"Над 500 милиони евра од буџетот за земјоделците до 2012!"

 

"Над 500 милиони евра од буџетот за земјоделците до 2012!"

 

-Претходните избори ВМРО-ДПМНЕ ги доби токму со атрактивната и добро изготвена економска програма. Сега повторно се предлага истата програма, надоградена и проширена. Колку чекори во изминатите две години изодевте и што ново сега се предлага да се направи на планот на економијата во следните четири години?

Ставрески: Првпат во историјата на Македонија партијата која ги доби изборите доследно ја спроведуваше својата изборна програма. За помалку од две години реализиравме се од нашата економска програма и тоа во роковите кои ги ветивме. Затоа, ќе ве исправам, ние не ја предлагаме истата програма. Ние предлагаме продолжување на претходната програма “Преродба во 100 чекори – проширена и надградена”, континуитет на реформите и стотици нови проекти, со конкретни рокови и конкретна одговорност со име и презиме за нивна реализација. Фокусот повторно ќе биде на економијата, односно подинамичен развој на приватниот сектор преку натамошно подобрување на бизнис климата, намалување на трошоците на фирмите, стимулирање на домашните инвестиции, привлекување на странските инвестиции, реализирање на големи инфраструктурни проекти во транспортот, енергетиката и комуналната сфера во сите населени места во земјата.

Ќе продолжиме со намалување на трошоците за приватните претпријатија преку една значајна реформска мерка: намалување на придонесите од плата за една третина. Тоа го бараат бизнисмените и ние имавме, како и досега, слух за нивните барања. Со тоа ќе се постигне натамошно намалување на трошоците на фирмите, кое веќе започна со намалувањето на персоналниот данок и данокот на добивка на најниската стапка во Европа од 10%.

Воедно за натамошно подобрување на бизнис климата ќе реализираме преку 50 конкретни реформски мерки во кои се инкорпорирани најдобрите светски искуства, а регулаторната гилотина ќе биде континуиран процес. Предвидено е да се применува концептот на бруто- плата, со што дел од користа од намалувањето на даноците и придонесите ќе го почувствуваат и работниците. Неоданочувањето на реинвестираната добивка ќе продолжи и натаму, што се покажа многу значајно за зголемување на домашните инвестиции.

 

-Невработеноста во Македонија се уште е на рекордно високо ниво во поширокиот регион. Кои се конкретните мерки со кои може да се намали невработеноста? Колку работни места и во кои сектори се отворени во изминатите две години? Дали и колку концептот на намалување на придонесите може да го ублажи овој проблем?

Ставрески: Невработеноста е сериозен проблем. Таа не се намалува со бришење од евиденција како што правеше СДСМ порано и како што најавија дека повторно ќе прават. Невработеноста се намалува со висок економски раст, развој на приватниот сектор и реално креирање на нови работни места. За тоа се потребни добар бизнис амбиент со ниски даноци, и многу инвестиции. Во 2007 година инвестициите реално пораснаа за повеќе од 15%. Само во четвртиот квартал тие реално се зголемија за повеќе од 40%. Во 2007 стапката на инвестиции изнесуваше 24,2% од БДП наспроти 21,9% од БДП во 2006 година, со што се доближуваме до брзорастечките економии.

Од септември 2006 година до крајот на 2007 година, Владата создаде услови за отворање на 28 илјади нови работни места, а бројот на вработени лица достигна 594 илјади што е највисока бројка од 2003 година досега. Притоа, во индустријата се отворени 11 илјади работни места, во транспортот и комуникациите 10 илјади во финансиските услуги две илјади работни места, а пораст има и во трговијата. Во истиот период бројот на невработени е намален за осум илјади лица, а сите овие податоци се јавно достапни на веб страната на Државниот завод за статистика.

Покрај создавањето на подобри услови за бизнис и инвестиции кои резултира со отворање нови работни места, презедовме и ефикасни директни мерки за вработување. Со Проектот за самовработување со доделување на поволни кредити од три илјади евра на околу 2.000 невработени лица оваа година ќе им овозможиме да започнат сопствен бизнис. Во новата програма планираме проширување на таа мерка на 10 илјади невработени лица преку издвојување на дополнителни 24 милиони евра.

 

-Земјоделството е една од областите каде ВМРО-ДПМНЕ најави целосна преродба. Ветувате многу пари за стимулации. Дали имате јасни цели што сакате да постигнете, со оглед на сомневањата на некои експерти дека субвенциите не се добро поставени и може да не резултираат со зголемување на производството?

Ставрески: Нашата политика во земјоделството е со јасна визија и е ориентирана кон резултатите. Битно е да се зголеми приходот на земјоделците, да се зголеми конкурентноста и пласманот на македонските земјоделски производи на европските пазари и да се подобрат условите за работа и живот на село. Ефектите на ниво на земјата ќе се позитивни од аспект на илјадници нови работни места, нето- прилив на девизи и суфицит во размената на земјоделски производи со странство. Тоа се постигнува преку издвојување на 45 милиони евра субвенции во 2008 година, десеткратно повисок износ во однос на порано, кој понатаму прогресивно ќе расте до 130 милиони евра во 2012 година, односно кумулативно 500 милиони евра во периодот од 2008 година до 2012 година. Го решивме и долгогодишниот проблем на откуп и пласман на производите, оваа година с$ се продаде по најдобри цени. Со влезот на познати фирми како ***Агрокор и други и изградбата на најмалку четири откупни центри, пласманот на земјоделските производи ќе биде сигурен и цените ќе бидат многу повисоки од досега. Со овие мерки најголемиот дел од земјоделците се задоволни. Се разбира, секогаш ќе има некој незадоволен и секогаш може и подобро. Затоа, ние сме во постојан контакт со земјоделците, нивните здруженија и експертите, ги слушаме нивните коментари и сугестии и постојано ја подобруваме нашата земјоделска политика. Таа е жива материја и постојано се прилагодува на реалноста и потребите на земјата.

 

-Како ќе се измерат ефектите и успешноста од големите трансфери од дравниот буџет во земјоделството?

Ставрески: Главно мерило ќе биде зголемувањето на производството, што е од исклучително значење бидејќи храната денес е стратешки производ и зголеменото домашно производство ќе овозможи да се ублажи ефектот од високите увозни цени. Секако позитивни ефекти ќе се остварат и кај извозот, односно девизните приливи. Се разбира, основниот ефект ќе биде повисокиот доход за земјоделците, поквалитетниот живот и повторното заживување на селските подрачја.

 

-Во контекст на најавената финансиска поддршка за земјоделството, дали се зборува само за пари од буџетот или во оваа сума се вклучени и парите од европските претпристапни фондови? И дали земјоделците се информирани на кој начин можат да ја добиваат таа финансиска поддршка?

Ставрески: Износот од 500 милиони евра е чисто буџетска поддршка за земјоделството. На тоа треба да се додадат претпристапните ИПАРД фондови за земјоделството. Ние во 2007 година ја формиравме ИПАРД платежната агенција чија акредитација ќе овозможи веќе во 2009 година македонските земјоделци да почнат да добиваат европски фондови за развој на земјоделството и финансирање на проекти.

 

-Дали агресивната кампања за привлекување странски инвеститори се покажува како економски оправдана? Колку сте задоволни од она што досега како Влада го имате постигнато на овој план?

Ставрески: Апсолутно. Тоа е една од најдобрите работи направени во Македонија, која требаше да се направи многу порано. Тоа е инвестиција чии резултати се двојни: брендирање на Македонија во политичка смисла, како земја која светските политичари и многу други влијателни луѓе ја запознаа преку оваа кампања, и што е уште поважно ја запознаа по нешто позитивно, како што се намалените даноци, подобрената бизнис клима и слично.

Потоа, се привлече интересот на странските инвеститори за Македонија како потенцијална дестинација за нивниот бизнис. Ние сме задоволни од интересот што го предизвикавме и одзивот од странските инвеститори и што за само 18 месеци веќе имаме резултати. Во 2007 година остваривме 240 милиони странски директни инвестиции, што е двојно повеќе отколку во претходната година, без приватизацијата на ЕСМ дистрибуција. Во првите два месеци од 2008 година, нови 100 милиони евра странски инвестиции влегоа во Македонија. За три недели ќе започне изградбата на фабриката на Џонсон Мети, првата гринфилд инвестиција од 55 милиони евра која е директен резултат на владината кампања. Неколку други крупни компании се пред донесување одлука за инвестирање во Македонија.

 

-Со кои мерки и политики планирате да се справите со растечката инфлација, која се поопасно се заканува да го наруши и онака нискиот животен стандард на населението?

Ставрески: Зголемената инфлација е целосно последица на порастот на цените на храната и нафтата на светските пазари. Имено, на светскиот пазар, цените на храната во јануари 2008 година беа за 33% повисоки отколку во јануари 2007 година, додека цените на енергијата за 65%. Македонија како увозник на храна и енергија нема начин да го избегне порастот на цените на светските пазари. Тоа е причината што инфлацијата е далеку повисока во 2008 година во безмалку сите земји на ЕУ. На пример, во март 2008 година во Романија инфлацијата достигна 9%, во Естонија и Литванија 11%, во Бугарија 13%, во Летонија 17%, а во Македонија 10%. Но, сите прогнози навестуваат дека таа е од привремен карактер и во Македонија ќе се намали до крајот на годината под 5%.

Во рамките на своите надлежности Владата делува во повеќе насоки. Прво, со одржувањето на буџетски суфицит во изминатиов период од 2008 година влијаевме антиинфлаторно, што беше потврдено и од ММФ при последната посета. Второ, владините политики за зголемување на конкуренцијата во мобилната и фиксната телефонија и интернет услугите, како и намалувањето на ДДВ на јавниот превоз, лековите и компјутерите влијаеја за намалување на цените на тие производи и услуги. Трето, интервениравме со стоковите резерви на масло за јадење и пченица, што заедно со џентлменскиот договор постигнат со производителите и трговците, помогна да се ублажи порастот на цените на основните прехранбени производи. Четврто, Владата им помага на најзагрозените семејства со доделување на дополнителни 1.000 денари месечно.

На долг рок, со политиките за поттикнување на земјоделското производство создадовме услови за пораст на домашната понуда на храна, што е многу значајно.

 

-Најавувате голема јавна потрошувачка. Дали високата инфлација може да ги доведе во прашање некои од ветувањата?

Ставрески: Да тргнеме од фактите: јавната потрошувачка во Македонија како процент од БДП е меѓу најниските во Југоисточна Европа. Ние само ја подобривме структурата на таа потрошувачка: двојно ги зголемивме капиталните инвестиции во буџетот, односно на ниво од 6% од БДП. Го зголемивме и износот на средства за образованието на 6%, наспроти 3,3% претходно. Убеден сум дека овие инвестиции се многу корисни и ќе имаат повеќекратни позитивни ефекти за економскиот развој на земјата.

Воопшто не станува збор дека јавната потрошувачка има некакви негативни ефекти врз инфлацијата, па ние имаме суфицит во првите четири месеци од оваа година од близу 1% од БДП, како резултат на одличната наплата на приходи, што значи делувавме антиинфлаторно.

Од друга страна, податоците за април покажуваат дека инфлацијата се смирува, на месечно ниво е 0,4%. Нашите прогнози и оние на ММФ се дека од јули-август ќе започне забрзано да се намалува. Затоа, да нема дилеми: сите наши ветувања, вклучително порастот на платите и пензиите за оваа и следната година, ќе бидат во целост реализирани и тие немаат никакво влијание врз инфлацијата. И со нив, буџетскиот дефицит нема да е поголем од 1%, што е помалку од било која земја во регионот и пошироко, а дефицитот е крајното мерило за тоа каква е буџетската политика. Тука завршуваат сите квазиекспертски приказни за тоа дека јавната потрошувачка во Македонија има влијание врз инфлацијата. Тоа е или наивно тврдење заради незнаење, или злонамерно искривување на фактите заради политички причини.

 

-Секторот за енергетика е една од областите каде што Владата на ВМРО-ДПМНЕ трпи големи критики. Кои се причините поради кои овој сектор загрижувачки се наоѓа во медиумските извештаи со многу црни прогнози?

Ставрески: Постојат повеќе причини зошто енергетиката е во фокусот на вниманието на јавноста, е ниедна од нив не упатува дека критиките ги заслужува Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Основната причина е што веќе 20 години во овој сектор нема нови инвестиции (ако се изземе ХЕЦ Козјак кој чинеше многу пари, но неговиот придонес во производството на струја е скромен). Во најголем дел од тој период на власт беше СДСМ и несфатливо е како имаат образ да критикуваат истите кои 15 години не изградија ниту еден единствен капацитет. Втора причина е што Владата на СДСМ не започна со активностите за отворање на нови копови за јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј. Тоа моравме да го направиме во 2007 година што услови неколкумесечно неработење на РЕК Осломеј. Трета причина е што струјата стана дефицитарна во регионот по затворањето на Козлудуј, а светските цени имаат нагорен тренд. Четврта причина, за која признавам дека е последица на работењето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ е што се засили економскиот раст во Македонија, а со тоа и побарувачката за струја. Значи, имаме нерамнотежна состојба помеѓу зголемената побарувачка за струја од растечката економија и од стагнантната домашна понуда поради долгогодишното дезинвестирање.

За овие 20 месеци, дадовме под концесија четириесетина мали хидроцентрали, во финална фаза е тендерот за големите хидроцентрали, Чебрен и Галиште, за кој понуди поднесоа две одлични енергетски компании од Австрија и Германија, при што инвестицијата ќе биде околу 700 милиони евра. Во тек е тендерот за избор на стратешки партнер во изградбата на комбинирана гасна-термо централа, како и за инвеститор за хидроцентралата Бошков Мост. Очекувам изградбата на Чебрен и Галиште, како и на Бошков Мост да започне до крајот на 2008 година. Со овие инвестициони проекти драстично ќе го зголемиме домашното производство на струја и ќе ја елиминираме потребата за увоз. Секако, резултатите од оваа наша работа ќе бидат видливи после неколку години кога ќе потече производството на првите киловатчасови електрична енергија од новите капацитети. Штета што нашите претходници не го направија тоа сите овие години. Но, да гледаме кон иднината и да го направиме она заради кое граѓаните ни ја дадоа довербата: Да изградиме подобра Македонија.

Comments are closed.