Министерството за финансии до Владата ќе поднесе предлог за продолжување на рокот за поднесување барања за откуп на дворното место за едно евро по метар квадратен.
 
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува предлогот на Минстерството да биде прифатен, а Владата ќе треба да донесе одлука која од двете понудени алтернативи ќе биде прифатена.
 
– Министерството за финансии во изминатите денови работеше на анализа на резултатите од проектот „Откуп на дворно земјиште за едно евро по метар квадратен“. Анализата е завршена, а резултатите се дека проектот се покажа исклучително успешен. 102.114 граѓани, односно семејства поднеле барање во законски утврдениот рок за овој проект. Од оваа бројка 100.338 се барања од физички лица, а останатите 1.776 се правни лица или фирми кои ја искористија можноста да го откупат земјиштето по пониска цена, изјави министерот Ставрески.
 
Според него тоа е огромен успех.– Проектот, додаде минситерот, е еден од најмасовните проекти во историјата на Република Македонија кој наиде на одѕив на над 100.000 физички и правни лица, кое покажува дека проектот беше добро дизајниран и точно според потребите на граѓаните и потребите на фирмите.
 
Тој истакна дека во анализата, Министерството укажува дека одреден број на физички и правни лица, што од објективни што од субјективни причини во предвидениот рок не поднеле или не стигнале да поднесат барање, како што се некогаш недоволна информираност, непостоење детални урбанистички планови и слично.
 
Како што информира министерот, Владата уште утре на седница ќе решава по ова прашање, а Министерството ќе понуди две алтернативи со пократок и подолг рок.
 
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се итнервенира од стоковите резерви со пченица, минстерот Ставрески рече дека денеска и утре се водат разговори со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и други економски ресори во Владата и Агенцијата за стокови резерви и оти ќе се направи оценка дали има потреба од интервенција.
 
– Ние ја следиме ситуацијата и доколку има потреба и доколку таа мерка може да влијае значително на стабилизирање на пазарот и пазарните услови може да се очекува Владата да ја разгледа таа ситуација и да се донесе соодветна одлука, рече министерот и додаде дека треба да се имаат предвид и општите движења на светските берзи, односно колку евентуално користење на стоковите резерви може да го ублажи тој удар што доаѓа од светските берзи.
 
За издавањето на еврообврзница, министерот Ставрески рече дека се следи пазарот на капитал и состојбите на пазарот и оти во првиот кваратал од годинава ќе се одлучи во одредена фаза доколку се соодветни условите да се излезе на пазарот на капитал, но зависи од тоа дали ќе бидат погодни условите.(MIA)