13 септември 2019 година, Скопје – Поддршка на приватниот сектор, подобрено снабдување со електрична енергија и олеснет пристап до финансии за микро, мали и средни компании се трите области во кои Меѓународната финансиска корпорација размислува да ја поддржи Македонија.
Министерот за финансии Драган Тевдовски оствари средба со Вебке Шлумер, регионален директор на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа и Централна Азија и со Томас Лубек, регионален менаџер.
„Размислуваме да го поддржиме развојот на приватниот сектор преку поврзување на СДИ со домашните компании. Втората област во која би ја насочиле нашата поддршка е овозможување подобра снабденост на електрична енергија од обновливи извори. Третата област е поттикнување на развојот на микро, мали и средни претпријатија преку олеснет пристап до финансии“, истакна Шлумер.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, ја посочи посветеноста на Владата на овие прашања. Во делот на пристапот до финансии од големо значење е потпишувањето на договорот со ЕИБ за 100 милиони евра евтини кредитни линии.
Ова е прва посета на Шлумер од нејзиното назначување на позицијата регионален директор.