Македонија е меѓу државите со најголем напредок според индексот на економска слобода за 2010, што го објавија Фондацијата Херитиџ и Вол стрит журнал. Тоа ја рангира на 56. место во светот, што е за 22 позиции подобро од претходната година.
Според Извештајот Македонија напредувала за 4,5 индексни поени, што е најмногу од сите држави во светот и се наоѓа во групата на главно економски слободни држави.
Констатиран е напредок во сферата на фискалната и трговската слобода, пазарот на работната сила, даночните реформи и монетарната слобода. Македонија, според извештајот, има високо ниво на трговски, фискални и монетарна слобода. Даночниот систем е оценет како конкурентен, а е забележано и подобрување кај даночната администрација. Монетарната стабилност се одржува релативно добро. Македонија е генерално економски отворена кон светот, а финансискиот сектор релативно добро ја преброди глобалната криза.
На Македонија и е потребно институционално подобрување во имотните правните односи и борбата со корупцијата. Судскиот систем се уште е подложен на корупција и политичко влијание, поради што не е ефикасен, а сериоозни проблеми остануваат и трговијата со луѓе, дрога и оружје, оценуваат Фондацијата Херитиџ и Вол стрит журнал.
Од земјите во регинот Албанија е на 53 место, Словенија на 61, Турција на 67, Црна Гора на 68, Грција на 73, Бугарија на 75, Хрватска на 92 и БиХ на 110-то место.
Најголеми економски слободи, според Извештајот има во Хонг Конг, Сингапур и Австралија. Меѓу 10-те земји на врвот се и Нов Зеланд, Ирска, Швајцарија, Канада, САД, Данска и Чиле, а на дното на листата се бурма, Еритреја, Куба, Зимбабве и Северна Кореја.(МИА)
Вкупно рангирање види тука
Реформи во Република Македонија види тука