17 октомври 2019, Вашингтон – Делегација предводена од министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на редовните Годишни средби на групацијата на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кои се одржуваат до 20 октомври во Вашингтон.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на СБ, ММФ, Европската инвестициска банка (ЕИБ), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и претставници на други меѓународни финансиски организации и институции. Во рамки на средбите закажани се состаноци со потпретседателот на СБ за Европа и Централна Азија Сирил Милер, со потпретседателката на ИФЦ Георгина Бејкер, потпретседателот на ЕИБ Ендру МекДауел, со директорката на СБ за Западен Балкан Линда Ван Гелдер, со извршниот директор на Групацијата на СБ за Конституенцата во која е Р. Северна Македонија Кун Давидсе, со извршниот директор на ММФ за Европа Пол Томсен, извршниот директор на ММФ за Конституенцата во која е земјава Антони Деланој, со шефицата на Канцеларијата на ММФ за Западен Балкан Стефани Ебле и шефицата на мисијата на ММФ за земјава Берглјот Бјорсон Баркбу.

Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Република Северна Македонија со овие меѓународни финансиски институции.

Годишните состаноци на Групацијата Светска банка и ММФ се одржуваат секоја година. На настанот учествуваат министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите членки. Дискусијата е поврзана со актуелните случувања во светската економија и со теми како што се намалување на сиромаштијата и поттикнување на економскиот раст.

 

Comments are closed.