Поранешната зграда на „Југобанка“ станува Министерството за финансии. Почетокот на доградбата на постоечката карабина беше означен денеска, а треба да заврши следната година. Средствата во износ од девет милиони евра се одвоени од буџетот, а изведувач на работите е словенечката компанија „Енергоплан“.

&nbsp

– Со инвестицијата вредна 550 милиони денари, карабината изградена во далечната 1989 година ќе добие фасада во неокласистички стил, но со современ концепт на внатрешно уредување и најсовремена технологија во самиот објект. Изгледот на зградата ќе биде репрезент на значењето и традицијата на институцијата сместена во него, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на означувањето на почетокот на доградбата на објектот.

&nbsp

Симболично на неокласичната надворешна градба, како што додаде министерот, Министерството за финансии и во новата зграда ќе ги спроведува доследно класичните вредности на фискалната политика – стабилни јавни финансии, со ниско ниво на буџетски дефицит, низок јавен долг и ниски даноци. Внатрешноста на зградата ќе биде современа и со најмодерна технологија која, повторно симболично, ќе ја користат современите, креативни и високостручни кадри во Министерството кои се карактеризираат со многу знаење, идеи и работи, истакна министерот Ставрески.

&nbsp

Тој истакна дека со доградбата на овој објект ќе биде надминат проблемот што се јавува поради користењето различни локации во кои е сместено сега Министерството за финансии и кое го отежнува нормалното и ефикасно функционирање.

&nbsp

Напоменувајќи за немили настани поврзани со овој објект, министерот рече дека неговата доградба ќе значи поголема безбедност за станарите, но и за градот Скопје.
За премиерот Никола Груевски ваквиот потфат трајно ќе го реши деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа на Министерството за финансии, а државата ќе заштеди значителни средства за закупнина за објектите во кои функционира Министерствтото. – Тоа е сместено во деловни простории на осум различни локации, од кои за пет локации се плаќа закуп, рече премиерот, додавајќи дека со доизградбата на објектот овој проблем ќе биде надминат и за една година оваа зграда ќе прерасне во модерен и функционален објект во кој ќе биде сместено Министерството за финансии, вклучувајќи ги Управата за имотно-правни работи, Државниот девизен инспекторат и Бирото за јавни набавки.

&nbsp

Тој додаде дека со изградбата на овој објект и завршување на изградбата на новите згради за Министерството за надворешни работи, на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Кривичниот суд на Република Македонија, Јавното обвинителство, Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј, новата концертна сала на Македонската филхармонија и серија други капитални објекти ќе овозможат вистински услови за работа на институциите и вработените во нив. Тие ќе придонесат да се подобри квалитетот на услугите за граѓаните, а истовремено се стимулира и помага градежниот сектор.

&nbsp

Објектот ќе биде распространет на 14.000 метри квадратни, распоредени на 11 нивоа. Зградбата ќе биде енергетски најефикасниот јавен објект во Македонија и еден од најсовремените во регионот. Ќе бидат вградени најсовремени материјали за изолација на објектот, независен систем на затоплување и ладење со клима комори и употреба на стакло со високосоларен коефициент на трансмисија. Зградата ќе биде во групата СМАРТ згради – насочена кон заштеда на енергија и заштита на околината. Во зградата е предвиден и современ прес-центар. Предвидена е и најсовремена компјутерска систем сала, направена по најстроги стандарди, која ќе овозможи непречено и стабилно функционирање на целокупниот компјутерски систем на Министерството, а пред се на Трезорот и Буџетот како витални сектори на Министерството за финансии и на платниот промет во државата.

&nbsp

Според директорот на „Енергоплан“ Стојан Лозар, изградбата на овој објект нема да биде само една модерна деловна зграда, туку и почеток на нови инвестиции и заеднички деловни предизвици.

&nbsp

Како што рече тој, работите треба да завршат во првиот квартал на 2012 година.

&nbsp

Енергоплан е меѓународна градежна компанија, присутна во 10 земји од Југоисточна Европа.(MIA)

Comments are closed.