Какви се очекувањата од државата во услови на економска криза, како државата го финансира јавниот долг, дали има премногу задолжувања и кои се најефикасните начини за реформирање или контролирање на нивото на јавен долг, се само дел од прашањата опфатени со конференцијата „Free Market Road Show“ на тема „Последиците од високите износи на јавните долгови на европските земји – Консолидација на јавните буџети како приоритет“ што денеска се одржува во Скопје.
На серијата конференции „Free Market Road Show“, што по втор пат се одржува во Македонија, универзитетски професори, бизнис лидери, политичари, економисити и новинари патуваат низ повеќе европски градови во кои заедно со локалните партнери и колеги отвораат платформи за дискусија по прашања поврзани со глобалните случувања на економски план.
Годинава првиот дел од серијата конференции, предвиден за мај, завршува во Скопје. Претходно беа посетени Братислава, Прага, Виена, Будимпешта, Загреб, Подгорица и Белград, а во септември се планира да се постетат градови од западна Европа меѓу кои Берлин, Лондон и Брисел.
Начинот со кој Република Македонија се справува со проблемите и влијанието од глобалната криза ги појасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Тој истакна дека Владата во насока на заштита на стопанството од почетокот на светската економска криза спроведе четири пакети на антикризни мерки, како и два ребаланса на Буџетот за 2009 година за да се оствари предвиденото ниво на буџетски дефицит од 2,8 отсто од БДП.
– Буџетската политика на Македонија беше поставена со нешто повисок биџетски дефицит со цел да се ублажат влијанијата од кризата и да делува буџетската политика антициклично. Македонија за разлика од други земји умерено го правеше тоа со што зголемениот буџетски дефицит не предизвика прекумерно задолжување и прекумерен пораст на јавниот долг, рече Ставрески.
Ставрески истакна дека Македонија 2009 година ја заврши со ниво на вкупен јавен долг од 32 отсто од БДП во кој е вклучен долгот на НБРМ и јавните претпријатија, а доколку се исклучат тие главниот долг изнесува 24 отсто од БДП. Тоа, според него, покажува дека Македонија остана ниско задолжена земја со што се овозможува полесно да се справи со потребата од финасирање на среден и долг рок и редовно да ги сервисира обврските.
– Македонија спаѓа во малкуте земји кои во денешно време немаат изразена потреба од прилагодување во јавните финансии од апект на јавниот дефицит. Ние ќе се обиде и во наредните години висината на јавниот дефицит да биде во рамки што нема да предизвикаат значајно зголемување на долгот. Тоа значи дека ќе се реализира дефицит од 2,5 проценти во 2010 и 2011 година кој потоа ќе се пушти на ниво од 2 процентен буџетски дефицит, рече Ставрески, нагласувајќи дека прудентен лимит за ниво на задолженост на земјава е 40 отсто од БДП. Тој посочи дека со тоа се овозможува реализирање на неколкуте инфраструктурни и енергетски проекти кои се од значење за Македонија, како што се коридорите 8 и 10 и доизградбата на пругата.
– Глобалните состојби во моментов се прилично загрижувачки имајќи во предвид што се случува во еврозоната како наш главен партнер и несомнено доколку продолжат таквите движења може да предизвикаат проблеми за македонската економија и јавните финансии во насока на остварување на зацртаните проекции. Доколку дојде до стабилирање на состојбата во еврозоната Република Македонија ќе може да ги оствари главните економски параметери во делот на јавните финансии и буџетскиот дефицит, како и во делот на вкупните макорекономски случувања, рече Ставрески.
Претставникот на Сојузот на стопански комори на Македонија Лидија Нануш истакна дека ниските даноци во Македонија можеби не обезбедуваат доволно средства за финансирање на постојните трошоци.
– Во услови на намалена побарувачка од странство државата мора да обезбеди придвижување на стопанството од внатре преку финансирање на инфраструктрни проекти во енергетика и јавен сектор, рече Нануш и додаде дека стабилноста на денарот не е во функција на раст на економијата.
Таа нагласи дека државата треба на време да ги враќа сретствата по основ на поврат на ДДВ на стопанството. Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија побара државата во овие времиња да биде партнер на стопанството и да интервенира на пазарот по примерот на другите држави, иако, како што рече, за него слободата на пазарот е икона.
На тоа министерот Ставрески одговори дека не е добро државата да се меша во пазарот и да одлучува кои фимри ќе опстанат, а кои не.
– Подобро е државата да биде во позадина, а главни играчи да бидат стопанствениците. Многу е тешко кога еднаш државата ќе почне да се меша во бизнисот и да одлучува кој сектор треба да оди напред а кој да пропадне, да се извлече од тоа, рече Ставрески.
„Free Market Road Show“, за прв пат започна во 2008 година кога посети пет града во Европа – Виена, Порторож, Берлин, Прага и Брисел, а лани се одржа во осум града меѓу кои и во Скопје.(МИА)