Премиерот Емил Димитриев, придружуван од министерот за финансии Кирил Миноски и од министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денес го посети Стајковци кое беше зафатено од поплавите.

Димитриев ги информира жителите дека од денес комисиите за проценка на штетите се на терен и дека по извршената проценка средствата ќе бидат префрлени на граѓаните, а наскоро ќе почне и исплатата на еднократната парична помош за семејствата што загубија некој член во поплавата.

– Формирана е централна комисија за проценка на штети. Ќе се  формираат и поголем број општински комисии  бидејќи теренот што треба да биде покриен е голем. Согласно проценките на тие општински комисии, преку централната комисија во корелација со Министерството за финансии и Владата ќе ги надоместиме штетите, изјави Димитриев.

Тој истакна дека на теренот се ангажирани и војската и полицијата, волонтери и доста градежна механизација и оцени дека во однос на вчерашниот ден денес начинот на организирање е многу подобар и дава ефекти. 

– Најважно е што во населените места одредивме координатори од Владата, тоа се министри, бидејќи ангажирани се повеќе институции и некој треба да ги координира  меѓусебно. Овие министри  ќе бидат постојано тука на терен, присутни за координација, да имате кому да се обратите за помош, за да биде тоа испланирано, да се дадат приоритети каде треба да се насочат ресурсите, рече Димитриев.

 

Comments are closed.