Агенцијата за кредитни рејтинзи „Стандард и Пурс“ ја потврди оценката за Македонија која останува со добар кредитен рејтинг, ББ стабилен, и по повлекувањето на средствата од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
 
Тоа го изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарски прашања по вклучувањето во акцијата за засадување дрвца во општина Илинден.
 
Според Ставрески, потврдата од „Стандард и Пурс“ се случува по повлекувањето на средствата од ММФ. – Тие потврдија дека повлекувањето на средствата од ММФ воопшто нема да влијае на оценката на „Стандард и Пурс“ за Македонија. Значи остануваме со добар кредитен рејтинг којшто е потврден од минатиот пат. Тоа е ББ стабилен, рече вицепремиерот.
 
Вкупниот јавен долг на државата , според Ставрески, моментно изнесува 33,5 проценти, што, како што рече, е двојно пониско од европскиот просек, од мастришкиот критеруим од 60 проценти, како и од други земји кои имаат над 100 проценти долг.
 
Тоа, потсети тој, е резултат на предвремената исплата на обврските во 2007 и 2008 година кога имавме добри економски резултати и кога Македонија го намали долгот.
 
– Долгот во 2006 година беше 39,5 проценти, се намали и тоа создаде простор Македонија, според оценките на ММФ и Светска банка, да е една од ретките земји во регионот што има фискален простор за зголемување на долгот со цел да финансира одредени проекти и слично. Тоа се податоците и нашето ниво на долг се смета за ниско до умерено, истакна вицепремиерот.
 
Државните записи, додаде тој, годинава се на ниво од околу 900 милиони денари на нето основа.
 
– Тоа е износ што е предвиден во Стратегијата. Ако се создадат услови до крајот на годината со оглед на повлекувањето на средствата од ММФ ќе настојуваме да ги намалиме и да се сведат на нула ако е можно. Во секој случај, средствата што се земаат од ММФ овозможуваат на домашен план кога станува збор за домашно задолжување на нето основа да бидеме блиску до нула, односно само да се рефинансираат оние износи што претходно биле запишани, да нема ново повлекување на средства со цел банките да можат да ги финансираат фирмите и граѓаните, рече Ставрески.(МИА)