Преговорите со Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за новата кредитна линија за претпазливост завршија успешно. Договорено е користење на 480 милиони евра за наредните две години. Одлуката треба да ја потврди Бордот на директори на ММФ во јануари следната година.

&nbsp

Ова го соопштија денеска, на заедничка прес-конференција по завршување на разговорите со Мисијата на ММФ, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, шефот на Мисијата на ММФ за Македонија Вес Мек Гру и гувернерот на Народната банка на Република Македонија Петар Гошев.

&nbsp

Македонија е прва земја членка на ММФ што го користи овој нов инструмент кој е наменет за земји со здрави политики, а кои немаат потреба од финансирање, но се соочуваат со ризици што би можеле да доведат до таква потреба. Кредитната линија им дава сигурност на земјите дека доколку дојде до негативни случувања тие ќе имаат доволно средства кои ќе може да ги повлечат за да ја зачуваат стабилноста. Склучувањето на кредитната линија помага и во зајакнување на довербата и овозможува полесен пристап до средства на пазарите на капитал.

&nbsp

Кредитната линија е со времетраење од две години, во првата година ќе бидат достапни 400 милиони евра, со дополнителни 80 милиони евра. Според кредитната линија за претпазливост, потребно е да се изврши проверка на секои шест месеци за да може да се обнови кредитната линија. Целта на ваквите прегледи е да се потврдат континуираните здрави политики на властите. Не постојат критериуми или структурни репери за извршување како што ги има во стандардните стенд бај аранжмани. Дизајнирана е за да даде обезбедување.

&nbsp

– Имавме успешни преговори во врска со условите од ваквата кредитна линија и секако ќе препорачаме одобрување на барањето за ваква линија на Бродот на директори на ММФ, рече Мек Гру и додаде дека кредитната линија за претпазливост е нов инструмент на ММФ за земји кои имаат здрави основи и политики и оти Македонија е прва земја која би го користела.

&nbsp

Сето ова, како што појасни, рефлектира практика на здрави макроекономски политики, вклучувајќи ниско ниво на јавен долг и ниска инфлација.

&nbsp

– Кредитната линија ќе се заснова на економската програма на властите, поконкретно на фискален дефицит од 2,5 проценти од БДП за следната година и посветеност на следење на политиките за поддршка на девизниот режим на земјата. Мисијата смета дека политиките на властите во овие области се здрави и силни и дека претставуваат цврста основа за предложената кредитна линија, истакна шефот на Мисијата на ММФ.

&nbsp

Според него, доколку работите се одвиваат како што се очекува, во тој случај Македонија нема да има потреба да ги повлекува средствата што ќе се дадат со кредитната линија за претпазливост. Тоа ќе биде, како што појасни, како една поткрепа доколку треба да се повлечат средства за финансирање, во спротивно ако тоа не треба да се прави да не се прави.

&nbsp

Тој потенцира дека ова е особено важно во овој момент кога се уште постојат ризици што доаѓаат од другите земји во Европа, а да биде едно осигурување ако дојде до влошување на надворешните услови.

&nbsp

За тоа колку би повлекла Македонија од средствата од кредитната линија, министерот за финансии Ставрески рече дека таа е наменета како резервна варијатна кога земјата би имала потреба, а не може на друг начин да обезбеди финансирање. – Од тој аспект, ние сметаме дека со самото одобрување на кредитната линија Македонија ќе има подобар пристап до пазарот на капитал и нема да има потреба од влечење на овие средства. Се разбира, смислата на кредитната линија е да може да се повлечат средства доколку има потреба и во таа фаза доколку дојде до таква ситуација ќе одлучиме колкав ќе биде износот што ќе биде потребен, а тој износ може да се користи за сите буџетски потреби, истакна министерот.

&nbsp

Тој изрази задоволство од постигнатиот договор за користење на отворената кредитната линија и рече дека користа од неа е повеќекратна, но оти најважно е што се обезедува осигурување, односно финансирање во случај тоа да не може да се направи од друг извор, како и испраќањето сигнал до инвеститорите дека ММФ верува во квалитетот на економските политики и тоа може да помогне во процесот на емитување еврообврзница, односно да ја спушти нејзината цена. Ставрески потенцира дека останува ориентацијата на Владата и натаму доколку има добри услови на пазарот на капитал Македонија да емитува еврообврзница. Одлука ќе се донесе, како што рече, откако ќе се одобри кредитот и ќе се види како ќе влијае тој на цената.

&nbsp

Министерот Ставрески смета дека се работи за значаен износ на средства од кредитната линија, износ кој претходно Република Македонија кумулативно не го добила во изминатите 15 години и додаде дека поради тоа била определбата да се има согласност од сите субјекти во државата, со кои се направени и консултации.

&nbsp

– Сметам дека фактот што Македонија е прва земја во светот на која ММФ и ја одобрува оваа кредитна линија, а која подразбира здрави економски политики, е потврда за тоа дека и во изминатиот период економските политики на Македонија беа квалитетни и здрави и добро поставени, но се потврда и дека ММФ верува оти и во иднина Македонија ќе задржи исто ниво на квалитетни и здрави економски политики во сите сфери, пред се фискалната политика со умерено ниво на фискален дефицит, кој е планиран за следната година до 2,5 проценти, но и во делот на вкупното ниво на јавен долг, во делот на стабилноста на девизните резерви и задржувањето на стабилниот девизен курс на денарот и спроведувањето на структурните реформи кои треба да овозможат подобрување на конкурентноста на македонската економија и остварување подобри економски резултати во иднина, истакна Ставрески.

&nbsp

Гувернерот на Народна банка на Република Македонија Петар Гошев го оцени како добар договорот за користењето на кредитната линија и позитивен настан за Македонија, затоа што, како што посочи, предизвиците во светската економија се уште постојат, се уште се високи и Македонија со оваа спогодба добива уште една потврда за натамошно продолжување на водење здрави макроекономски политики.

&nbsp

– Оваа одлука значи директно соопштување до странските инвеститори и кредитори дека Македонија добива уште една потпора за обезбедување од евентуални можни ризици што би можеле да дојдат од опкружувањето, рече Гошев.

&nbsp

Според него, за монетарната политика ова е добар настан, поради тоа што се добива уште една алтернатива за екстерно финансирање на своите фискални потреби. – Добиваме, додаде, уште една алтернатива за сигурен влез на дополнителни девизни средства во Македонија, што значи многу посигурно и повисоко ниво на девизни резерви, подобар простор за продолжување на монетарната политика и за евентуално нејзино одржување и натамошно релаксирање.

&nbsp

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека кредитната линија не е дизајнирана за финансирање капитални проекти. – Македонија не може да потроши бесконечен износ на средства во една година. Ние мора да водиме сметка колкав е буџетскиот дефицит и да се вклопиме во него, бидејќи тоа ни го гради кредибилитетот. Мора разумно да се пристапи кон тоа и да се користи кредитната линија на начин како што е предвидено со актите на ММФ, појасни Гошев.

&nbsp

Зошто сега се прифаќа договор со ММФ, Ставрески образложи со тоа што сега оваа меѓународна инститиција има нов инструмент и оти доколку не постоела и сега немаше да се склучи стенд бај аранжман, бидејќи, како што рече министерот, сметаме дека со економските политики и сопствените сили може да се справиме со предизвиците.(МИА)

Comments are closed.