Скопје, 2 декември 2014 (МИА) – Финансискиот сектор во Македонија е стабилен, со позитивни трендови. Раст бележат депозитите и кредитите, кои пак се повеќе насочени кон поголемите претпријатија, а многу малку кон малите и средните претпријатија и почетните бизниси.Ова беше истакнато на 12. Конференција за финансии, деловни можности и економски развој – ФИНЕКСПО 2014, што денес се одржа во Скопје. 

– Финансискиот сектор  има позитивни трендови. Имавме висок степен на стабилност и ја задржавме и во услови кога Европа се соочуваше со висока нестабилност, но сега освен таа финансиска стабилност имаме и поосетна поддршка и од финансискиот сектор за економскиот раст. Тоа секако се должи на намалените ризици кои како финансиски институции ги перципирате во однос на домашната економија, како и на координацијата на монетарната и фискалната политика  што овозможи раст на депозитите и кредитите, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Посочувајќи дека и кредитите и депозитите растат со над 9 проценти, истакна дека ваквата стапка која се приближува кон 10 проценти, во вакви околности на македонската и европската економија е добра стапка на раст и овозможува адекватна кредитна поддршка на македонското стопанство и во исто време задржување на стабилноста на финансискиот сектор.

Смета дека позитивно е тоа  што заеднички, преку политиките што ги водат надлежните, е сочувана ниската стапка на нефункционалните кредити, која е пониска во однос на земјите од регионот.

Очекува и 2015 година да биде уште една година во која сите заеднички ќе направат да се испорача добра ликвидност за македонското стопанство и да се поддржат фирмите, како и да се продолжи со позитивниот тренд кој е корисен за компаниите, финансискиот сектор и за целокупната економија.

– Ваква  поддршка од стрaна на фискалната и монетарната политика и банките овозможува висок економски раст што претставува заеднички успех, потенцира Ставрески.

Тој додаде дека од 1 јануари поддршка ќе се даде на малите и средните претпријатија, како и на почетните бизниси преку Фондот за иновации, кој тогаш ќе почне со работа.

Појасни дека ќе се даде поддршка на четири категории, односно да се кофинансираат стартап бизниси со 30.000 евра од кои 85 проценти се финансира од Фондот, грантови за комерцијализација на иновации до 100.000 евра од кои кофинансирањето е 75 проценти, грантови за трансфер на технологии до 200.000 евра при што кофинансирањето е 50 проценти и техничка помош.

 – Овие се областите во кои Фондот за иновации ќе им излезе  во пресрет,  но очекувам во овие процеси да се вклучат и банките, со оглед на тоа што станува збор за повисок ризик, но и за можност за повисока добивка, истакна министерот за финансии.

Гувернерот на Народна банка на Република Македонија Димитар Богов истакна дека малите и средните претпријатија имаат многу отежнат пристап до кредитите и оти растот од 7 проценти во октомври е главно насочен кон поголемите претпријатија.

– Подолг период се дискутира како да се стимулира кредитирањето на овие претпријатија. Се направи и студија во која се констатира дека имаат проблем и оти се бараат начини како некои гарантни фондови би биле насочени кон земјите од Источна Европа што би бил позитивен импулс за поголемо кредитирање на малите и средните претпријатија, рече Богов.

Тој додаде дека причината за отежнатиот пристап не е само кај банките туку и кај малите и средните претпријатија каде е потребна поголема стручност за подготвување бизнис планови.

Потпретседателот на Стопанска комора на Македонија Глигор Бишев потенцира дека најголемиот товар за финансирање на фирмите паѓа на банките бидејќи во Македонија пазарот на обврзници и капитал не е развиен.

Смета дека фирмите имаат лесен пристап до кредитите, но оти се бара да се внимава во што се пласираат средствата.

– Каматните стапки се на историско најниско ниво, па и во наредниот период може да се очекува лесен пристап до кредити на компаниите и населението, но регулаторните органи сè повеќе бараат да се води сметка во што се пласираат средствата, истакна Бишев.

Додаде дека бизнисот нема проблем со ликвидноста и посочи дека таа кај компаниите расте со стапка од 8-9 проценти, а кај населението со стапка од 4-5 проценти.

Кредитите бележат раст од 9,3 проценти, депозитите од 9,2 проценти, а нефункционалните кредити се околу 12 проценти.

Претседателката на Сојузот на стопански комори Даниела Арсовска потенцира дека немаат проблем фирмите со добар историјат и оти каматите се прифатливи, но дека ниту една банка не нуди продукт кој би дал импулс на стартап бизнисите.

За состојбите во осигурувањето беше посочено дека пазарот, иако во последните години забележува раст, сè уште не е развиен бидејќи е ориентиран кон моторните осигурувања.

Comments are closed.