„Квалитетно е!“, рекоа пред десетина години едни политичари и некои „експерти за се’“ и спроведоа професионално некомпетентна, економски штетна и правно криминална приватизација. Приватизација, која направи илјадници луѓе да живеат несреќен живот.
„Квалитетно е!“, рекоа пред десетина години едни политичари и некои „експерти за се’“ и спроведоа професионално некомпетентна, економски штетна и правно криминална приватизација. Приватизација, која направи илјадници луѓе да живеат несреќен живот. Ќе се согласите дека тоа е состојба на изопачен квалитет. На недостаток од критериуми. На недостаток од морал. Или се’ заедно
Hominem experiri multa paupertias lubet. (Сиромаштијата го тера човекот се да искуси) Публилиус Сирус 1 век пр.н.е.
Квалитетот како тема е постојано присутен во јавноста, во нашето секојдневие, во нашиот начин на живеење. Дури и несвесно, сите ние секојдневно сме во потрага по квалитет. Бараме квалитетни работници, на пазар бараме квалитетни домати, бараме квалитетни зборови кога треба да се обратиме во јавноста. Секојдневно го цениме квалитетот на производите што ги купуваме, храната што ја јадеме, услугите што ги уживаме и на одлуките што ги носиме. Сите овие мали работи со кои секојдневно се сретнуваме го сочинуваат квалитетот на нашето живеење.
Но, кога веќе зборуваме за квалитетот, неизбежна е и неговата антитеза – неквалитетот. Неквалитет е се’ што е спротивно на квалитет. Несреќни сме (или најблаго речено незадоволни) кога во нашето секојдневно живеење барајќи квалитет наидуваме на неговата спротивност. Во нашата природа е да го избегнуваме неквалитетот, а да го поддржуваме квалитетот. Ваквиот однос историски довел до прогрес: квалитетниот производ се изборил за своето место и придонесол за развој на човештвото, а неквалитетниот со текот на времето исто го нашол своето место, некаде на маргините.
Квалитетот на лично ниво на еден човек не е унифициран. Тој зависи од нивото на воспитување, образование, условите на живеење. Но, кога квалитетот се уредува во рамките на една поширока заедница, тој мора да биде унифициран. Кога веќе квалитетот се унифицира, неминовна е и врската помеѓу квалитетот и неквалитетот, која е позната како критериум за квалитет.
Самите сме сведоци на нашиот револт кога барајќи квалитет наидуваме на неговата спротивност. Уште повеќе револтира кога квазиквалитетот (неквалитет прикриен во квалитет) ќе се испречи пред нас во форма на некаков авторитет. И сето тоа ќе помине низ флоскулата „што да се прави, транзиција е“. Тоа се состојби што длабоко го подјадуваат духот на еден народ, кои се цивилизациски штетни и не водат кон развој. Сведоци сме на безброј такви појави во годините од осамостојувањето.
„Квалитетно е!“ – рече ѓаволот и седна во коприви. „Квалитетно е !“ – рекоа пред десетина години едни политичари и некои „експерти за се’“ и спроведоа професионално некомпетентна, економски штетна и правно криминална приватизација. Приватизација, која спроведена на неквалитетен начин, направи илјадници луѓе да живеат несреќен живот. Ќе се согласите дека тоа е состојба на изопачен квалитет. На недостаток од критериуми. На недостаток од морал. Или се’ заедно.
Секоја држава, меѓу другото, е позната и по квалитетот на своите производи и услугите. По квалитетот на некои свои производи определени држави градат имиџ. На сите ни е познат квалитетот на француското вино, јапонските возила, белгиските чоколади, секако и на македонското овошје и зеленчук. Многу странци што доаѓаат тука велат дека првпат во животот вкусиле вистинска праска, лубеница, јаболко, пиперка или домат. Значи можеме да бидеме квалитетни, но треба тој квалитет да биде и докажан.
Во современите општества неминовно е да има институции што се грижат за квалитетот. Тие институции ги определуваат правилата и критериумите за квалитет. Во нашата држава трите основни столба на целокупната контрола на квалитетот на производите се Институтот за стандардизација, Институтот за акредитација и Бирото за метрологија. Институтот за стандардизација ги пропишува стандардите за квалитет, Бирото за метрологија се грижи лабораториите што го контролираат квалитетот да се во чекор со современите трендови, а Институтот за акредитација ја верификува способноста на сите што го контролираат квалитетот. Ваков или сличен институционален систем на контрола на квалитет има во секоја држава.
Тоа што кај нас недостасуваше во изминатите години беа здравите основи на кои овој систем не беше поставен. Сведоци бевме на многу злоупотреби во овој домен, на издавање акредитации на фирми што немаа ниту еден вработен, на приватизација на одделни сегменти од системот. На нелојално и вештачки створени монополски позиции. На одделни луѓе, кои поради блискоста со некои моќници, беа фаворизирани и добија позиции рамни на монопол во контролата на квалитетот во определени области.
Тоа се копривите во кои лежи ѓаволот од нашата приказна. Тие коприви мора да бидат откорнати ако сакаме вистински квалитет, конкурентни домашни производи и правилно поставени морални вредности, што заедно ќе доведат до поквалитетен живот на граѓаните воопшто.
Со подобрување на квалитетот на институциите и со спроведување на квалитетни реформи, Владата може да влијае да се создадат услови за подобра и посреќна иднина. Владата може да ги зајакне институциите, да пропише соодветна регулатива, да отвори сериозна борба со корупцијата и со криминалот, да ги поедностави прописите, се’ со цел да се подобри квалитетот на бизнис-климата и квалитетот на животот воопшто.
Сепак, мерката на квалитетот на животот на еден човек не може да се обработува само во институционални рамки. Ниедна владина институција не може да ни пропише хармонични меѓусебни односи, да ни даде поголема општа и политичка култура на однесување или убави меѓусебни зборови.
Некои велат дека посреќно се живее кога желбите се релативно усогласени со можностите, односно кога прагот на желби е на ниво на кое човек порастоварен од бремето на желбите може да донесе квалитетна одлука, која ќе го направи среќен. А личната среќа, дефинитивно е лична работа.