Ако НБРМ навреме ја намалеше каматата, економскиот раст во 2010 ќе беше повисок

Фискалната политика не може да прави повеќе од ова што прави за поддршка на економската активност, но отсуствува придонесот на монетарната политика, вели вицепремиерот на Влада и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за Капитал. Според него, Народната банка задоцнила со реакцијата за намалување на референтната каматна стапка на крајот од минатата година, а со тоа се намалил потенцијалот за економски раст во првата половина од оваа 2010 година. Ставрески тврди дека буџетот за 2010 е реално заснован и квалитетен во однос на буџетската потрошувачка. Очекува економијата да излезе од рецесија во втората половина од годината. Вицепремиерот очекува и оваа година да се задржи стабилноста на девизниот курс, а остовремено потенцира дека е особено значајно Македонија да излезе од дефлација

 

Маја Бајалска

 

Откако помина периодот на предновогодишната еуфорија, а налетот на новите работни обврски почна да ги лади празничните впечатоци, Капитал во Новата Година, како и секогаш, силно влегува со обработка на клучните економски теми во државата. Овојпат, преку интервју, Ви ги презентираме размислувањата и очекувањата на министерот за финансии и вицепремиер на Владата, Зоран Ставрески, за економијата во 2010 година. Како прв владин човек задолжен за економските ресори, со него разговаравме на повеќе теми. Почнувајќи од централизираната супервизија на финансискиот сектор, тема која во јавноста се актуелизираше изминатиот месец, потоа околу буџетската политика, капиталните инвестиции, субвенциите во земјоделството, странските инвестиции, како и за најболната тема на релација Влада – Народна банка, односот фискална-монетарна политика.

 

-На крајот од минатата година многу се зборуваше на темата централизирана финансиска супервизија, но на јавноста се уште не e е јасно за точно каков модел на финаниска супервизија се залага Владата. Капитал пишуваше за тоа какви модели постојат во различни земји. Кој е примерот на кој Македонија се угледува?

Ставрески: Во земјите од ЕУ не постои универзален модел на супервизија на финансискиот систем, но преовладуваат земјите во кои тој е целосно или делумно интегриран. Од 27 земји, во 14 супервизијата е целосно интегрирана (банки, осигурителни друштва, пензиски фондови и пазар на хартии од вредност), а во уште две земји таа е делумно интегрирана. Во 12 од 14-те земји каде супервизијата е целосно интегрирана, таа се иэвршува во специјална надзорна институција, независна од извршната власт и надвор од централната банка. Нема поединечен случај на кој Македонија треба да се угледа, треба да креираме решение кое најдобро одговара на нашите околности. Но факт е дека за мали економии е рационално обединувањето на финансискиот надзор во една институција. Тоа е и препорака на Европската Комисија уште од пред неколку години, а уште повеќе по финансиската криза кога се наметна потребата за поефикасна раэмена на информации за пласманите на финансиските институции во ризични инструменти. Сите овие факти говорат во прилог на потребата за консолидација на супервизијата во една институција, која ќе биде независна и професионална.

– Ако и банките влезат под контрола на заедничкиот регулатор, што ќе значи тоа за функционирање на Народната банка? Какво внатрешно преструктуирање ќе претпри оваа институција, во смисла на нејзиното техничко функционирање и во смисла на раководниот кадар?

Ставрески: Зависно од решението, ако и банките влезат под единствениот регулатор, истите стручни лица од НБРМ кои денес ја вршат супервизијата на банките, би работеле на супервизија на банките и во иднина, веројатно како директорат во рамките на институцијата за интегрирана финансиска супервизија (директорат эа супервизија на банките, директорат эа супервизија на осигурителните друштва, директорат эа супервизија на пазарот на хартии од вредност и директорат эа супервизија на пензиските фондови). Но прерано е за оваа дискусија, прво треба аргументирано да се дојде до најдоброто институционално решение за Република Македонија.

– Во колкав временски период е реално можно да се случи интегрирањето на супервизорските функции на финансискиот пазар во Македонија, со оглед на потребните законски измени? Кои се роковите на Владата за ова?

Ставрески: Владата нема зацртано рокови за ова прашање. Потребно е да се продискутира аргументирано, без емоции. Непотребно одредени личности реагираа толку жестоко за тоа каде ќе биде локацијата, кој ќе добиел или изгубел власт. Еве, супервизијата на осигурителните друштва до неодамна беше во рамките на Министерството за финансии, па се одлучивме да ја одделиме во независна Агенција која е одговорна пред Собранието. Тоа покажува дека нема никакви други намери. Треба да се има доблест да се дискутира со аргументи за и против изнесената идеја.


-Каква 2010 година на економски план очекувате? Какви ќе бидат состојбите на макроекономски план, а какви-во реалниот сектор и банкарско-финансискиот сектор, во однос на 2009 година?

Ставрески: Заедно со конфликтната 2001 година, 2009 беше најтешка во сите овие 19 години на транзиција. Светската економска криза наметна бројни искушенија за Владата, финансискиот сектор, стопанството и граѓаните. После се, задоволен сум што заеднички успеавме да поминеме релативно добро, имајќи предвид како минаа другите држави. Остваривме трет најдобар економски резултат во Европа, не се загубија многу работни места, не пропаднаа многу фирми, успеавме да обезбедиме средства эа редовна исплата на социјалните права, пензиите итн.
Излегувањето на ЕУ од рецесија, како и последниот податок за ноември за прекин на 12-месечниот негативен тренд на индустриското производство, делуваат охрабрувачки во однос на прогнозите эа 2010. Сепак, треба да бидеме внимателни оптимисти. Македонската економија несомнено во 2010 ќе излезе од рецесија и ќе оствари позитивен раст од околу 2%. Но закрепнувањето ќе биде постепено, поизразено почнувајќи од средината на годината. На макроекономски план очекувам да се задржи стабилноста на девизниот курс, но значајно е да излеземе од долготрајната и опасна дефлација.
Многу работи зависат од екстерните фактори, но и од монетарната политика. Нема закрепнување на стопанството беэ кредити и пониски каматни стапки. Предолго монетарата политика држи пререстриктивен курс, со што непотребно ја пролонгира и продлабочува рецесијата во Македонија. Доколку многу брзо не дојде до релаксација на монетарната политика, се повеќе фирми ќе се судираат со проблемот на неликвидност и пропаѓање, со загуба на работни места. Фискалната политика не може да прави повеќе од ова што прави за поддршка на економската активност, но отсуствува придонесот на монетарната политика. Умешноста е не да се сочува стабилноста со превисока цена (каматни стапки), ниту да се одреди правецот дали треба затегнување и попуштање на политиките. Умешноста е да се сочува стабилноста на курсот по најниска можна цена, со најниска камата на записите на Народна банка. И умешноста е навреме да се реагира со промена на монетарната политика кога се друго значајно се променило во економијата. А сите индикатори укажуваат дека навреме беше крајот на третиот квартал од 2009. Но, тоа не се случи. Тоа што не се релаксираше навреме монетарната политика, ја чини Република Македонија понизок економски раст и изгубени работни места. Дури и утре да се релаксира монетарната политика, потребни се неколку месеци за реакција на банките, за стопанството и граѓаните да почувствуваат корист од тоа. Значи доцнењето во реакцијата на Народна банка веќе го намалува потенцијалот за економски раст во првата половина од 2010. Не може да се води иста монетарна политика кога девизните резерви се 1.176 милиони евра колку што беа во мај и речиси 1.590 милиони евра колку што се денес, кога трговскиот дефицит е драстично намален, платниот биланс влезе во позитива и извозот почнува да расте. И уште нешто: законска обврска и цел на Народна банка е обезбедување на ценовна стабилност, изразена како ниска стапка на инфлација. Стабилноста не подразбира петмесечна дефлација, која е знак на “болен организам” и е директна последица на пререстриктивната монетарна политика. Долготрајната дефлација значи дека НБРМ не ја исполнува својата законски утврдена основна цел. Не може под превезот на независност да се води политика која е на штета на економијата, стопанството и граѓаните. Дали има една централна банка во Европа освен НБРМ која во 2009 во најголемата светска криза двојно ја зголеми каматната стапка и потоа ја остави на тоа повисоко ниво цели седум месеци? Ако стабилноста на курсот може да се задржи со каматна стапка од 5% или 6%, зошто таа треба да биде 8,5% или 9%? Колку ја чини тоа НБРМ и земјава? Кој добива од тоа и кој го плаќа цехот?


– Собранието го усвои предлог-буџетот за 2010 година. Опозицијата остро го критикуваше…На кои економски сектори најмногу ќе се базира проектираниот раст на БДП од 2%, а на што проектираниот раст на приходите од 3,4%?Како ќе се полни буџетот следната година, ако се знае дека повеќе големи компаниите најавија затворање на погоните и отпуштања. Одржлива ли е владината проекција, сигурни ли се изворите на буџетските приливи?

Ставрески: Буџетот за 2010 е многу реален. Еве зошто: номиналниот БДП е проектирано да се зголеми за 4% (2% реален раст и 2% инфлација), буџетските приходи се предвидени да растат со пониска динамика од 3,4%, а буџетските расходи со уште пониска од 2,8%. Буџетските приходи се во корелација со економската активност, односно номиналниот пораст на БДП (лична потрошувачка, инвестиции, извоз и увоз), така што нивното проектирање да растат со помала стапка од номиналниот БДП, е доказ за реалноста и за веројатноста да бидат остварени. Како и за секоја проекција за следните 12 месеци, постојат можности за потфрлање или натфрлање, кои зависат од многу екстерни и интерни фактори. Внимателно ќе го следиме извршувањето на буџетот и на приходната и на расходната страна, при што нема во ниедна ситуација да се наруши предвиденото ниво на буџетски дефицит од 2,5%, кое е оптимално за постојните услови. Оптимално, бидејќи овозможува преку привремено поекспанзивна буџетска политика да се делува антирецесионо, во функција на поддршка на економската активност, а истовремено не ја загрозува макроекономската стабилност и одржливоста на јавниот долг.

-Колку пари собра во 2009 година државата од наплата на казни по основа на разни прекршоци, односно на кое ниво е овој приход во буџетот во однос на 2008 година? Колку пари од истите ставки е проектирано да се соберат во 2010 година?

Ставрески: Приходите од казни се незначителен дел од вкупниот буџет. Во 2008 тие изнесуваа 390 милиони денари, во 2009 эаклучно со ноември собрани се 440 милиони денари. За цела 2009 година предвидените приходи од казни се 527 милиони, а исто толку се проектирани и за 2010. Ако ги споредите со вкупниот буџет, приходите од казни учествуваат со само 0,3% – 0,4%. Според тоа, апсурдни се тврдењата дека со приходи од казни се полнел буџетот. Но казните се потребни таму каде што има кршење на законот, каде што не се пријавуваат работниците, не им се уплаќаат придонесите. Знаете како беше до пред некое време: со години на работниците не им се плаќаа придонеси, тие дури и не знаеја за тоа, па дури пред пензионирање се соочуваа со болната вистина дека некој ги поткраднувал цел работен век. Или се пријавуваа на пониски основици, што повторно претставува крадење од работниците и државата, но и подривање на стабилноста на фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Фирмите кои не работат согласно закон се истовремено нелојална конкуренција на илјадници други фирми кои редовно ги подмируваат обврските кон работниците и државата. Затоа, сите оние кои од политички или други причини се залагаат за неказнување и ги критикуваат државните институции, мора да се свесни дека промовираат беззаконие, сива економија. Се разбира, односот на сите државни институции кон фирмите и граѓаните во секоја ситуација мора да биде максимално професионален и коректен.

 

-Неколку пати досега јавно потенциравте дека најважно е што следната година ќе има повеќе пари за инфраструктурата односно, што капиталните расходи ќе се зголемат за 16% во однос на 2009 година. Но, станува збор за сума на пари кои се многу малку за проекти кои се нарекуваат капитални, а од друга страна тоа се едни исти проекти кои неколку години наназад Владата ги најавува. Зошто Владата секоја година дава нови пари за стари проекти? Зошто овие проекти не се реализирани досега? Каде е проблемот? Станува збор за проблем во политиката, поставувањето на целите, или проблемот е од оперативна природа?

Ставрески: Капиталните инвестиции се вообичаено повеќегодишни проекти и затоа се повторуваат во повеќе буџети. Еве да земеме пример изградба на пат. Потребни се приближно две години подготовки на физибилити студии, основен и изведбен проект и друга проектна документација за да се доведе проектот до градба. Потоа самата градба трае неколку години. Слично е и со другите јавни инвестиции. Значи има реални причини зошто поголем дел од капиталните проекти се провлекуваат од година во година. Можете ли да замислите дека на толку зборување во изминативе 15 години за гасоводот, железницата кон Бугарија, или за патот Порече-Скопје, воопшто немаше подготвени проектни документации? Но не го порекнувам фактот дека и слабиот капацитет на администрацијата е причина за подолготрајната подготовка на капиталните проекти. Како и да е, во изминатите две години работевме на тоа да ги подготвиме и доведеме проектите до фаза на изградба и таа изградба конечно почна во 2009 година. Во секој случај, очекувам во следната година реализацијата на капиталните инвестиции да се интензивира. Што е многу значајно, го прифативме советот на експертите за значајно зголемување на развојниот дел од буџетот во 2010 година. Никогаш претходно еден буџет не понудил пораст на капиталните инвестиции од 18%, или 58 милиони евра. За да обезбедиме простор за капиталните расходи, штедевме на сите други позиции. Пред се ги намаливме непродуктивните тековни расходи за стоки, услуги и плати за над 40 милиони евра. Заради овие причини, сметам дека не само што буџетот е реален, туку е и многу поквалитетен од аспект на структурата на буџетската потрошувачка.

-Каков е ефектот од досегашната владина политика на субвенционирање во земјоделството и какви резултати очекувате од зголемувањето на субвенциите за земјоделство следната година за 10,9%? Се размислувало ли за промени во земјоделската политика, можеби во насока на давање субвенции на преработувачите, кои со извоз на готов производ придонесуваат за девизниот прилив?

Ставрески: Земјоделството е еден од приоритетите на програмата на Владата и можам да констатирам дека останавме доследни во однос на она што го ветивме. Од шест милиони евра годишно во 2006, еве стигнавме до некогаш незамисливи 100 милиони евра поддршка за земјоделството. Процесот на зголемување на субвенциите од година во година беше проследен и со процес на учење на грешките, како од страна на земјоделците, така и од страна на државните институции. Најзначајно е што од година во година проблемите се се помали, а ефектите во однос на зголемување на производството и извозот на земјоделски производи, се се поголеми. Соодветно, секоја следна година има се повеќе пријавени земјоделци за субвенции, а проблемите со исплатата се многу помали. И во овие кризни времиња, земјоделството имаше во целина успешна година. Тоа не значи дека нема проблеми, или простор и потреба за подобрување. Со подобра организација, македонското земјоделството, не само примарното, туку и преработувачкиот дел, може да оствари многу подобри извозни резултати. Со оглед дека сега износот на субвенции е навистина голем, има простор и потреба за посериозна поддршка на преработувачите, што може дополнително да ги зајакне извозните ефекти од политиките во земјоделството. Задоволство ми е што гледам дека во последниве две-три години и луѓе кои претходно не се занимавале со земјоделство, со сериозната поддршка преку субвенциите, стануваат свесни за перспективите на оваа гранка. Спојувајќи ја државната поддршка со своите визии и претприемачки дух, се повеќе инвеститори се решаваат да вложат во нови производствени погони за вино, сирење, конзервирана храна итн. Од овие причини, убеден сум дека македонското земјоделство има одлична перспектива.

 

-Интересен гест на Владата беше праќањето на бања на пензионерите со најниски примања. Некако јавноста добива впечаток дека пензионерите и земјоделците се најпривилегираните социјални групи во општеството… Какви погодности бараат од Владата компаниите од реалниот сектор? Кои се нивните нови барања виз а ви последиците кои ги чувствуваат од глобалната рецесија?
Ставрески: Нормално е пензионерите, социјалците и земјоделците да бидат на некој начин привилегирани, бидејќи се и најповредливи категории од населението. Така е во секоја земја. Но значајно е Владата да најде оптимален баланс во своите политики, пред с$ буџетот, со кој ќе ги задоволи и интересите на сите останати граѓани и компаниите. Да не заборавиме дека за фирмите од реалниот сектор, Владата ги спушти даноците на најниско ниво во Европа; ги намали социјалните придонеси како значаен трошок на фирмите; ги намали административните бариери, цената и бројот на документите за водење бизнис; ги ослободи од плаќање данок на реинвестирана добивка, што само по себе е поддршка од околу 150 милиони евра; обезбеди поволни кредити во износ од 100 милиони евра од ЕИБ; им овозможи репрограм на старите наследени долгови и им ги прости каматите по тие долгови, за да им помогне да се справат со проблемот на неликвидност во услови на криза; итн. Моделот кој го одбравме беше поддршка на сите сектори и сите фирми, што е логичен избор во услови на мала земја со ограничени финансиски можности за поддршка. Во спротивно, ако одберевме селектиран пристап, со истите средства ќе можевме да им помогнеме (и тоа само краткотрајно) на три-четири најголеми компании, но илјадници други ќе пропаднеа, со многу полоши ефекти врз вработеноста и другите социјални ефекти. И пак по некое време таа помош ќе се покажеше недоволна и за тие големи компании, бидејќи нема начин на металопреработувачите да им се надомести загуба на пазарот од 50%, или пад на цените на металите од 40%, 50% или 60%. Затоа, убеден сум дека го избравме најоптималниот модел на поддршка на стопанството во кој со расположливите ресурси, остваривме најголеми ефекти. Во секој случај, остануваме отворени за разгледување на сите предлози од фирмите, мора да продолжиме заеднички да бараме решенија за излез од кризата. Уште во јануари 2010 би можеле да излеземе со една мерка која ја бараа стопанските комори која изгледа прифатлива, а ќе им помогне да ги пребродат полесно ликвидносните проблеми.

 

-Владата изминативе две години најави повеќе странски инвестиции, многу од нив во слободната зона Бунарџик. Но, речиси ништо од сите помпезно најавени проекти нема видливо на терен. Зошто?

Ставрески: Докажавме дека можеме да привлечеме сериозен износ на странски инвестиции во годините пред да се случи светската криза. Во 2007 и 2008, во само две години тие надминаа 920 милиони евра, што е повеќе од кумулативниот прилив на странски инвестиции во претходните 15 години (без продажбата на државните монополи Телеком и ЕСМ). Тоа е најдобрата потврда за квалитетот на спроведените реформи за подобрување на бизнис климата и привлекување на инвестиции, верификувани и со напредокот на листата на *Доинг Бусинесс на Светска банка. Од друга страна, мислам дека е по малку малициозно да се прозива Владата зошто немало повеќе инвестиции во 2009, година во која се случува најголемата светска криза од Втората Светска војна наваму. Која Влада во светот беше успешна во привлекување на странски инвестиции, односно која Влада може да биде успешна кога сите инвеститори заради нарушената доверба и стравот, гледаа пред се да го обезбедат сопствениот опстанок? Но јас сум убеден дека резултатите во подобрување на бизнис-климата, како и нашата тврдоглава упорност во настојувањето да ја промовираме Македонија во подобро светло пред странските инвеститори, по завршувањето на светската криза, ќе резултираат со поголеми инвестиции.

 

Comments are closed.

Close Search Window