"Реформите треба да ја подобрат личната среќа на граѓаните"
Неодамна ја започнавте акцијата за потрага на странски инвестиции преку директен контак со странските компании. Вие бевте дел од проектот “Тим Македонија”. Колку ваквиот начин на директен контакт со бизнисмените од други земји може да придонесе за зголемување на интересот за инвестирање во земјата?
Ставрески: Директниот контакт е секогаш најдобар, бидејќи на тој начин можеш да ја видиш вистинската намера на соговорникот. Преку директен контакт постои можност подетално да се објаснат работите и состојбите во една земја. Ние имавме контакт со преку 400 бизнисмени, но истовремено имавме контакти и со политички претставници, градоначалници и европарламентарци кои се битни во целокупното политичко претставување на Македонија.
Посетата во Италија резултираше со конкретен резултат, бидејќи во октомври доаѓа бизнис делегација во посета на Македонија.
Тука компаниите од Италија ќе можат конкретно да се запознаат со условите за работа и евентуално да остварат заедничка соработка со македонските компании.
Имаше ли конкретна најава за инвестирање?
Ставрески: Имаше интерес, но во оваа фаза не можам да ги кажам нивните имиња бидејќи се уште нема конкретна најава. За нас би било добро ако две три компании со чии претставници се сретнавме дојдат да инвестираат во Македонија. Дел од компаниите работат глобално и многу важно за нас, би било доколку и Македонија се најде во нивната агенда.
Кој сектори се најатрактивни за бизнисмените од Италија?
Ставрески: Интерес за инвестирање постои од автомобилската индустрија, и од агро бизнисот, особено од бизнисмените од јужна Италија. За нас како Влада најважно е да создадеме услови за инвестирање. Другото е прашање на одлука и прашање на профит. Ако компаниите утврдат дека тука можат да прват профит тогаш нема да претставува никаков проблем да се одлучат да инвестираат во земјава. Наша главна мисија во Италија беше да објасниме дека Македонија е земја во развој која има проблем како и секоја друга земја во развој. Сакаме да ја промениме единствената перцепција за Македонија, која за жал светот ја препознава по конфликтот од 2001 година.
Најавивте посета и на други земји. Која е вашата следна дестинација?
Ставрески: Во септември планирана е посета на Германија и Австрија. Ќе настојуваме да посетуваме по две земји месечно. За почеток ќе се фокусираме на земји од блиското опкружување, бидејќи поголеми се шансите овие земји да инвестираат во Македонија. Планирана е и посета на Словенија и Хрватска а потоа ќе посетиме и други земји.
Изминува една година од владеењето на оваа Влада. Што досега сработивте на економски план?
Ставрески: Најважно е враќањето на довербата во луѓето и институциите што креираат политика и носат одлуки. Меѓусебната доверба е од исклучително значење. Ние успеваме да воспоставиме хемија меѓу приватниот сектор, Владата и граѓаните. Бизнисмените добија чувство на респект и сериозен пристап од нас. Зошто луѓето кои што извадиле пари од својот џеб и кои ризикувале да ги вложат навистина мора да имаат соодветен третман. Со ваков однос Владата сака да ги поттикне повторно да вложат. Јас би сакал и побрзо да се одвиваат работите но, на терен се соочуваме со проблеми.
Јавната администрација особено на трето и четврто ниво е се уште бавна и не може да ја следи динамиката на Владата. Во следниот период имаме голем предизвик да го надминеме и овој проблем.
Го спомнавте растот на првиот квартал од 7%. Какви се проекциите за 2007 година?
Ставрески: Растот од 7% е исклучително добар старт. На годишно ниво очекувам растот да биде на проектираното ниво од 6%.
Најважно е тоа што растот на Бруто домашниот производ БДП од 7% се должи на зголемување на производството на сите сектори и во делот на инвестирање на машини и опрема, што покажува раздвижување. Тоа значи дека и во следниот период ќе продолжи да расте.
Имаме добри резултати и кај надворешната трговија. Во текот на април и мај годинава, има зголемување на извозот а увозот расте со намалена динамика. Би сакал да потенцирам дека најважно е да имаме одржлив раст.
Не е дозволено ако наеднаш постигнеме висок раст, а потоа да не можеме да го одржиме. Ние сега мора да креираме услови кои ќе го одржуваат и поттикнуваат растот во следниот период.
Во делот на индустриското производство имаше голем пад кај производство на електрична енергија. Што мислите како ќе се одрази ваквата состојба?
Ставрески: Струјата е најважен производ на денешницата, а енергијата е клучен фактор на економскиот развој. Ние работиме во насока на зголемување на инвестициите во енергетскиот сектор. Една година е краток период за резултати, но она што можеше да се направи во овој период е направено.
Што конкретно направивте. ЕЛЕМ годинава произведе 18% помалку струја во изминативе неколку години?
Ставрески: За жал во овој сектор не се инвестирало ништо во изминатиот период. Ние затекнавме катастрофално лоша ситуација. Да се работело порано на изградба на нови капацитети нема да била ваква состојбата како што е сега. Затоа ние веднаш ги активиравме сите проекти за изградба на нови енергетски капацитети. Како што е познато за ТЕЦ Неготино веќе имаме избран инвеститор со одлична понуда. Истото се однесува и за 40-ина на мали хидроелектрани.
Најавувате формирање на берза за електрична енергија и промена на пазарниот модел во овој сегмет. За што всушност станува збор?
Ставрески: Струјата е производ и мора така да се третира. Формирањето на берза за струја значи дека понудата и побарувачката ќе се сретнат на едно место. Набавката на потребните количини струја наместо преку тендер во иднина ќе се набавуваат на берзата. Така ќе се зголеми транспарентноста во работењето.
Се најавува продажба на вишоци на струја. За што станува збор?
Ставрески: Кога се зборува за продажба на вишоци се мисли на краткорочни вишоци кои сега остануваат неискористени. Промената на моделот не значи дека Електрани на Македонија(ЕЛЕМ) ќе може слободно да продава струја. ЕЛЕМ повторно преку билатерални договори ќе продава на ЕВН за сите тарифни потрошувачи. На почетокот на годината компанијата ќе склучи договор со ЕВН за продажба на целокупното производство, со што ќе се задоволат потребите на тарифните потрошувачи.
Дали берзата на струја не е алиби за зголемување на цената на струјата?
Ставрески: Не. Зголемувањето на цената на струјата не е дел од овој проект.
Тоа е работа на Регулаторната комисија за енергетика. Берзата ќе има за цел
да ја зголеми транспарентноста во работењето и ќе ги зголеми приходите на ЕЛЕМ.
И покрај најавите за подмирување на клириншкиот долг со Русија преку гасификација на земјава, овој договор е сеуште отворено прашање. На што се должи тоа?
Ставрески: Очекувам во септември договорот со Русија за подмирување на клириншкиот долг да се потпише. И тоа под многу поволни услови за Република Македонија.
Го намаливте ДДВ за земјоделците. Тогашните прогнози беа дека заштедите на годишно ниво ќе изнесуваат околу три милиони евра, а за четири години околу 12 милиони евра. Кои се ефектите од оваа мерка на терен, гледано од денешен аспект?
Ставрески: Квантитативните ефекти ќе можат да се анализираат на крајот на годинава. За да се постигнат поголеми ефекти ги анализираме и другите можности за субвенционирање на земјоделството. Ние продолжуваме со субвенциите за овој сектор,бидејќи истиот треба да стане поконкурентен.
Агробизнисот е таргетиран како еден од најпотенцијалните во земјава. Очекувате ли сериозни инвестиции во овој сектор?
Ставрески: Веќе имаме конкретни најави во овој сектор од хрватски Агрокор, израелски Соли, една словенечка и една германска компанија. Факт е дека агро бизнисот има голем потенцијал во Македонија заради одличниот квалитет на производството. Но тоа треба да се стандардизира, да се осовремени технологијата да се подобри маркетингот и стандардите за производство на храна. Сите тие компоненти се важни за зголемување на конкурентноста на македонските производи. Во овој дел дефинитивно ни треба инвестиции и експертиза.
Од досегашните контакти со инвеститорите се уверивме дека тие имаат сериозен пристап и знаење за овој бизинс. Мислам дека престојат добри времиња за македонскиот агробизнис.
Земјоделците Влезот на Агрокор во Македонија полагаат најголеми надежи. Деновиве хрватската консултантска куќа Магра регистрираше фирма во Скопје. Кога очекувате некои поголеми активности на Агрокор на македонскиот пазар?Ставрески: Агрокор веќе работи на теренот и има интерес и во производството и во продажбата. Очекуваме ефекти од нивното работење во Македонија, бидејќи оваа компанија ги увиде потенцијалите на македонскиот агро бизнис и тоа ќе биде одлична можност за земјоделците кои ќе соработуваат со неа.
Пред влезот на Агрокор, Владата најави изградба на откупни центри во земјава. Се спомнува влез на Агрокор во бизнисот со откупни центри. Дали тоа нема да биде монополизација на овој бизнис?
Ставрески: За почеток ќе се градат пет откупни центри. Влезот на Агрокор или на која било друга компанија ќе биде на партнерски однос. Се работи за примена на концептот на приватно јавно партнерство и државата ќе го диктира уделот на приватниот партнер. Агрокор најверојатно ќе учествува во два откупни пункта. Во другите планирано е да влезат и други компании. Така ќе се создаде здрава конкуренција на пазарот и нема опасност од никаква
монополизација на истиот.
Дали ќе се укинат одредени процедури?
Ставрески: Да, ќе се укине еден сет на процедури кои што се рецедив од поранешниот систем на СФРЈ и денеска немаат никаква примена ниту смисла. Така на пример сеуште е во сила уредба која забранува давање на интервјуа на странски медиуми.
Дали ги следите ефектите од воведувањето на рамниот данок? Дали оваа мерка ќе создаде проблем кај буџетските приходи?
Ставрески: Целата сторија со буџетските приходи и даноците е доказ за победата на еден развоен концепт. Ги намаливме даноците и собравме повеќе од претходниот период. Тоа е доказ дека најсуштествено во економијата е да го пронајдете мотивот кој ќе ги натера компаниите и претприемачите да плаќаат данок. Наплатата на даноците може да се поправи и преку казнување на неплаќачите на данок. Но сепак најважно е да создадете мотив заради кој даночните обврзници ќе сакаат да плаќаат данок.
Ние докажавме дека воведувањето на рамен данок има големи ефекти и зголемувањето на наплатата на даноците е во голема мерка е резултат на добриот модел. Успеавме да создадеме услови во кои подобро и поисплатливо за компаниите е да плаќаат данок отколку да работат на црно.
Го укинавте оданочувањето на реинвестираната добивка. Какви се ефектите врз инвестиции од оваа мерка?
Ставрески: Се уште е рано да се даде квалитативна оценка. Тоа би можело да се направи до крајот на годинава, но ова е најзначајниот потег на владата од овој даночен пакет на реформи. Укинувањето на данокот за реинвестираната добивка ќе овозможи зголемување на паричните средства во компаниите, особено кај оние што имаат проблеми со добивање на кредити. Овие пари компаниите сега ќе можат да ги вложат во нова опрема, машини и во проширување на производството.
Анализите покажуваа дека голем дел од компаниите, особено малите и средните, се соочуваат со недостиг на пари за инвестирање. Карактеристично за компаниите во земјава е што инвестираат во бизнисите со сопствени средства или пари позајмени од роднини и пријатели. Голем дел од компаниите веќе ги истрошиле овие ресурси. Сега им остануваат банките како извор на пари. Банкарските кредити и покрај поголемото раздвижување во последно време се уште се скапи и недостапни за сите компании.
Во вакви услови парите што фирмите ќе ги остварат од добивката, а кои досега ги плаќале на државата, ќе можат да ги инвестираат во нови развојни проекти за својот бизнис.
Во вашата колумна во еден македонски медиум ја посочувате економската слобода како најважна компонента за економскиот развој на една земја.
Каква е економската слобода во Македонија и што треба да се направи за вистински да профункционира конкуренцијата?
Ставрески: Главниот концепт за остварување на лична среќа и за зголемувањето на личниот стандард е економската слобода. Ние постојано зборуваме за реформи, меѓутоа многу ретко се зборува дека крајниот ефект од вакви крупни потези во едно општество треба да биде личната среќа на луѓето. Економската слобода е клучна компонента, според која може да се мери квалитетот на животот. Во рамките на концептот за економската слобода има неколку сегменти според кои се мери оваа категорија.
Тука е слободата за водење на бизнис, слободата за инвестирање, слободата на личната сигурност и уште неколку други. Евидентно е, дека во Македонија работите не стојат добро во сите сегменти.
Една од базичните аспекти на подобрување на економската слобода во земјава е правото на лична сопственост. Тука спаѓаат реформите во сите сегменти од судството катастарот и уште неколку други институции. Исто така, работиме и на подобрување на условите за инвестирање. Во оваа насока е насочен и проектот Регулаторна гилотина. Однесувањето на државата е важно во градењето на економската структура. Таа треба да ги елеминира олигополските и монополските структури во одредени сектори. Во Македонија, долги години имаше монопол во телекомуникацискиот сектор, па и во банкарскиот сектор. Влезот на Сосиете Женерал е важен момент во развојот на банкарскиот сектор, но уште позначаен ќе биде влезот на уште неколку светски банки.
Борбата со корупцијата е исто така битен сегмент за подобрување на квалитетот на живот. Наша интенција е да го намалиме степенот на корупција и тоа да не биде повеќе пречка во одлуките за инвестирање.
Со сите овие потези главната цел е да се подобри квалитетот на животот и да се ослободи креативната енергија од луѓето, која тука ја има многу. Само така земјава ќе направи квантитативен скок во развојот.