Станува се поизвесно дека Македонија ќе се вклучи во гасоводот „Јужен поток“. Се разгледуваат повеќе опции како тоа да се направи, дали како крак или, пак, како транзитна линија, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешната средба со претставниците на рускиот енергетски гигант „Газпром“ во Скопје.

 

Според него, денешните разговори се чекор поблиску до реализација на проектот и скоро е сигурно дека Македонија ќе биде вклучена во гасоводот. Како што нагласи, останува уште да завршат техничките анализи за исплатливоста на гасоводот и да се подготват сите детали и податоци кои му се неопходни на Газпром за да се прецизира каде, како и со колкави количини Македонија ќе се приклучи на гасоводот, а потоа да се потпише меѓудржавен договор со Русија за негова реализација.

 

По прецизирањето на договорот ќе се знае дали делот од гасоводот во Македонија ќе се реализира со клириншкиот долг од 60 милиони долари што Руската Федерација го има кон земјава. Договор за тоа треба да се постигне меѓу двете влади и претпријатијата кои ќе го градат гасоводот.

 

Владата веќе го има формирано претпријатието „Македонија гас“ кое ќе работи заедно со „Газпром“ на реализацијата на гасоводот низ Македонија. Дали за Македонија ќе се гради само крак од гасоводот „Јужен поток“ или, пак транзитна траса ќе зависи од нашите соседи Албанија и Косово и нивните евентуални потреби за гас.

 

– Со доаѓањето на „Газпром“ во Македонија, Ќе се обезбеди долгорочна стабилност на испораката на гас, чист и обновлив извор на енергија, што ќе помогне да се зајакне конкурентноста на македонската економија и да се подигне нејзината стапка на развој. Влегувањето на Газпром во Македонија ќе го зголеми економскиот развој и ќе ја направи земјата поатрактивна за сите останати инвеститори, бидејќи ќе испрати силен сигнал дека има стабилност во испораката на потребните количини на гас за сите потенцијални инвестиции, рече Ставрески.

 

Началникот на Департментот за управување со проекти на „Газпром“ Леонид Чугунов истакна дека е неопходен период од најмалку една година за техничките подготовки по што ќе се знае дали и во каков вид ќе поминува гасоводот низ Македонија. Тој истакна дека предност на Македонија е што веќе има изработено проект за гасификација.

 

– Нас ни е многу драго што уште една европска земја сака да пристапи кон проектот „Јужен поток“ кој е наменет за сигурноста на испораката на гасот во Европа. Неопходноста од гас во Македонија, која секоја година расте, ќе се обезбедува од Газпром преку проектот „Јужен поток“, рече Чугунов.

 

Долгорочно на Македонија според проценките ќе и бидат потребни 2,5 до три милијарди метри кубни гас годишно до 2040 година, а се очекува многу брзо да се постигне сега расположивата количина на гас од 800 милиони кубни метри гас преку вкулучувањето на ТЕТО и некои други енергетски капацитети на постојниот гасовод.

 

Преку проектот „Јужен поток“ годишн од Европа ќе се транзитираат 63 милијарди метри кубни гас, од нив Македонија бара за земјава да се одвојуваат околу 2,5 милијарди годишно.(МИА)

 

слики од настанот

Comments are closed.