WirtschaftsBlatt: Македонија, како и Хрватска е земја кандидат за влез во Европската унија. Но, и покрај тоа, за разлика од Хрватска, со Македонија се уште не се отпочнати преговори за нејзин влез во ЕУ. Претставува ли ова кочница за интересот на инвеститорите?
Зоран Ставрески: Досега нема ниту една земја, која била кандидат за влез во ЕУ и потоа не станала нејзина членка. Значи, насоката е јасна. Прашањето не е дали, туку кога Македонија ќе стане член на ЕУ.
WirtschaftsBlatt: Кога би се случило тоа според Ваше мислење?
Уверен сум дека датумот за преговорите ќе го добиеме следната година.
WirtschaftsBlatt: Македонија има проблеми со снабдувањето со енергија. Морате да увезувате голема количина на струја, а и мрежната инфраструктура е лоша. Како ќе го подобрите ова?
Снабдувањето со енергија во Македонија е многу подобро отколку во другите земји. Ние располагаме со инвестициски пакет во обем од 1,5 милијарди евра и затоа бараме инвеститори за хидроцентрали, гасни електрани и топлани. Тоа за четири до пет години ќе ја направи Македонија земја извозник на енергија .
WirtschaftsBlatt: Продажбата на ТЕЦ Неготино на канадско-бугарскиот „Хач & Мек Доналд„ остава простор за претпоставка, дека македонската влада повеќе се грижи за брза заработка, а помалку за сигурноста на снабдувањето. Понудата на Хач беше очигледно повисока од онаа на австриски ЕВН, но тој понуди повисоки инвестициони планови …
Сметам дека треба да постои баланс помеѓу цената и инвестиционите планови Конзорциумот „Хач„ го исполнува овој баланс.
WirtschaftsBlatt: Кои приватизации се планираат за следниве месеци?
Ќе се доделат концесии за аеродромите во Скопје и Охрид, за комбинирана гасна термоцентрала, концесија за Коридорот 8, приватизација на големи хемиски и индустриски претпријатија, како и продажба на недвижен имот, пред сé за хотели и стамбени згради во Скопје и Охрид.
WirtschaftsBlatt: Европската унија ги критикува слабостите во институциите, бизнисмените се жалат на лошата координираност помеѓу министерствата…
Зајакнувањето на институциите е голем предизвик. Ние се обидуваме да ја подобриме координацијата и верувам успеавме во тоа.
WirtschaftsBlatt: Од 2005 во 2006 странските инвестиции пораснаа за повеќе од три пати- на 350 милиони долари. Што очекувате во иднина?
Благодарение на реформите, влезот во НАТО и терминот за преговори со Европската унија, 2008 ќе биде најдобра година досега.„