Македонија во 2013 ќе има подобри резултати од лани

 

Неколку помали фабрики се отворија во индустриските зони во градовите низ Македонија, отворени се 1.720 нови работни места, а до крајот на следната година се очекува да се отворат уште 4.000 нови работни места. Ова се случува кога во регионот и Европа странските директни инвестиции стагнираат или се во негатива, вели во интервју за економски.мк потпретседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески. Според него, 2013 година се уште ќе биде кризна за еврозоната, но и во такви услови македонската економија ќе оставри подобри резултати од повеќето земји на стариот континент.

Економски.мк:На Македонија и се случи најдраматичното гласање на Буџетот досега. Можевте ли да очекувате вакво сценарио?

Ставрески: Не, не очекував вакво сценарио. Јас верував и се уште верувам дека избраниците на народот треба да работат ЗА интересите на народот и државата, а не ПРОТИВ народот и државата.

Економски.мк:Сега експертите се поделени, дел сметаат дека носењето на буџетот во законскиот рок ја спаси Македонија од рецесија во првиот квартал, а дел пак сметаат дека начинот на кој беше изгласан буџетот ќе ја турне земјава во криза заради која ќе нема инвестиции. Кој е вашиот став?

Ставрески: Постоеја две главни закани доколку не го изгласавме Буџетот за 2013 и не се обезбедеше неговото финансирање со поволните кредити од Светска банка, од кои понатаму ќе произлезеа и други последици.

Првата и најважна е дека под знак прашање ќе се ставеше редовната исплата на пензиите, социјалната помош, субвенциите за земјоделците, исплатата на обврските кон фирмите, реализацијата на капиталните инвестиции – изградбата на патишта, на училишта, болници. Покрај ова, немаше да може да се зголемат пензиите, социјалната помош и субвенциите. Стопанството и граѓаните ќе беа во грч, што ќе влијаеше на општата економска активност и приходите во буџетот. Банките ќе прекинеа да ја финансираат државата, што ќе беше уште еден удар врз ликвидноста на буџетот и стопанството.

Втората е дека ќе се нарушеше имиџот на Република Македонија. Кога знаете дека една држава не може да донесе буџет, тогаш поставувате прашање дали таа воопшто е способна да донесе било каква политичка одлука. Тоа е лош сигнал и за странските инвеститори и кредитните агенции, но и за меѓународдните финансиски институции и за Европската Комисија. Дури и да обезбедевме средства од некоја банка или со еврообврзница, во такви околности сите ќе бараа енормно висока камата. Според нашите пресметки, тоа ќе ја чинеше Република Македонија преку 84 милиони евра, непотребно фрлени пари.

Се на се, последиците кои произлегуваа од овие две закани се повеќедимензионални: финансиски, социјални, политички. Со изгласување на буџетот се спречи криза во економијата, но и воопшто во земјава.

Економски.мк:Опозицијата ве обвини дека ја туркате земјава во грчко сценарио, а странски институции упорно повторуваат дека Македонија е земја со умерен долг. Каква е состојбата со јавниот долг во последните години?

Ставрески: Тоа е најапсурдно од многуте апсурдни обвинувања од страна на опозицијата. Еве неколку факти кои зборуваат кој е во право:

Долгот на централна влада на крајот на октомври 2012 година изнесува 30,6% од БДП. Само за потсетување, државниот долг на Република Македонија на крајот на 2005 година изнесуваше 38,2% од БДП. Грција има долг од 175% од БДП. Каде е сличноста?

Да потсетам и тоа дека истиот тој СДСМ во два мандати ја има задолжено Република Македонија со 1.545 милиони евра. Владата во периодот 2007-2012 отплати 367,5 милиони евра кредити земени во времето на СДСМ, а од 2013 до 2020 ќе отплатиме уште 459,1 милиони евра исто така земени кредити во време на СДСМ.

СДСМ во повеќе свои мандати имаа земено 7 заеми за буџетска поддршка, исти такви какви што сега ни дава Светска банка и за кои што пишуваа срамни писма, брукајќи се пред меѓународните финансиски институции.

Најдобриот одговор на многубројните неосновани критики од страна на опозицијата за високото ниво на задолженост на државата, стигна од страна на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои искажаа позитивни оценки за стабилната фискална политика и ниското ниво на задолженост на Република Македонија.

Покрај ова, и реномираните меѓународни кредитни рејтинг агенции Fitch и Standard & Poors не го намалија кредитниот рејтинг на Република Македонија потенцирајќи ги умерената задолженост, нискиот буџетски дефицит, квалитетните економски политики, стабилниот финансиски сектор и приливот на СДИ како потенцијал за економскиот раст во следниот среднорочен период. Исто така, тие наведоа дека Република Македонија е далеку под нивото на задолженост од земјите кои се на исто рамниште според кредитниот рејтинг ББ.

Конечно, согласно последните податоци објавени во Еуростат, Република Македонија и понатаму останува четврта најниско задолжена земја во Европа.

После сите овие факти, каде некој гледа сличност со Грција? Очигледно СДСМ се единствени што гледаат сличност, и затоа се во изолација по ова прашање.

Економски.мк:Проектиравте скромен раст и поголем дефицит. Што носи овој буџет за граѓаните и за државата?

Ставрески: Социјален и истовремено развоен – така може да се опише Буџетот за 2013 година. Буџетот за следната година е поддршка за економскиот раст и истовремено заштита на најранливите категории на населeние во услови на европска економска криза. Предвидени се повисоки капитални инвестиции, но и повисоки пензии, социјална помош и субвенции за земјоделците. Приходната страна е проектирана првпат во овие 20 години на ниво кое што не е повисоко од приходната страна на буџетот од претходната година. Тоа подразбира дека Владата на Република Македонија предлага буџет во кој нема зголемување даноци, односно истите се задржуваат на идентично ниво со што Македонија ќе има и натаму најниски даноци во Европа. Капиталните инвестиции се проектирани на високо ниво кое е за 10,4 проценти повисоко од годинашното. Со почнување на неколку крупни инфраструктурни проекти во делот на транспортната мрежа, железничката инфраструктура ќе се придонесе за реализација
на економскиот раст кој е предвиден на два проценти.

Со проекциите во буџетот, во 2013 година ќе се задржи конзистентната фискална политика и Македонија ќе остане меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа. За резиме, овој буџет е вистински одговор за предизвизците што ја очекуваат економијата следната година.

Економски.мк:Бизнис секторот може да биде сигурен дека државата брзо ќе се радолжува, но дали може да се очекува зголемување на кредитирањето за да се подобри ликвидноста на македонското стопанство?

Ставрески: Раздолжувањето оди како што ветивме, па и подобро. Вкупниот долг кој на средината на септември изнесуваше 5.653 милиони денари, или околу 92 милиони евра, со денешен датум е намален на 1.809 милиони денари, или околу 29,5 милиони евра. Тоа е намалување за цели 68%.

Истовремено, Владата на Република Македонија досега обезбеди поволни кредитни линии од Европската инвестициска банка во износ од 250 милиони евра, а ќе бидат обезбедени и дополнителни 100 милиони евра. Овие средства се со субвенционирана камата и се главниот извор на финансирање на доимашните фирми во последниве две-три години.

Исто така, Народна банка за прв пат, по примерот на други централни банки, донесе нестандардна мерка насочена пред се кон поевтинување на каматните стапки на кредитите, како и за ослободување на дел од банкарските средства за кредитирање. Воопшто, се преземаат сите мерки кои се на располагање за да се даде една инјекција на свежи средства во стопанството.

Економски.мк:Како ја оценувате 2012 во однос на странските директни инвестиции и што очекувате за идната година на овој план?

Ставрески: Приливот на странски инвестиции беше солиден, имајќи ги предвид околностите. Но за жал имавме и повисок одлив на средства во вид на исплата на дивиденди и кредити на фирмите во странство. Оваа година во поглед на странски инвестиции беше година на „Кемет електроникс“, на „Продис“, на „Кромберг и Шуберт“, „Текхнохозе“, втората фабрика на „Џонсон Контролс“ во Штип, „Скопје Сити Мол“…неколку помали фабрики се отворија во индустриските зони во градовите низ Македонија, отворени се 1.720 нови работни места, а до крајот на следната година се очекува да се отворат уште 4.000 нови работни места. Ова се случува кога во регионот и Европа странските директни инвестиции стагнираат или се во негатива.

Но дали една Влада има или нема успех на полето на привлекување на инвестиции, најоправдано е да се цени врз основа на подолгорочни резултати бидејќи и самиот процес на подобрување на бизнис амбиентот, а потоа промовирање на земјата и носење на одлука од страна на инвеститорите, е долгорочен. За пет години во Република Македонија по основ на странски инвестиции се влезени 1.600 милиони евра, што е двапати повеќе од вкупниот прилив во десетгодишен период кога нашите политички конкуренти од СДСМ ја водеа земјата (ако се изземат приватизациите на државните монополи). Ова покажува дека владините мерки и политики, како и економските презентации на земјава надвор, даваат резултати.

Економски.мк: И покрај кризата, во последните години стапката на невработеност паѓа. На што се должи ова?

Ставрески: Во изминатите години стапката на невработеност континуирано се намалува. Во третиот квартал во 2012 година таа изнесува 30,6, што е најниска стапка на невработеност последните 8 години. Уште побитно, ова се случува во услови на економска криза, кога невработеноста се зголемува во сите европски земји. Сега стапката на невработеност во Македонија е на пониско ниво од предкризниот период.

Намалувањето на невработеноста се должи на повеќе мерки и реформи кои ги спроведува оваа Влада во насока на подобрување на состојбите на пазарот на труд. Тука може да ги споменеме мерките за поддршка на ликвидноста на компаниите преку ниските и рамни даноци, новиот модел на данок на добивка кој овозможи фирмите да имаат 0% данок на добивка доколку не исплаќаат дивиденди и намалените социјални придонеси од 32% на 26,5%. Исто така, значајна е и поддршката на Владата за поттикнување на претприемништвото и приватната иницијатива (првенствено давањето кредити за отпочнување на сопствен бизнис, формализирање на бизнисите и како и за намалувањето на сивата економија), активните мерки и политики за вработување кои се насочени кон лицата кои активно бараат работа, политиката на привлекување на странски директни инвестиции кои отвораат нови работни места итн. Сите овие активности придонесоа за ублажување на последиците од кризата и влијаеја врз намалувањето на стапката на невработеност.
За да може правилно да се димензионираат мерките и политиките за зголемување на вработеноста, како и истите правилно да се насочат, потребно е да се има јасна слика за бројот на невработени лица кои активно бараат работа. Во таа насока, преку измени на законската регулатива се овозможи раздвојување на правото на задолжително здравствено осигурување и условот за регистрирање како невработено лице за стекнување на тоа право. Истото придонесе за значителното намалување на бројот на невработените лица.

Економски.мк: Какви се Вашите очекувања за состојбите во еврозоната годинава? Се гледа ли крајот на кризата?

Ставрески: Економската активност во Еврозоната во текот на 2013 година ќе биде сеуште под силен притисок на фискалната консолидација и недовербата како клучни проблеми. Сепак факт е дека одлучната интервенција на ЕЦБ помогна да се отфрли најлошото сценарио за масовна криза и уште подлабока рецесија. Очекуваме како изминува годината, да има постепено подобрување на состојбите, но се на се растот ќе остане низок и проектираното закрепнување се очекува да биде со слаб интензитет. Реалниот раст на БДП во Еврозоната, според декемвриските проекции на Европска централна банка, се очекува да изнесува помеѓу -0,6% и -0,4% во 2012 година, меѓу -0,9% и 0,3% во 2013 година и меѓу 0,2% и 2,2% во 2014 година. И во такви околности, ние ќе го извлечеме максимумот. Македонската економија ќе оствари подобри резултати од оваа година и растот ќе биде повисок отколку растот на европската економија, иако и натаму тој ќе се движи под потенцијалната стапка на пораст на македонската економија.

Comments are closed.