Со финансиска поддршка на Германската развојна банка KFW, во Македонија наесен ќе почне да се гради првиот Ветерен парк. За проектот вреден вкупно 55 милиони евра, договори денеска потпишаа Министерството за финанси, KFW Банката и АД ELEM.
 
– Денеска ја затворивме финансиската конструкција за изградба на Ветерниот парк Богданци. Со договорите што ги потпишавме со KFW Банката обезбедени се 32,9 милиони евра, а останатите 22,6 милиони ќе ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопстевени средства, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран ставрески по потпишувањето на договорите.
 
Во Ветерниот парк на 29 хектари ќе се постават 15 до 18 ветерници, секоја со капацитет од 2 до 3 мегавати. Вкупната производна моќ на Ветерниот парк ќе биде 100 гигават часови, а капацитетот 37 мегавати.
 
– Целта е искористување на обновливите извори енергија при производство на струја, намалување на емисија на стакленички гасови, но и намалување на увозната зависност на Македонија од електрична енергија, истакна директорот на АД ЕЛЕМ Влатко Чинговски.
 
Од изградбата на Ветерниот парк, Чингоски не очекува голем импакт врз намалувањето на цената на електричната енергија.
 
– Се додека овој производен капацитет го заменува увозот со домашно производство, ќе има влијание врз цената на електричната енергија. Но, не очекувам голем импакт во намалувањето на цената, ниту нејзино зголемување, нагласи Чингоски.
 
Проектот, информира, ќе се реализира во две фази. Првата опфаќа инсталирање на ветерниците и треба да заврши најдоцна за две години, а втората се однесува на дополнително инсталирање ветерни турбини со кои моќноста на Ветерниот парк ќе се зголеми за околу 50 мегавати.
 
Начинот и изворите на средства со кои се планира да се отплаќа долгот, ЕЛЕМ ќе ги обезбеди од пласманот на произведената електрична енергија во ветерниот парк.
Покрај дополнително производство на т.н. зелена енергија, АД ЕЛЕМ од проектот очекува и придобивки од макроекономски апскет. Активностите воедно ќе бидат и позитивен сигнал за сите домашни и странски инвеститори заинтересирани да вложат во вакви или слични еколошко-прифатливи енергетски капацитети во Македонија, посочи Чингоски.
 
Изградбата на Ветерниот парк е и во насока на ЕУ препораките, 20 отсто од електричната енергија да се произвдува од обновливи извори.(МИА)