Во повеќе земји овие програми се поддржани од државата, но главната поддршка доаѓа од невладиниот и од приватниот сектор. Околу 250.000 средношколци од земјите на ЕУ секоја година се вклучени во овие програми, со тенденција на постојан пораст.
Во повеќе земји овие програми се поддржани од државата, но главната поддршка доаѓа од невладиниот и од приватниот сектор. Околу 250.000 средношколци од земјите на ЕУ секоја година се вклучени во овие програми, со тенденција на постојан пораст. Зошто не би им се приклучиле и македонските средношколци?
Во современите економии, развојот се базира на иновации, знаење и конкурентност. Земјите што сакаат да одат напред, мора своите политики да ги фокусираат кон иновации и знаење, како компоненти на вкупната конкурентност на економијата. Промовирањето на знаењето и иновациите подразбира всушност промовирање на претприемачка култура кај младите луѓе, почнувајќи уште од основното и средното образование. Во таа насока се и заклучоците од Лисабонската декларација од 2000 година, која го дефинира претприемништвото како една од новите базични вештини, обезбедена преку целоживотно учење и промоција на претприемнички дух и вештини во сите нивоа од образовниот процес. Остварувањето на оваа цел прерасна во едно од централните прашања во политичката агенда на земјите од ЕУ.
Соодветно на европските препораки, Владата на Република Македонија во минатата година првпат го воведе претприемништвото како предмет во средното образование. Улогата на средните училишта, а подоцна и факултетите во јакнењето на претприемничката „матрица“ во главите на младите луѓе, е нагласена меѓу другото и во Европската повелба за мали претпријатија акциониот план „Европска агенда за претприемништво“ .Претприемништвото несомнено е двигател на знаењето, иновациите и економскиот раст. Традиционалното сфаќање е дека претприемништвото се сведува на учење како да се води една компанија, но, всушност, тоа е само еден негов аспект. Претприемништвото треба да се разбира во неговото пошироко значење, бидејќи претприемничкото знаење и вештини обезбедуваат поширока општествена корист над нивната примена за бизнис активности. Имено, тие се средство за развој на личноста, индивидуата. Стекнувањето претприемнички вештини вклучува развој и стекнување на индивидуални квалитети, како што се креативност, иницијативност, одговорност, квалитети што се значајни и корисни и во приватниот живот на секоја работоспособна личност. Во основа, европската дефиниција за претприемничко образование се однесува на две различни нивоа на образование, што се во основа комплементарни: прво, поширокиот концепт на стекнување на претприемнички дух и вештини, што опфаќа развој на одредени индивидуални квалитети и не е директно фокусирана на креирање нови бизниси; и второ, поспецифичниот концепт на тренинг како да се развие и води сопствен бизнис
Во рамките на втората компонента, во многу европски земји во завршните години од средното образование учениците имаат можност да формираат и да водат сопствени мини-компании како дел од образовниот процес. Оваа методологија се покажа како многу успешна за развивање на претприемнички вештини и знаења преку директни искуства во развивањето и водењето на сопствени компании. Целта на овие проекти е учениците да развијат мини-компанија како реална економска активност, односно да реплицираат на реалистичен начин искуство од работењето на вистински компании. Иако овие мини-компании работат во ограничен обем и за педагошки цели, тие сепак произведуваат и продаваат реални производи и услуги. Учениците сами го избираат производот или услугата, сами одлучуваат кои меѓу нив ќе ја раководат компанијата и како ќе обезбедат средства. Тие самите подготвуваат бизнис-план и маркетинг-стратегија, но и го произведуваат производот или ја обезбедуваат услугата. Компанијата мора добро да планира како и од каде ќе ги набави суровините и како ќе обезбеди финансиски средства. Учениците потоа ги продаваат производите/услугите во самите училишта, но и вон нив, и водат сопствено сметководство. На крајот на учебната година компанијата се ликвидира, а учениците поднесуваат извештај за нејзното работење. Улогата на наставниците во овие проекти е помошна: тие не им наметнуваат идеи на учениците, туку им помагаат преку совети и поддршка. Идејата е сета креативност, но и одговорност, да бидат на учениците, со цел преку директно ангажирање да стекнат практични искуства. Тоа секако подразбира и правење грешки и учење од нив, односно осознавање какви се последиците од тие грешки.Иако основната цел на овие проекти е учениците да стекнат базични конкретни знаења како да водат бизнис, тие придонесуваат и за стекнување лични квалитети и трансферзални вештини што се многу значаји за секој човек што живее и работи во едно конкурентно општество базирано врз знаење. Како резултат на учеството на учениците во сите фази, од регистрирањето на компанијата до нејзиното управување, работење, маркетинг и продажба, тие стекнуваат знаења и вештини како да работат во тим, како да ги подобрат своите комуникациски способности, како да развијат ентузијазам и самодоверба, желба за натпревар и конкурентност, како да научат да бидат поодговорни и да преземаат иницијатива, итн.Овие програми може да се применуваат во сите фази на средното образование и во сите видови на средно образование: од општите училишта до вокациското и стручното образование. Програмите во европските земји се применуваат најчесто како интегрален дел на наставните програми во редовните образовни часови, но и како дополнителни програми по завршувањето на редовната настава. Во повеќе земји овие програми се поддржани од државата преку финансиска и друга помош, како и промоција на овие проекти и нивно вклучување во наставните програми. Сепак, главната поддршка доаѓа од невладиниот и од приватниот сектор, кои соработуваат со образовните институции во развивањето на проектите. Вкупно околу 250.000 средношколци од земјите на ЕУ секоја година се вклучени во овие програми, со тенденција на постојан пораст. Зошто не би им се приклучиле и македонските средношколци?
Зоран Ставрески