Скопје, 25 октомври 2013 (МИА) – Развојот на економиите на Македонија и на Русија создаваат погодни предуслови за натамошно зајакнување на билатералните трговско-економски односи, а голем потенцијал има во енергетиката, земјоделството и образованието.

Ова е констатирано на денешната седма седница на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка на која коретседавачи од македонска страна се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, а од руска заменик-министерот за правда Максим Травников.

Како што соопшти Министерството за финансии, од двете страни е истакнато дека постои напредок во соработката во областа на енергетиката, поздравувајќи го приклучувањето на Македонија кон проектот „Јужен тек“.

Македонската страна ја истакна потребата од преференцијален статус за македонските земјоделски и индустриски производи кои би се извезувале без или со намалени царини на рускиот пазар, при што беше договорено да се работи на ова прашање.

Во областа на образованието обезбедени се стипендии за студии и специјализации на македонски студенти во Русија, вклучително и во дефицитарните области како енергетиката.

На меѓувладината комисија беа разгледани можностите за соработка меѓу Република Македонија и Руската Федерација во областа на индустријата, транспортот, регионалната соработка, туризмот и воено-техничката соработка.

Наредната мешовита комисија е предвидено да се одржи во 2014 година во Руската Федерација.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window