Скопје, 10 февруари 2014 (МИА) – Државна лотарија на Македонија од утре ќе поставува истурени пунктови низ Македонија за наградната игра „Фискална во рака – награди без мака“, каде граѓаните ќе можат да ги оставаат ковертите со фискални сметки за учество во истата.
Граѓаните ќе можат да ги достават своите пликоа во сандачињата за наградната игра пред продажните места на Државна лотарија од 10 до 16 часот, и тоа на 11 февруари во Велес – продажно место ЛОТО 77, на 12 февруари во Штип – продажно место ТУТУН ПРОМ, на 13 февруари во Кочани – продажно место АНАФИЛ, на 14 февруари во Струмица – продажно место ВАТКОС, на 15 февруари во Гевгелија – продажно место МОНТЕ МК, на 16 февруари во Кавадарци – продажно место СИГМА, на 17 февруари во Прилеп – продажно место ТОБАКО ПЛУС, на 18 февруари во Битола – продажно место ВАГАБОНД, на 19 февруари во Охрид – продажно место ПРАГМА, на 20 февруари во Струга – продажно место КИКИ ТВИНС, на 21 февруари во Кичево – продажно место АНДРОКО, на 22 февруари во Гостивар – продажно место ЈОТОН и на 23 февруари во Тетово – продажно место БАРТОН.
Во Скопје, пак, секој ден ќе функционираат три истурени пунктови на наградната игра и тоа на улица „Македонија“ пред Толлакс – продажно место на Државна лотарија, во „Техномаркет“ – Сити Галери и во зградата на МРТВ.
Главна награда на извлекувањето на 24 февруари ќе биде Сеат Ибица, а ќе бидат доделени и 150 вредносни ваучери од 1.000 до 60.000 денари.
Правилата за учество се едноставни – 20 фискални сметки со датум од 15.11.2013 наваму да се стават во стандарден бел коверт и да се испратат до Државна лотарија на Македонија со назнака „Фискална во рака – награди без мака“.