Струга/Охрид, 22 септември 2015 (МИА) – Почна изградбата на германската „ОДВ Електрик“ во ТИРЗ Охрид/Струга. Објектот во кој ќе се произведуваат компоненти за автомобили е инвестиција од 15 милиони евра, а ќе се гради во две фази и ќе бидат отворени околу илјада нови работни места. Фабриката треба да биде готова до јуни 2016 година.
На почетокот на градбата на објектот присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, директорот на „ОДВ Електрик“ Лудвиг Батон и германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер.
Владата, според премиерот, подолг период интензивно работи на подготовка на соодветна бизнис клима која ја стави државата на мапата на странски компании заинтересирани за проширување на своите бизниси.
– Инвестициите како оваа денес го потврдуваат успехот на имплементираните проекти и мерки чија намена беше токму привлекување гиганти како „ОДВ Електрик“ во Македонија. Со денешното поставување на камен темелникот на новата фабрика Македонија добива нова голема инвестиција од автомобилската индустрија, нагласи Груевски.
Новиот објект, според Груевски, ќе донесе нови технологии и знаења од автомобилската индустрија кои ќе бидат значајни за развој на индустриското производство. Фабриката ќе придонесе и кон зајакнување на извозот бидејќи сите производи се наменети за странски пазари. „ОДВ Електрик“ кој во моментов работи во браунфилд објект во Охрид каде пред една година почна со работа, а регрутира вработени и испрати голем број од нив на обуки, постепено почнува да го зголемува бројот на вработени.
– Деловите што ќе се произведуваат во „ОДВ Електрик“ ќе се продаваат во речиси сите земји во ЕУ и во Кина. Нивен најголем купувач во овој момент е „Фолксваген“ со опрема за сите модели, тргнувајќи од „поло“, „пасат„ „шкода“, „бентли“…, а нивните делови ги користи и компанијата „Лада“. Ќе има сериозен извоз од Република Македонија, ќе започнат со десетина милиони евра, а ќе има и сериозен износ на додадена вредност тука во Македонија, рече Груевски.
Тој потсети дека со најавената инвестиција на компанијата „Костал“, која исто така предвидува илјада вработувања, ќе значи големо раздвижување на пазарот на трудот во охридско-струшкиот регион кој, како што рече, одамна нема видено ваков подем.
– Со влезот на овие две компании можностите за работа на жителите на регионот ќе бидат значително зголемени. Тоа директно ќе се одрази на подобрување на животниот стандард и финансиската сигурност на граѓаните. Тоа се нашите приоритети кон кои и понатаму ќе продолжиме неуморно да работиме, подвлече Груевски.
Владата, најави тој, ќе ја продолжи својата програма и активни мерки за промовирање на инвестициските поволности на Македонија.
– Досега успеавме да изградиме имиџ на топ бизнис дестинација која нуди пристап до европскиот пазар, образована работна сила и одлични услови за почнување и развој на бизнисите. Тоа резултираше со многу реализирани инвестиции и најава на уште многу други, рече Груевски.
Премиерот очекува дека инвестициски бран ќе следи и идната година кој ќе донесе нови фирми подготвени да отворат свои производствени капацитети, а со тоа и дополнителни работни места во земјава.
Тој потсети дека ТИРЗ-овите, покрај „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“, „Ван Хул“, КСС, „Вистеон“, „Диатекс“, „Продис“ и други, се прошируваат за уште една реномирана германска компанија.
Директорот на „ОДВ Електрик“ Батон информира дека компанијата почна со тест производство на три линии во три смени во постоечкиот објект. Одлуката да инвестира во Македонија ја донеле поради подготвеноста на македонската Влада да создаде предуслови поволни за инвеститорите.
– Фабриката ќе се простира на површина од 5.000 метри квадратни со канцеларии, складишта и инфраструктура. Во првата фаза фабриката ќе има капацитет од 500 вработени, а во втората планираме да го удвоиме производствениот капацитет со што ќе дојдеме до бројка од илјада вработени. ОДВ „Електрик“ има амбициозни планови во Македонија со тоа што планираме да го зголемиме производството, да понудиме различни производи и да пренесеме нови технологии. За да го постигнеме тоа компанијата ќе инвестира во обука и надградба на вработените, рече Батон.
Во ТИРЗ-от, според вицепремиерот Ставрески, обезбедени се сите инфраструктурни услови за инвеститорите да се решат да инвестираат.
– Во Република Македонија инвеститорите доаѓаат како во земја со најниски даноци во светот, земја рангирана од страна на Светска банка на 30. место во светот во конкуренција на 189 земји од аспект на поволностите за водење бизнис. Инвеститорите доаѓаат бидејќи во земјава има добра бизнис клима, квалитетна работна сила и добар партнер во Владата за реализација на нивната инвестиција, нагласи Ставрески.
Потврда за тоа е, додаде, и денешната инвестиција која ќе овозможи да продолжи трендот за намалување на невработеноста во Македонија.
– Во ТИРЗ-овите досега се вработени 13.500 лица, потенцира Ставрески.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Мизо изрази задоволство што токму компанија како „ОДВ Електрик“ како најповолна дестинација за реализирање на нивната следна инвестиција ја препозна зоната во охридско-струшкиот регион.
Географската поставеност на зоната, како што истакна, во близината на аеродромот „Свети Апостол Павле“ и близината до граничниот премин кон Албанија ќе им овозможи на инвеститорите одлична комуникација со меѓународниот пазар.
– Уверен сум дека позитивните примери на сегашните инвеститори, позитивната клима, квалификуваната работна сила, но и индустриската традиција на регионот ќе бидат повод и други странски инвеститори да ја одберат Македонија, рече Мизо.