Кавадарци, 1 април 2016 (МИА) – Поволностите што се нудат преку владините проекти „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ и условите за нивно користење синоќа беа претставени пред кавадарчани. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на презентацијата истакна дека најновиот проект со кој младите до 35 години можат да обезбедат куќа за себе нуди извонредна можност да го сторат тоа со помош на Владата, истакнувајќи оти тоа е можност која се дава еднаш во животот.
– Со караванот „Купи куќа за млади” сме присутни во сите поголеми општини во државата. Претходно го имавме проектот „Купи куќа, купи стан” кој беше наменет за сите граѓани кои сакаа да дојдат до сопствени стан или куќа. Во разговор со младите увидовме дека младите имаат предизвик кога се на почетокот на животот и кариерата, а немаат заштеда за да обезбедат куќа за себе. Беше потребно да дизајнираме проект за нив, рече вицепремиерот.
Објасни дека во проектот можат да учествуваат сите кои имаат помалку или наполнето 35 години. Ако се во брак, доволно е едниот брачен другар да го исполнува тој услов. Се осврна и на тоа што нуди и зошто е толку добар и уникатен проектот во кој се користат кредити до 50 илјади евра.
– Има две опции. Едната овозможува да се користат субвенции при отплата на месечната рата. Ако одите во банка и побарате кредит од 30 илјади евра, околу 200 евра е месечната рата која треба да се плаќа. Банката ќе побара учество од околу 7.5 илјади евра. Во текот на првите 8 години од враќањето на кредитот, секој месец 80 проценти од месечната рата плаќа Владата, или 160 евра. Тоа е таа субвенција, остануваат за плаќање уште 40 евра месечно, информираше Ставрески.
Соопшти дека во наредните три години, половина од ратата плаќа Владата, а половина граѓанинот што земал кредит. Од 12 до 20 години од кредитот, целосниот износ на месечната рата го плаќа тој што подигнал кредит.
– Значајно е што полни 11 години од вкупно 20 има огромната поддршка од Владата. Тој период е најзначаен бидејќи во текот на тие 11 години, човек напредува во работата и заштедува, па полесно може во иднина да го поднесе товарот на враќањето на средствата, нагласи вицепремиерот.
Тој ја образложи и втората можност која се нуди од проектот кој не треба да се пропушти.
– Некој сака да земе кредит во банка од 30 илјади евра, но нема учество од 7,5 илјади евра. Во тој случај Владата ги обезбедува тие пари, а месечната рата си ја плаќа корисникот на кредитот, додаде Ставрески.
Нагласи дека никој досега во Македонија или на кое било друго место не обезбедил ваква поддршка за граѓаните. – Сите повозрасни знаат дека ние сме ја немале таа поддршка. Сме го правеле тоа со сопствени сили, а тоа не е секогаш лесно. Треба човек да се откаже од многу работи, се штеди на се што може да се штеди, од исхрана до облека. А се работи за животно прашање, едно од најважните, бидејќи не се обезбедува дом десет пати во животот. Но затоа сега ја нудиме оваа можност за поддршка при обезбедувањето на куќа, рече министерот за финансии.
Проектот може да се користи за изградба на нова куќа, но и за надградба на постоечка. Поддршка при реализацијата на проектот има и од општините кои ќе понудат плацови за изградба на куќи. Стеврески нагласи дека со инвестициите во Кавадарци има голем број вработувања, па затоа се создаваат можности кавадарчани да бидат едни од најголемите корисници на овој проект.
Градоначалникот Александар Панов информираше дека Кавадарци ќе понуди околу двеста локации за овој проект.
– Најголемата локација е во месноста викана Смилица или во катастарска општина Глишиќ. Во градот има неколку помали локации, од кои едната близу реката Луда Мара, која на две парцели има обезбедено околу 90 плацови. Во моментов директно може да се распише оглас за понуда на десетина локации, појасни тој.
Панов нагласи дека целта на општината е понудата да биде поголема, за плацовите да бидат со пониска цена.
Ана Николова од канцеларијата „Купи куќа купи стан” од Скопје го презентираше новиот проект и подетално им објасни на присутните, кои се условите за да се користат поволностите кои ги нудат и двата проекта, кој, како и каде може да аплицира, кои се бенефициите и слично.
Проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“ вчера беа претставени и во Неготино и Демир Капија. Караванот е планирано да одржи презентации во вкупно 30 општини, а следните презентации ќе бидат во Струмица, Радовиш, Тетово, Гостивар, Кичево, Берово и Дебар.