Скопје, 20 февруари 2017 (МИА) – Државата редовно ги сервисира обврските кон стопанството, изјави  министерот за финансии Кирил Миноски.

Миноски за ТВ Нова вели дека државата не должи кон стопанството, одговарајќи на тврдењата на некои од претставниците од стопанските комори, дека новата влада кога ќе се формира треба да се задолжи со милијарда евра за да се раздолжи.
– Во име на Министерството за финансии би сакал да ги демантирам тврдењата на дел од претставниците на стопанските комори дека постојат нереализирани обврски од страна на Министерството за финансии кон приватните компании. Сите доспеани обврски во трезорот на Министреството за финансии благовремено се реализираат, истакна Миноски.

Министерот за финансии како парадокс ги оцени изјавите на претставници на Стопанската комора дека треба да се земе кредит од милијарда евра од страна на државата, бидејќи истите тие тврделе дека државата е презадолжена, а сега се демантираат и бараат ново задолжување од милијарда евра.

– Сметаме дека овие изјави се тенденциозни и звучи парадоксално, но оние кои ги заговараа тезите за висок јавен долг, денес говорат дека постои простор за дополнително задолжување од милијарда евра и сето тоа оди во насока на определени политички опции кои што имаат определени политички амбиции, изјави Миноски.

Според него, за добрата макроекономска политика која се спроведува, како и за нискиот и одржлив јавен долг, пишува и во најновиот извештај на кредитната агенција Фич и тој, како што вели, е потврда за економските политики на Владата, а рејтингот на земјава би бил поголем доколку нема политичка криза.

– Согласно последниот извештај на Фич се потврдуваат добрите економски политики на Владата. Единствена причина поради која што Македонија доби потврда, а не покачување на кредитниот рејтинг е политичката криза. Доколку ја немавме политичката криза Македонија би имала многу подобар рејтинг базиран на добрите економски политики кои ги водиме, изјави Миноски.

Согласно проекцијата на Фич, македонската економија за 2017 ќе има економски раст од 3,4 отсто благодарение на растот на извозот и на јавните и приватните инвестиции.

Comments are closed.