Создадени се услови за почнување на првата фаза од проектот за реконструкција на 20 јавни здравстевни установи, откако и официјално е потпишан договорот за заем со Банката за развој при Советот на Европа, која и одобри на Македонија кредит во износ од 23 милиони евра, објавија денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за здравство Бујар Османи.
– Станува збор за еден од покрупните проекти во последните 20 години во здравството, кое е единствениот сектор кај кој ќе има зголемување на финансиите со претстојниот ребаланс на Буџетот, информира Ставрески. Кредитот е со рок на отплата од 20 години, пет годишен грејс период и варијабилна каматна стапка која моментно изнесува од 1,2 проценти на годишно ниво.
– Ова е уште една потврда дека Банката за развој при Советот на Европа целосно ги поддржува економските состојби во Македонија и реформите што се спроведуваат во одделни сектори, рече вицепремиерот Ставрески.
Во финансирањето на првата фаза на проектот, покрај 23-те милиони евра од Банката за развој при Советот на Европа, учествува и Владата со исто толку финансии. Вкупната вредност на проектот ќе биде од 130 до 150 милиони евра. За неопходните подготовки за втората и за третата фаза веќе се обезбедени два милиони евра како грант од Фондот за инфраструктурни проекти на Европската комисија.
– Банката за развој при Советот на Европа веќе има потврдено дека ќе учествува во финасирањето на втората и третата фаза, а ќе се разгледаат и потребите и можностите за евентуално учество и на други финансиски институции, рече Ставрески.
Според министерот Османи, Министерството за здравство ги направило подготовките за реализација на проектот. Спроведени се сите постапки за јавните набавки потребни за градежните зафати, а следната недела ќе се изберат и изведувачи. Градежните работи министерот очекува да почнат во текот на следниот месец.
– Станува збор за историски зафат во здравството кој по повеќедецениско запоставување на здравствените објекти ќе овозможи значително подобрување на условите за третман на пациентите, како и за работа на медицинскиот персонал, рече Османи.
Со правата фаза на проектот се опфатени изградба на нова зграда на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје, реконструкција на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Чаир“, поликлините „Идадија“, „Букурешт“ и „Јане Сандански“, општите болници во Прилеп, Велес, Охрид, Струмица, Гостивар, Куманово, Кочани и во Крива Паланка, Психијатриската болница „Негорци“, Специјалната болница „Јасеново“ и Клиничката болница во Тетово. Целосна реконструкција е предвидена и за зградата на Интерните клиники, при што постоечкиот објект ќе се урива. До изградбата на новиот објект се разгледуваат варијантите за користење на старата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство, по нејзиното селење во новиот објект што се најавува за наскоро, како и на дел од капацитетите на Воената болница. Алтернатива за „Козле“ пак ќе бидат времени објекти, но според Османи, дополнително преку анализи од експертите ќе се утврдат најдобрите варијанти.(МИА)