Реализацијата на капиталните инвестиции заклучно со 30 ноември изнесува 73,5%, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по потпишување на договорот за првиот заем во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги финансиран од Светска банка.

 

Во делот на вработувањата во јавната администрација за наредната година, посочи дека ќе се спроведува многу стриктна дисциплина на новите вработувања. Нема да има вработувања и на местата на оние кои ќе заминат во пензија, чиј број е меѓу 1.000 и 1.500. Ставрески вели дека ќе се реализираат само потребните вработувања за евроинтеграции.

 

Министерот за финансии најави дека е можно во почетокот на 2010 година да бидат донесени дополнителни мерки за ублажување на последиците од кризата врз стопанството.

 

– Во континуитет спроведуваме политики и мерки кои овозможуваат да се ублажат последиците од светската криза. Во разговори сме со стопанските комори за новите мерки што тие ги размислуваат, за некои наши размислувања, така што можно е на почетокот на 2010 година да имаме поволен исход во насока на реализација барем на некои мерки што можат дополнително да помогнат на стопанството, изјави Ставрески и додаде дека трендовите од последните месеци укажуваат дека постепено има закрепнување во економијата поради што очекува 2010 да заврши со позитивна стапка на раст.

 

Тој потенцира дека политиките на Владата ќе продолжат во насока на поддршка на сите фирми.

 

– Моделот што го одбравме беше помош на сите компании во Македонија со мерки што се поволни за сите фирми, посебно за оние што вработуваат најмногу, зашто основно е да се заштитат работниците, додаде вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Comments are closed.