Мобилком, Агрокор, Триглав осигурување, Кејблрејд, шведската млекарница, Сосиете Женерал, англиски инвеститор во Битолската млекарница, ги рестартиравме рудниците со Бинани. Но, се согласувам дека инвестирањето подразбира подолгорочен процес, потребни се години и не може да се очекува од кампањата на Владата уште во првата година полн резултат. Ние тврдиме дека во 2008 ќе дојде до вистинските ефекти од промотивните активности на Владата. Но, значајно е дека веќе крупни имиња се одлучуваат за Македонија.
Вест: На оваа тема жестоко ве напаѓа и опозицијата
.
Ставрески: Какви било реакции не можат да не поколебаат. Опозицијата, морам да кажам, не го разбира концептот во целина. Од друга страна, меѓународните финансиски институции најрелевантни за институционалната поставеност за привлекување странски инвестиции, дадоа највисоки оценки и ја покажаа Македонија како позитивен пример.
Вест: Меѓународна оценка е и дека паднавме многу ниско со конкурентноста, од регионот само Босна е зад нас.
Ставрески: Тоа не е точно. Сакам да појаснам зошто опозицијата не го разбира или не сака да го разбере концептот за промотивната активност. Наша цел не е само економска, туку и политичка промоција преку таа кампања, за Македонија да се чуе во светот, затоа што многу малку знаат за Македонија. Со ова допираме до политичарите, до оние кои треба да решаваат дали Македонија ќе влезе во НАТО, дали Македонија ќе добие политичка поддршка за евроатлантските интеграции, до сите луѓе кои имаат влијание во светската политика. Тоа е онаа суптилна димензија на нашата кампања, што многу малку ја разбраа во домашната јавност, а опозицијата уште помалку го признава тоа. Секој странец што ќе дојде, без разлика дали зборува за политички или економски теми, зборува за Македонија, ја препознал и запознал по таа кампања. А светот е конкурентен и вие мора да го направите тоа на професионален начин. Не можете да излезете со мало огласче во безначаен весник, е тоа е трошење пари без ефект. Ние ќе докажеме дека промоцијата има ефект, во 2008 многу од тие инвеститори што преку кампањата ја запознале Македонија ќе донесат инвестициони одлуки. Сигурен сум дека 2008 ќе биде најдобра инвестициска година за Македонија.
Вест: Слаби сме со она ниво на администрација што треба да преговара за влез во ЕУ. Од администрацијата излегуваат тврдења дека не е подготвена за отворање поглавја со Унијата?
Ставрески: Мислам дека Македонија е целосно подготвена. Во коментарите на претставниците на ЕУ нема критики за квалитетот на луѓето што преговараат. Мое лично мислење е дека Македонија и во однос на условите, технички гледано, ги има исполнето сите услови за да добие датум за преговори. Повеќе е прашањето на политичка одлука на Унијата. Македонија и уште како ги исполни условите за добивање датум за преговори. Комплетирањето на судски совет не е причина да не добиете датум. Да, тоа е потребно, но секогаш ќе има нешто што ќе остане незавршено, имаа и Бугарија и Романија, има и Хрватска, имаат сите. Прашањето е политичка одлука за добивање членство. Се работи за интерни процеси во самата Унија, поклопување на одредени коцки во мозаикот, кои во овој момент не се најповолни за Македонија. Ние ќе ги направиме реформите, пред се, заради нас, но сакам да кажам дека ако од десет услови девет исполните не може да се каже дека не сте зрел за добивање датум. Од насоките што ги добивме нема ниедна работа што е толку проблематична за да не може да се даде датум за преговори.
Вест: Аналитичарите велат дека вложувањето 45 милиони евра во субвенции во земјоделството е само купување на земјоделците како гласачи, зашто учеството на земјоделството во вработувањето и во бруто – домашниот производ е ниско, и дека подобро е тие пари да се вложат во инфраструктура зашто инвестициите доаѓаат преку добри патишта?
Ставрески: Во приоритетите на Владата влегуваат и земјоделството и инфраструктурата. Кај земјоделството издвоивме осум пати повеќе средства отколку во 2006, а кај инфраструктурата го зголемивме износот на капитални инвестиции во 2008 за 150 милиони евра, во однос на 2007/06 или од 3 на 5,5 проценти од БДП. Двете се битни и за двете најдовме пари. Сметам дека во земјоделството треба уште поголема инвестиција, зашто има потенцијал за извоз и за вработување на понискоквалификуваната работна сила. Поддршката треба да се даде во некои дејности од земјоделството, што треба да биде добро осмислена, да не биде стихијна и да не биде менувана од година во година. Секоја мерка што помага на голем број граѓани може да се толкува вака или онака.
Вест: Цената на нафтата скока, а Владата е зачудувачки мирна. Во некои ЕУ земји владите веќе се откажуваат од дел од акцизите. Што ќе стори нашата влада?
Ставрески: Како и кај сите берзански производи цената на нафтата варира и што било да се преземе подразбира од друго место да се одземе. Немаме намера да интервенираме во тој дел, тоа би отворило проблем во Буџетот и Владата не ја разгледува таа мерка.
Вест: Искуството покажува дека секој инвеститор проблемите ги решава во преговори со премиер. Актуелни се случувањата со ЕВН и нивни претставници дојдоа во Скопје и чекаат покана од премиерот Груевски за преговори, зашто измените во Законот за енергетика им го нарушуваат бизнис планот?
Ставрески: Ако се работи за голем инвеститор кој планирал да инвестира или инвестирал во земјава, тој сака да има нормална комуникација со премиерот или вицепремиерите. Тоа значи дека се добредојдени во земјава И тие треба да знаат што се политиките на Владата. Значи, постои нормален професионален однос во тој дел.
Вест: Во ред, но ЕВН сега се најде во тесно, бара средба и очекува тука да го најде решението?
Ставрески: Не би се согласил. Во односите со ЕВН, целокупните разговори беа со мене и со Рафајловска. Значи, има распределба на работите. Се разбира, премиерот доколку има потреба ќе се сретне со кој било од инвеститорите. Ние сме отворени за средби, дури и кога не се согласуваме за некое прашање со инвеститорите.
Вест: Дали со ЕВН му се реванширате на СДСМ што не го почитуваше договорот со "Хеленик петролеум" за ОКТА, па сега вам ви остави да ги санирате последиците од тужбата во Париз?
Ставрески: Понекогаш работите и одговорите се многу поедноставни отколку што се имплицира во прашањата. Значи, никаква врска нема со СДСМ или нивниот однос кон "Хеленик петролеум". Односот на СДСМ кон "Хеленик петролеум" во 2003 кога се прекрши меѓународниот договор, направи штета за Република Македонија од 53 милиони долари плус камати, вкупно 69 милиони долари. Во релацијата меѓу Владата и ЕВН се работи за сосема друго, односно за промени на енергетскиот пазар кои не се составен дел на договорот со ЕВН.
Вест: ЕВН најави тужба. Целите ли и вие на СДСМ да му оставите во наследство тужба со пресуда да му се надомести штетата на ЕВН?
Ставрески: ЕВН како и секој инвеститор има право на тужба доколку смета дека е оштетен. Ние сме убедени дека нема основа за такво нешто, нема одредба во договорот која им создава правна основа за такво нешто. Тие беа целосно вклучени во разговорите за промени на Законот за енергетика и целокупниот модел на енергетскиот пазар. Сите работи кои ЕВН ги побара да ги намали загубите ние ги прифативме. Но, нема да дозволиме ЕВН да диктира какви треба да бидат вкупните услови на пазарот, ниту пак граѓаните преку повисока цена на струјата да плаќаат за нивните загуби. Техничките загуби беа утврдени на ниво од 11 проценти уште од 2004 година. Не е нешто што се менува сега. Тие треба да ги почитуваат законите во оваа земја и сопствените обврски за инвестирање, а не да се закануваат или да уценуваат.
Вест: Загубите нема да се покриваат од Буџетот и целосно ги префрливте на ЕСМ. Државните компании МЕПСО и ЕЛЕМ веќе нема да го носат товарот. Пазарот така е скроен што в година ќе излезете пред граѓаните и ќе им речете, ете, ви рековме дека цената на струјата нема да се зголеми?
Ставрески: Ние го плативме ручекот во 2007 година од наши буџетски пари. Време е ЕВН сега да си плати за неефикасноста во намалувањето на комерцијалните загуби.
Вест: Колку не чинеше ручекот?
Ставрески: Во 2007 година во МЕПСО ние моравме да интервенираме со буџетски пари од 20 милиони евра, пари на граѓаните, а ЕВН истата година не инвестираа доволно за да ги намалат загубите. Сега воспоставуваме еден рамнотежен, фер однос. Ние сме платиле претходно и сега тие треба да платат и да инвестираат. И нема да попуштиме на тоа, ќе докажеме дека немаат инвестирано колку што е утврдено во договорот. ЕВН требаше првата година да реализира 35,5 милиони евра инвестиции. Тие реализираа само 10,5 милиони евра. И ние ќе им го докажеме тоа. За разликата ќе треба да платат пенали, околу 11-12 милиони евра. Ќе ги добиеме тие пари, како што во обратни ситуации други добиле пари за отштета од државата.
Вест: Ќе им обезбедите ли услови да инвестираат во некои села каде ги чекаат со вили, секири, па и со калашникови?
Ставрески: Секогаш кога побарале, добиле поддршка. ЕВН ги знаеше условите во Македонија кога ја купи компанијата и затоа ја купи за 225 милиони евра. Инаку ЕСМ ќе чинеше милијарда и 225 милиони евра.
Вест: ЕЛЕМ најавува дека в година ќе закупи термоцентрала за да обезбеди увозна струја?
Ставрески: Она што сега практично размислуваме е ТЕЦ Неготино да се активира во 2008 година. Производството на ТЕЦ Неготино заедно со вишокот на производство од ЕЛЕМ, по некоја упросечена цена да им се понуди на големите производители. Доколку се дојде до некоја таква цена којашто ќе биде прифатлива за ЕЛЕМ, да работи профитабилно, а истовремено и за големите потрошувач, ние ќе им помогнеме да го пребродат овој период.
Вест: Што ќе му понуди Владата на "Хеленик петролеум" во преговорите за пресудата?
Ставрески: За нас е прифатливо само исплата во пари. Нема да прифатиме никакви преговори за компензација, исплата во облик на земјиште, оптички кабел или слично, бидејќи се нетранспарентни. Околу каматите ќе се договориме во периодот на преговори да не течат каматите, а за износот ќе преговараме. Ние немаме избор, ја признаваме судската пресуда. Но, сметаме дека имаме добри аргументи дека Македонија не треба да плати толкав износ, и ќе ги презентираме пред инвеститорот.
Вест: Се говори дека не стоите добро со министерката Рафајловска, а само нијанса подобри биле вашите релации со Славески, кого морате да го трпите зашто е потпретседател на партијата. Дали ова нетрпение се должи на различни бизнис агенди?
Ставрески: Не, многу се сакаме со Рафајловска и Славески. Видовте колку спонтано се изгушкавме со министерката на приемот за моето назначување за претседавач со Годишното собрание на ММФ и Светска банка за 2008, а одигравме и едно танго при прославата за раѓањето на Анастасија.
Вест: Излеговте со спротивставени изјави?
Ставрески: Само користевме поинаков јазик да се искажат истите работи. Рафајловска ја почитувам како човек и како колега. Многу повеќе медиумите се занимаваат со нашиот однос отколку што ние самите сме имале некакви проблеми. Со министерот Славески сме долгогодишни пријатели и соработници и релацијата е одлична.
Вест: И вие сте еден од министрите што примале по 3.700 долари месечно како надомест за одржување на имотот во странство.
Ставрески: Целосно е неточно. Не примам никаков надомест ниту сум побарал некаков надомест. Станот што го имам во САД целосно е исплатен од сопствени заштеди, уште додека живеев таму.
Вест: Ве промени ли власта? Се гледате ли со старите пријатели?
Ставрески: Лично мислам дека не ме промени. Се обидувам да ги задржам истите принципи, морални вредности и односи кон луѓето од претходно. Но, имам помалку време за себе, за семејството и за пријателите. На таа промена не можам да влијаам, бидејќи не располагаш сам со своето време. Но, сметам дека останав ист и едноставен.
Вест: Кум сте му на премиерот. Кој кого кара, кумот кумашинот, или премиерот вицепремиерот?
Ставрески: Кумството не е за карање, туку подразбира грижа за Анастасија од моја страна како кум, а родителите засега се покажаа добри и внимателни кон неа, така што нема причина никого да карам. А, се разбира, премиерот се случува некогаш да го искара вицепремиерот, како и сите министри, тоа му е работа. Но, во целина сметам дека односите се коректни, многу ретко се случува да имаме несогласувања по одредени прашања и тие ги решаваме преку презентација на аргументи, не преку карање.