Корисниците на потрошувачки кредити во Македонија во иднина ќе ги уживаат истите права и заштита како граѓаните од земјите членки на Европската унија. Тоа го овозможува новиот Закон за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, кој веќе стапи на сила и е целосно усогласен со стандардите и принципите на Европската унија.
 
Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за економија Фатмир Бесими и претседателот на Организацијата за заштита на потрошувачи Маријана Лончар Велкова.
 
Со измените зголемена е горната граница од 20.000 на 75.000 евра на она што се дефинира како потрошувачки кредит одобрен на физички лица. Сега како потрошувачки кредит се смета кредит во износ од 200 до 75.000 евра.
 
– Измените се во насока на заштита на потрошувачите. Тоа ќе значи поголем број на кредитобаратели, односно корисници на кредити ќе ги уживаат правата на измените на законот, рече вицепремиерот Ставрески.
 
Тој како втора и најзначајна измена ја истакна воведувањето на обврската за сите даватели на потрошувачки кредити задолжително на корисниците на кредитите да им даваат пред догворни информации во кои ќе им се презентира се што е потребно за да бидат целосно информирани.
 
– Посебно е значајно што се унифицира образецот на кој таа информација ќе биде презентирана со што се избегнува можноста за прикривање на одредени трошоци или различен начин на нивна презентација, односно давање на асиметрична информација. Со тоа секој барател на кредит ќе може да ги спореди условите што ги даваат банките и кредитините институции и ќе може точно да види кои услови му се подобри, рече Ставрески.
 
Со измените се пропишува и точно кои информации треба да ги содржи образецот при што дефиницијата за вкупни трошоци на кредитот прецизно се дефинира и ги опфаќа сите трошоци поврзани со кредитот што треба да ги плати потрошувачот, односно камати, провизии, даноци, надоместоци и евентуално осигурување со што се избегнува плаќање на т.н. скриени трошоци.
 
Се продолжува и рокот од пет на 14 дена во кој кредитобарателот може да се премисли и да го откаже кредитот.
 
– Висината на надоместокот што ја наплатува кредиторот во случај на предвремена отплата на кредитот досега не беше ограничена и секоја финансиска институција наплаќаше онолку колку што сака. Со измените е ограничена 1 отсто од износот што се плаќа предвреме ако периодот до целосна отплата на кредитот е подолг од една година и 0,5 отсто ако периодот до целосна отплата на кредитот е пократок од една година, појасни Ставрески.
Се воведува и новина според која освен писмената форма кредитните институции се должни да го доставуваат дговорот и преддоговорните информации како известување до потрошувачите и преку друг траен медиум – дискета, меил, ЦД Ром, ДВД.
 
– Се воведува и заштита на потрошувачите преку телефон или други средства за гласовна комуникација на далечина преку пропишување на информациите што задолжително се даваат на потрошувачот, а се проширува и опфатот на информации при презентирањето, односно рекламирањето на потрошувачките кредити. Се воведува стандардизиран пристап кои се информации е должна финансиската институција да ги презентира при рекламирањето на своите производи вклучително каматна стапка, износ на кредит, рок на кредит и евентуално ако се бара уплата во готово, истакна вицепремиерот Ставрески.
 
Барањата за евентуално кршење на правата, посочи, граѓаните ќе може самостојно да ги доставуваат или преку Организацијата за заштита на потрошувачите. Како следни активности на планот на заштита на потрошувачите, среднорочно, нагласи, се размислува за воспоставување на единствен орган надлежен за супервизија на кредиторите од аспект на заштита на потрошувачите, како што е во најголем дел од земјите членки на ЕУ.
 
Министерот за економија нагласи дека воведувањето на измените ќе доведе до воспоставување фер позиции меѓу сите учесници на пазарот.
 
– Со измените се создаваат услови за зголемување на довербата и заштита на компаниите и стопанствениците кои работат фер. Можноста потрошувачите да бидат целосно информирани за тоа што им се нуди и се бара од нив на долг рок создава основа за здрава економија и за зголемување на потрошувачката, а тоа е поттик за повеќе инвестиции и нови работни места, рече Бесими.
 
Министерството за економија, истакна, ќе биде надлежно во делот на издавање на кредитит со одложено плаќање, а контрола ќе врши Државниот пазарен инспекторат како во делот на договорите, така и во делот на рекламирањето и веродостојноста на информациите доставени до потрошувачите.
 
– По иницијатива на Државниот пазарен инспекторат и Организацијата за заштита на потрошувачите Министерството за економија ќе може да ја одземе дозволата за издавање на кредити со одложено плаќање или да изрече казна забрана за вршење на дејност во траење од 30 дена, рече Бесими.
 
Претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачи истакна дека се задоволни од поканата да учествуваат во изработката на Законот и додаде дека тој претставува позитивен чекор напред кон заштитата на правата на потрошувачите заедно со донесувањето на Законот за финансиските друштва и најновите измени и дополнувања на Законот за заштита на потрошувачите во доменот на нечесното пазарно однесување.
 
– Со ваквото заокружување на правната регулатива се придонесува кон подобра заштита на потрошувачите, но треба многу да се внимава на имплементацијата на Законот за да не остане празно слово на хартија, рече Лончар Велкова.
 
Според статистиката, нагласи, од над 4.800 предмети во општи правни советувања во доменот на финансиските услуги 103 советувања имало на граѓани кај банкарсктие услуги, а 48 кај осигурувањето. Поплаките оделе во насока од неправилно менување на општите услови на договорите, неискажување на вкупните трошоци, нетранспраентноста на членарината, менување на каматните стапки и покрај договорентие за одредени периоди фиксни стапки, измамното рекламирање, до неможност за раскинување на договорите за кредит.
 
– Тоа укажува дека граѓаните треба да бидат информирани во однос на преддоговрните и постдоговорните информации и услуги кои се нудат. Треба континуирано да се работи и на финансиксата писменот на граѓаните, како и да постојат советувалишта во кои граѓаните ќе можат да се информираат за се што ги интересира, рече Лончар Велкова и побара да се зголеми влијанието на НБРМ во спогодбеното решавање на споровите меѓу банките и потрошувачите.(МИА)