Вашингтон, 24 април 2010 (МИА) – Македонија годинава ќе добие поддршка од Светска банка за реализирање проекти во енергетскиот сектор. Продолжуваат и реформите во Катастарот, како и во социјалната сфера за кои средства обезбеди оваа финансиска институција.
Ова, како што јави известувачот на МИА, е заклучокот од денешната средба на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески со високите претставници на Светска банка (СБ), извршниот директор Рудолф Јан Треферс, директорката за Македонија Џејн Армитиџ и заменик-претседателот на СБ за Европа и Централна Азија Филип Леру во Вашингтон.
Во текот на разговорите стана збор и за проектите што треба да ги опфати следната четиригодишна стратегија на Светската банка со Македонија. Висината на кредитната линија се уште не е дефинирана, но најверојатно, како што рече Ставрески, ќе изнесува меѓу 40 и 50 милиони евра годишно.
– Побаравме да има проекти за инвестиции посебно во енергетиката. Од Светска банка добивме ветување дека Македонија ќе биде поддржана во енергетскиот сектор. Веќе е договорен еден проект за 2010 година – за МЕПСО, за изградба на интерконекцијата меѓу Македонија и Србија. Разговаравме и за втор проект исто така од областа на енергетиката кој би се реализирал во 2011/2012 година. Најверојатно тоа ќе биде изградба на една хидроелектрана за што дополнително ќе треба да ги продолжиме разговорите, изјави Ставрески по средбата.
Во делот на социјалната заштита, додаде, ќе се реализира проектот за условени трансфери кон семејствата што примаат социјална помош. Тие ќе добиваат по 12.000 денари годишно со обврска да ги праќаат децата во средно училиште.
Министерот Ставрески на средбата со тимот на ММФ, шефот на мисијата за Македонија Вес Мекгру и извршниот директор Аге Бакер разговараа за идната соработка.
– Во делот на ММФ тоа се сведува на констулации околу политиките и миксот на монетарната и фискалната политика. Тука советот е да се заврши балансираниот пристап каде фискалната политика преку повисоки капитални инвестиции ќе го помогне економскиот раст во посткризниот период, нагласи Ставрески.
Тој пред менаџментот на ММФ и Светската банка ја презентирал економската состојба во Македонија. Воедно се разговарало за владините политики и реформите, дали Македонија оди во вистинската насока.
– Добро е што слушнавме дека Македонија е меѓу земјите кои најуспешно се справија со кризата и има најдобри економски резултати во однос на другите држави во Југоисточна Европа, рече министерот.
Вицепремиерот Ставрески вчера, во рамки на пролетните средби на ММФ и Светската банка, ги претстави деловните можности што ги нуди Македонија пред американски стопанственици во седиштето во Фондацијата „Херитиџ“.