Вашингтон, 27 април (МИА) – Ребалансот на Буџетот на Македонија за 2009, што го подготви Владата во кој се скратуваат расходите и пакетот антикризни мерки добија добри оценки од Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Според претставниците на овие две меѓународни финансиски институции со кои во Вашингтон викендов се сретнаа вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески е избран вистинскиот правец и оти Македонија добро се справува со кризата.
– Се потврди дека поддршката на економската активност преку инфраструктурните проекти е совет и од меѓународните финансиски институции. Останува да се види како во текот на годината ќе се развива состојбата со платниот биланс, а ќе продолжиме со разговори и со ММФ и со Светската банка.
И двете институции остануваат отворени за соработка со Македонија и во секое време може да смета на нив, зашто политиките што ги водиме и вкупните релации досега се такви да Македонија покажа оти може да ја контролира состојбата и дека стои релативно подобро од некои други земји кои имаат поголеми проблеми со кризата, изјави вицепремиерот Ставрески по завршување на состаноците што, заедно со министерот Славески, ги имаа за време на одржувањето на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.
Тој, како што јави известувачот на МИА, рече дека во секој случај Владата останува ангажирана и понатаму да ја следи состојбата со Буџетот и ќе биде целосно посветена буџетскиот дефицит да не надмине 2,8 проценти и на тој начин да ја помогне стабилноста на девизниот курс.
Меѓународниот монетарен фонд, како што изјави министерот Славески, не се противи на буџетскиот дефицит од 2,8 проценти, за кој, како што вели Фондот во септември се противеше а сега смета дека е легитимно земјата што се соочува со последиците од економската криза да има буџетски дефицит.
Тој информира дека во однос на финансирањето на буџетскиот дефицит, кој во случајот на Република Македонија е повеќе за инфраструктурни проекти, Владата се обидува да најде еден одржлив пакет кој во оваа фаза го исклучува склучувањето аранжман со ММФ.
– Ги имаме направено неопходните подготовки, а за нешто разговаравме и тука. Во наредните седум до осум недели очекуваме на приватните пазари да обезбедиме средствата од 150 до 200 милиони евра со издавање еврообврзница по цена по која Владата обезбедува средства за своите потреби на домашниот пазар, што значи со девет – 10 отсто камата, истакна министерот Славески и додаде дека добредојдени се и иницијативите на ММФ, Светската банка и други институции што значат поддршка на земјите, односно олеснување на условите за кредитирање.
Во овој контекст ја спомена најавената можност земјите да можат да користат некаде 77 отсто од својата квота во ММФ без никакви услови, нешто што треба да се потврди од американскиот конгрес летото и би било на располагање некаде до есента оваа година.
Како што додаде министерот за финансии постои можност за обезбедување средства за буџетска поддршка и од Светска банка. Станува збор за средства во помал обем, за чие користење, како што рече министерот постојат разлики кај функционерите од Светска банка за тоа дали е потребен аранжман со ММФ.
– Постои некоја поделеност, а нашиот став е дека кога веќе се потврдува легитимноста земјите да имаат дефицит во буџетот и имаат потреба од финансирање дека тоа не треба да се условува со аранжман, туку е доволно и она што го кажуваат да има позитивно мислење за политиките на Владата од страна на ММФ, нешто што мислам дека ќе го имаме при претстојната посета на претставници на ММФ на Македонија од 7 до 14 мај оваа година, истакна министерот Славески.
Во разговорите со претставниците на ММФ и на Светската банка, како што рече министерот Славески, тргнувале од познатата препорака на ММФ дека заради излегување од кризата глобално им се препорачува на земјите да искористат до два проценти од БДП како фискален стимулс, што на некој начин, како што вели министерот, се одразува и на буџетскиот дефицит. – Ако тоа го препорачува ММФ тогаш ние на некој начин го поставуваме прашањето дека не треба да се поставуваат услови како земјата ќе ги обезбеди тие средства туку секоја од институциите во рамки на своите можности и процедури треба да помогне тоа да се обезбеди со најмала цена, изјави министерот за финансии кој додаде дека во таа насока се намерите на Владата да обезбеди извори и на меѓународниот пазар на капитал.
– Сметаме на средствата што ќе влезат во Република Македонија од Европска инвестициска банка, можноста за користење средства од квотата во ММФ некаде околу 77 милиони долари и евентуално до 50-тина милиони долари во наредните две години од Светска банка што би било доволно да бидеме безбедни од аспект на задоволување на потребите за финансирање на буџетскиот дефицит, појасни министерот Трајко Славески.
Тој информира дека во Вашингтон остварил средба и со претставници на одделот за фискални прашања при ММФ со кој Македонија има повеќегодишна соработка и од кои е оценет како успешен проектот за интегрирана наплата на придонесите и персоналниот данок на доход заедно со воведување на концептот на бруто плата.
Како што рече министерот Славески на средбата било истакнато дека тие подготвуваат студија на случај за воведувањто на овој концепт во Република Македонија што ќе служи како пример и на другите земји.
###