Денес, 05 мај 2009 година, се одржа редовниот состанок на министрите за финансии и економија на земјите членки на Европската Унија со министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите кандидати за членство – Република Македонија, Република Хрватска и Република Турција.
 
Целта на овој состанок е да се отвори дијалог помеѓу земјите членки на Европската унија, како и претставниците од Европската комисија од една страна, со земјите кандидати за членство во унијата.
Притоа, дијалогот се остварува со презентирање на економските движења во земјите кандидати, како и со прифаќање на заклучоците за Прет-пристапната економска програма, подготвени од страна на Европската комисија, а во соработка со министерствата за финансии на земјите кандидати.
Министерот за финансии д-р Трајко Славески на денешниот состанок имаше обраќање со кое беше претставена Прет-пристапната економска програма (ПЕП) на Република Македонија за периодот 2009-2011 година.
ПЕП документот преставува тригодишна макро-фискална програма во која покрај макро-фискалното сценарио земјата кандидат ги презентира и планираните структурни реформи, како и фискалните импликации од истите.
Министерот за финансии на состанокот ја презентираше економската состојба во Република Македонија, ефектите од глобалната криза врз реалниот и финансискиот сектор, како и мерките на Владата на Република Македонија за надминување на економската криза.
Истовремено, министерот Славески ги презентираше и позначајните реформски достигнувања на фискалната политика во Република Македонија, како што се воведениот рамен данок, воведувањето на концептот бруто плата и реформата на социјалните придонеси.
На маргините од министерскиот состанок, министерот Славески со својот чешки колега Мирослав Калоусек го потпишаа Протоколот меѓу Република Македонија и Република Чешка за измена на Договорот меѓу Република Македонија и Република Чешка за поттикнување и заемна заштита на инвестициите.
###