Скопје, 17 јули 2016 (МИА) – Одлуката на Светска банка да и стави на располагање на Република Македонија 25 милиони евра средства наменети за капитални инвестиции во општините пред изборите е уште една добра вест и верификација на економските политики на Владата, вели министерот за финансии Кирил Миновски.

– Владата одржува постојано добри односи со речиси сите меѓународни финансиски институции вклучително и со СБ. Станува збор за кредит кој има за цел подобрување на квалитетот на општинските услуги. Во периодот кога беа закажани изборите дојде до извесно одлагање на овој износ од 25 млиони евра. Со информацијата дека ни се одобрени овие средства се дава еден позитивен импулс на инвестициската активност на ниво на единици на локална самоуправа со што ќе дојде до изградба на инфаструктурни објекти, водоводи и училишта на локално ниво, изјави Миновски во интервју за ТВ „Сител“.

Тој додаде дека со првите средства од кредитот од СБ за подбрување на општинските услуги беа реализирани речиси 70 капитални проекти на локално ниво.

– По одобрувањето на овие средства ние веднаш ќе пристапиме кон објавувањето на повик на кој општините ќе можат да аплицираат со нивни проекти за користење на овие средства коишто несомнено ќе придонесат за економскиот раст во вториот квартал од 2016 година, рече Миновски.

Во однос на повлекувањето на резидентниот претставник во канцеларијата на ММФ е, вели, пред се од интерни причини.

– Државите кои што немаат кредитен аранжман со ММФ во најголем дел од нив нема резидентен претставник. Но, тоа не значи дека канцеларијата на ММФ е затворена, вели министерот за финансии Миновски.

Comments are closed.