Скопје, 9 декември 2011 (МИА) – Македонија добива на располагање грант од Европската комисија во износ од 59,5 милиони евра, од кои 45 милиони евра за заокружување на финансиската конструкција за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, дел од Коридорот 10, како и 14,5 милиони евра за пречистителна станица во Прилеп.

 

Договорите за двата инфраструктурни проекти, кофинансирани од ЕК преку ИПА инструментот за регионален развој, ги потпишаа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите за транспорт и врски и за животна средина Миле Јанакиески и Абдилаќим Адеми и директорот за регионална политика на ЕУ Жан-Мари Сејлер.

 

Покрај 45. милиони евра обезбедени преку ИПА компонентната за регионален развој, за автопатската делница се обезбедени и 130 милиони евра од Европската инвестициска банка, 90 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, како и шест милиони евра од македонската Агенција за државни патишта. – Со тоа целосно е заокружена финансиската конструкција за изградба на модерен автопат Демира Капија – Смоквица, со што ќе се комплетира главната оска на Коридорот 10 кој е главниот транспортен коридор низ Македонија што на север не поврзува со Европа, а на југ со значајното Солунско пристаниште за нас, рече по потпишувањето вицепремиерот Ставрески.

 

По завршување на тендерот за избор на изведувачот на градежните работи, на кој понуди доставија 15 компании, според Ставрески, до средината на следната година треба да заврши постапката околу евалуацијата и изборот на компанијата и да почне изградбата.

 

Пречистителната станица во Прилеп, истакна, е прва од низата проекти во областа на прочистување отпадни води што ќе се реализира со пари од ЕУ во Македонија. За тој проект ќе бидат обезбедени и шест милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

 

– Ова се само два од повеќето проекти што ќе се реализираат во рамки на третата регионална компонентна од инструментот за претпристапна помош што е во вкупен износ од 202 милиони евра, со кои ќе финансираме дополнителни проекти од областа на патниот и железничкиот сообраќај. Пред се, се надевам на финансиска поддршка во делот на железничкиот сообраќај и значајните проекти кои ги имаме за следната година во однос на Коридорот 8 и проекти поврзани со третманот на отпадни води и управување со отпад, наведе Ставрески.

 

Според него, само преку реализација на крупни инфраструктурни проекти може да се подобри конкурентноста на националната економија и да се обезбеди повисок економски раст и развој на државата. Тоа, нагласи, пред се, е во корист на граѓаните, а исто така придонесува и за интеграцијата на Македонија во ЕУ.

 

За директорот за регионален развој при Директоратот во ЕУ Сејлер, изградбата на автопатската делница од Коридорот 10 е важна за Македонија, нејзините соседи и за ЕУ. При реализациј на проектите од тој тип владите, смета тој, треба да имплементираат европски вредности, односно да се понуди квалитет за вложените пари, како и да се преземат мерки за зачувување на животната средина. Важно е и проектите да се спроведат до одредениот рок. Во спротивно, додаде, дел од средствата може да бидат загубени.

 

– Ова е почеток и по овие два се надеваме дека во иднина ќе продолжиме со уште повеќе проекти за да ја достигнеме вистинската цел, посочи Сејлер.

 

На новинарско прашање за критериумите што беа поставени на тендерот поради кои домашните компании не можеа да учествуават тој наведе дека станува збор за пари на ЕУ која поставила високи критерими за да може да ги привлече најдобрите компании кои најдобро ќе ја изградат делницата и која ќе остане за подолго време. Тоа не значи дека домашните компании не можат да бидат дел од вакви проекти, но за некои помали за кои нема толку високи критериуми, наведе Сејлер.

 

Министерот за транспорт Јанакиески очекува изградбата на новата автопатска делница Демир Капија Смоквица која треба да се реализира како целосно автопатско решение, да трае четири години, односно целиот проект да се заврши до крајот на 2017 година. Предвидено е да содржи 2+2 коловозни кенти со широчина од 3,5 метри за секој правец, физички одвоени со средна лента од три метри. Предвидено е да има шест двоколозни мостови, два тунели, две клучки, пет натпатници и седум потпатници. Се работи за сложен проект, но многу значаен кој се очекува да придонесе не само за развојот на Македонија, туку и за цела Југосточна Европа, оцени Јанакиески.

 

Адеми, пак, наведе оти е убеден дека кон средината на следната година ќе може да почне изградбата на пречистителната станица во Прилеп. Овој комплексен проект ќе се спроведува преку три договори, за изградба на пречистителна станица на отпадни води, за доградба на канализациска мрежа и за надзор на градежните работи. Со негова реалзиација ќе се обезбеди заштита на површинските и подзмените води во Прилепскиот регион, ќе има придонес и за подобрување на квалитетот на земјоделските култури во овој регион, а на граѓаните поквалитетна животна средина. Ќе се обезбеди и заштита на водите на реките во овој регион, појасни Адеми.

 

Тој се надева дека проектот ќе биде позитивно искуство кое ќе помогне Македонија да добие позитивен одговор од ЕК и за други големи проекти од областа на животната средина.

 

Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески истакна дека Прилеп е првата општина која користи еден од поголемите грантови од ЕУ за изградба на пречистителна станица, односно за третман на отпадните води.

 

– Проектот во Прилеп е значаен пред се за заштита на животната средина, односно за прочистување на градската река низ центарот на градот, чиј главен рецепиент е реката Црна, а преку неа и реката Вардар. Бидејќи Прилеп почива на најплодната рамница во Македонија проектот е многу битен и за наводнување на земјоделските култури, односно сите производи кои во иднина ќе се произведуваат во Прилепско поле и ќе се наводнуваат со таа вода ќе бидат по највисоки еколошки стандарди. Водата која ќе се прочистува преку реката Црна ќе се движи и низ еколошки најчистиот регион во Македонија односно во областа Мариово, рече Ристески.

 

Comments are closed.