Отворањето нов царински премин меѓу Косово и Македонија и олеснувањето на царинската процедура придонесе за унапредување на економската соработка меѓу двете земји, оценија денска македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески и косовскиот министер за финансии Ахмет Шаља по потпишувањето на билатералната Царинска спогодба. Спогодбата ја потпишаа директорите на царинските управи на двете земји Ванчо Каргов и Наим Хургулица.
 
– Македонија и Косово не се само одлични соседи, туку имаат и одлична соработка и на политички и на економски план. Косово е седми трговски партнер на Македонија. Вкупата размена во 2010 година меѓу двете земји е 450 милиони долари, од кои 430 милиони се извоз од Македонија. Размената во 2010 година е зголемена за 30 отсто во однос на 2009, но тоа не значи дека не може да биде уште подобра, а нашата цел е таа двојно да се зголеми, изјави министерот Ставрески и додаде дека за тоа да се случи треба државата да креира услови, а бизнисмените почесто да се среќаваат.
 
Токму во таа насока, како што нагласи, е и денеска потпишаната Царинска спогодба која ќе овозможи европски начин на царинење, односно царинењето ќе биде заедничко на еден пункт.
 
Ставрески најави дека во првиот квартал од годинава се очекува да се потпише и договор за избегнување двојното оданочување, што е барање на бизнисмените и за што се почнати преговори.
 
Покрај ова, за подобрување на условите за бизнисмените, е и отворањето нов граничен премин Дебалде-Станчиќ, за што иницијативата е почната преку Министерството за надворешни работи.
 
Ставрески истакна дека ваквите можности треба да бидат сигнал за бизмисмените, како и за остварување на целта двојно да се зголеми трговската размена.
Според косовскиот министер Шаља, овој договор и она што ќе следува ќе придонесе да се надминат бариерите што постојат за бизнисмените било во Македонија или Косово, како и за заштита од шверц, организиран криминал и слично.
 
Македонија, како што посочи, е пример за спроведување на фискализацијата и Косово е заинтересирано за размена на искуства. Тој му ја пренесе иницијативата на министерот Ставрески за поинтензивни меѓусебни средби на секои три месеци.(МИА)