Европската инвестициска банка и одобри 130.000.000 евра на Република Македонија за изградба на дел од автопатот на Коридор 10, односно патниот правец Демир Капија – Смоквица.
 
Како што соопшти Министерството за финансии, парите се одобрени под исклучително поволни услови, со каматна стапка која во моментов изнесува 1,3 отсто, со рок на отплата од 15 години со вклучени пет години грејс период.
Вредноста на целиот проект изнесува околу 245 милиони евра. Покрај ЕИБ, во финансирањето ќе учествуваат и Европската Унија со грант од 45.000.000 евра преку ИПА – програмата и Европската банка за обнова и развој со заем од 107.000.000 евра, од кои 90.000.000 евра се наменети за изградба на автопатот, а остатокот за модернизација на системот за наплата на патарина и наплатните станици долж автопатот на Коридор 10. Република Македонија учествува во проектот со околу 6.000.000 евра обезбедени од буџетот на државата.
 
– Изградбата и развојот на главните пан-европски коридори кои поминуваат низ нашата земја се висок приоритет на Владата на Република Македонија, се наведува во соопштението.
 
Со автопатското решение на Коридор 10 ќе се изгради модерна делница во согласност со европските стандарди. Таа ќе придонесе за намалување на патните трошоци како и за заштеда на време, преку олеснување на протокот на возила. Со доизградбата на оваа алка во должина од околу 28 км, ќе се обезбеди поврзување на главните урбани, индустриски и трговски центри долж Коридорот 10 во рамките на регионот и пошироко во Европа, што ќе влијае на зголемување на транзитот на возила низ земјава и трговската размена.(МИА)