Главен извор на финансирање на фирмите и натаму мора да остане кредитирањето од банките. Иако од месец во месец се одобруваат се повеќе кредити се уште постои глад за нив и цена многу повисока од оптималната.
 
Таква оценка изнесе денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на конференцијата „Финансирањето на компаниите во период на криза и како да се обезбедат финансии и ликвидност“, што се одржа во организација на Европската бизнис асоцијација и Фондацијата Конрад Аденауред.
 
Како резулат на светската економска криза, укажа Ставрески, компаниите обезбедуваа малку пари преку кредити од банките и се свртеа кон финансирање од сопствени извори, односно меѓу 55 и 80 проценти од финансиите ги обезбедуваа на тој начин, а само 15 проценти од банките.
 
Во ситуација на намалена кредитна активност, наведе Ставрески, Македонија, како и многу други држави, реагираше со обезбедување поволни кредитни линии од меѓународни финансиски организации и зајакнување на финансиките државни институции, како што е Македонската банка за поддршка на развојот преку која беа пласирани 100 милиони евра од Европската инвестициска банка за финансирање на мали и средни претпријатија. Од таа кредитна линија се искористени 46 проценти.
 
– Кај нас нивото на кредитна активност пред кризата беше нешто пониско од земјите во соседството, но затоа сега е малку повиско. Заклучно со април порастот на кредитната активност на банките е околу 8 проценти, што значи дека ако се земе предвид дека минатата година во декември имаше нула проценти раст, сепак има раст на кредитната активност, која очекуваме до крајот на годината да достигне 10 до 12 проценти, што би било солидна стапка со оглед на околностите во кои се наоѓаме, рече Ставрески.
 
Тој ја истакна како значајна и мерката со која се најавува зголемување на гаранцијата за штедните влогови до 30.000 евра, која треба да помогне да се зајакне довербата во македонскиот банакрски сектор.
 
Штедењето во банките е на ниво од 14 проценти, односно таа е повисока од стапката на кредитна активност, што значи дека има дополнителен потенцијал кој банките може да го стават во функција, оцени вицепремиерот. Очекуваме да продолжат ефектите и од дополнителна мерка со која фирмите беа ослободени од данок на добивка, укажа вицепремиерот. Во 2009 година споредено со 2008 година од неоданочената добивка Буџетот изгубил 70 милиони евра, но затоа тие пари останале кај фирмите. – Оваа мерка треба да помогне и во иднина, но сепак главен извор и натаму мора и ќе остане кредитирањето од банките, порача Ставрески.
 
Според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, во реалниот сектор недостигаат пари, а само развиен дијалог меѓу бизнис заедницата и власта може да даде одговор за излез од состојбата. – Не се работи само за кризата. Зад нас има многу неповолен долг период, а економската криа само ги исфрли на површина неповолните состојби. Немаме алтернатива за извоз, соработката со земјите во опкружувањето е слаба поради лошата инфраструктура. Состојбата е лоша, а во реалниот сектор нема пари, рече Азески.
 
Компаниите, наведе Азески, и натаму бараат примена и на вертикани мерки, а не само на концептот на хоризонтална помош. Капиталните буџетски инвестиции, според нивните барања, треба да бидат искористени максимално, а во Буџетот да има преструктуирање. Мора, истакна Ставрески, да се дојде до некакво европско решение за меѓусебно пребивање на долговите меѓу приватниот и јавниот сектор, рече Азески.
 
За поранешниот гувернер Љубе Трпески еден од излезите за сегашната состојба за полесен пристап на стопанството до финансии е промена на монетарната стратегија.
 
– Монетарната стратегијата на таргетирање на девизниот курс откако ќе ги даде резултатите, а тоа е симнување на инфалацијата на ниско ниво, подоцна треба да се замени затоа што ако се применува подолго дава штетни резултати и ја гуши ликвидноста. За жал кај нас нема подготвеност на промена на таквата стратегија, рече Трпески.
 
Според поранешниот вицегувернер Томе Неновски, иако сега состојбата во економијата е лоша, таа можела да биде уште полоша, а Македонија излегува од кризата помалку повредена од останатите држави.
 
Банките, истакна Неновски, генерално се однесуваат внимателно бидејќи поради кризата имаат аверзија кон ризик.(МИА)